Дали сте за Ѝ„%“Y со 5@6<&ЖZ>Q? Да или не???

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Светот упаѓа во се подлабока криза којашто поприма толку чудовишни размери, што веќе заличува на морничав сон во кој сите се возиме на ролер-костер, или, како што го викавме во едно дамнешно минато – луда железница, и како и во секојсоновен кошмар, совршено ни е јасно дека неверојатната брзина што збеснатата машина ја развива неминовно ќе заврши со катастрофа, со откачување на вшинетите вагончиња, и сите ќе бидеме испукани некаде во темниот амбис, каде што до еден трагично ќе исчезнеме, но, воедно, чувствуваме и весели пеперутки во стомаците како да нѝ се случува нешто единствено и неповторливо убаво, и држиме гримаси на восхитеност и одушевување, фацијални маски чиишто грчеви се повеќе се ледат и заличуваат на претсмртни крикови…

Човек што нема попаметна работа отколку да ги прегледува светските информативни медиуми, да ги споредува и вреднува „фактите“ што експлодираат и фрчат ко шрапнели, а сето тоа само за да се здобие со некаква рационална претстава за случувањата што ќе ја одлучат нашата судбина во најскорешната иднина, велам, таква залудна денгуба денес не само што нема шанси да препознае никакава разумна линија според која настаните ќе се одвиваат, туку може само да се доведе во непријатна ситуација да се посомнева во сопственото ментално здравје. А, она што најмногу го збунува здравиот разум е што на сите политички настани со многу средби на државници и соопштенија за се порадикални и поопасни одлуки, мерки и политики, на лицата на говорниците стоигримаса на восхитеност и воодушевување, гордост и победничка самољубивост… иста онаква маска на насмеаната смрт каква што беше залепена на лицата на патниците на откачените вагончиња од опишаниот кошмарен сон.

Оваа горделива, самобендисана и од сопствената глупост восхитена милитаристичка еуфорија што дува од северно-американскиот континент, па преку Атлантикот и Европскиот огранок на НАТО, се засилува на руската континентална плоча од Балтичкото Море до Владивосток, може да се споредува единствено со одушевувањето што во нацистичката публика го предизвика познатиот Гебелсов говор во берлинската палата на спортовите 1943 година. Се сеќавате, почитувани читатели, нели?

Елем, по ужасниот пораз во Сталинград и во атмосфера на секојдневни сирени за тревога, сојузничките бомбардирања и палења на германските градови, министерот за пропаганда Гебелс одлучува дека е неопходно да ја возобнови подршката на масите за воената политика на власта. Ја полни салата на спортовиво Берлин со луѓе, на кои им го кажува ставот на англиската пропаганда: „Англичаните тврдат дека германскиот народ е против владината стратегија на тотална војна. Англичаните велат дека народот не сака тотална војна, дека народот сака да се предадеме.“ Тука велемајсторот на пропагандата прави драматична пауза во говорот, што предизвикува штама во преполната сала, и во таа тишина Гебелс со предизвикувачки глас, веќе пискајќи прашува: „Сакате ли тотална војна?!“ Во салата сите губат присебност и врескаат: „ДА, ДА, ДА!“ Гебелс продолжува со дијалогот: „А, ако е потребно, дали сакате војна пототална и порадикална од што и да е, што може да се замисли денес?“ Масата татни веќе сосем без контрола: „ДА, ДА, ДА, ДАААА!“ Тука Гебелс како харизматичен диригент финишира: „Сега, народе, станете сите и нека отпочне бурата!“ Сите рипаат, егзалтирани и насмеани, со устите отворени: „ААААААААА!“ Ужас. А оние што паметат што се случило потоа, веќе никој на светот не ги слуша. Ако сте ја заборавиле оваа инфернална сцена, забележана на црно-бела филмска трака, можете секојдневно да ја видите во колор, во различна интерпретација и мизансцен, на вашите домашни или џебни екрани.

Она што е најзагрижувачко во експлозиите на тоталитаризмот е речиси нечовечкото непостоење на стравот, на оној длабоко хуман страв од војна, страв од страдања и уништувања, на чувството за страв што ја исцртува силуетата на нормалноста, на животот. Што пушеле денешните политички елити, заедно со армиите медиумски и други аналитичари, советници и мешетари, кога не само што не чувствуваат страв од грозотите на војната и нукреарниот холокауст – што ние во 20-иот век живо го сеќававме на кожа, и се ежевме од ужас – туку и весело расправаат за неговата веројатност одејќи по сечилото на веројатноста и дури правејќи се што можат да се приближат до работ на амбисот и воената катаклизма. И сето тоа, предизвикувањето на злата судбина – во име на целото човештво – тие премиери и претседатели, министри и генерални секретари го прават со меѓусебно буцкање и непристојно смеење, со инфантилност и неразбирање на реалноста што им доликува на 11 годишни деца чиешто животно искуство се стекнало само од насилни видеоигри.

А никој подобро не ја опиша вредноста на чувството на страв од Надежда Мандељшам: „Кога човекот е осуден на пропаст, тој веќе нема страв. А, стравот е нитка надеж, стравот е волја за живот, стравот е потврдување на самиот себеси. Стравот е вистинското европско чувство кое се негува со самопочитувањето, со спознавањето на сопствената вредност, на своите потреби, права и желби. Човек се држи до оноа што го има и се плаши да не го загуби. Стравот и надежта се заемно тесно поврзани. Кога ја губиме надежта, го губиме и стравот – веќе немаме за што да стравуваме.“

Во планетарната криза во која што се наоѓаме, најважно е да ја вложиме сета присебност, разум и хуманост што можеме да ги исцедиме од нашите мозоци и однашите души, за да го најдеме излезот од неволјата, да го обезбедиме опстанокотна цивилизацијата. Затоа, ќе ги мобилизирам сите мои интелектуални капацитети да придонесам кон решавањето на судбинските прашања на планетата, прашања што и те како ја одредуваат нашата македонска иднина. Сите сфаќаме дека формулацијата на референдумското прашање е најважната работа што еден Македонец може да ја изроди во полза на опстанокот на светот и на нацијата, во време кога планетата се соочува со егзистенцијална криза. Еве, го давам својот патриотски придонес, референдумското прашање треба да гласи: Дали сте за Ѝ„%“Ѕ со 5Ж6<&ЖЗ>Љ? Да или не??

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот