Дали „Слободен печат“ е неподобен за ЕУ?

Насловна понеделник

Иако редакцијата навреме ја почна процедурата, од прес-службата на ЕУ од Брисел и од канцеларијата на ЕУ во Скопје не бевме удостоени ниту со елементарен одговор на барањето за акредитација на наши новинари за да известуваат од дијалогот Белград-Приштина во Охрид, регионална тема од висок интерес за јавноста во нашата земја.

Следејќи и подржувајќи ја стратешката определба на нашата земја за целосна евроатлантска интеграција, како медиум секојдневно даваме посебно внимание на темите поврзани за Европската Унија, НАТО, регионални иницијативи и слично. Во тој дух, имавме намера да известуваме од самото место за средбата одржана во Охрид минатиот викенд помеѓу премиерот на Косово и претседателот на Србија, а под покровителство на ЕУ во врска со преговорите меѓу Белград и Приштина.

За жал, овој пат, од непознати причини бевме игнорирани од страна на прес-службата на ЕУ од Брисел, како и од домашната канцеларија на ЕУ во Скопје. Не бевме удостоени ниту со елементарен одговор на нашето барање за акредитација на наши новинари, кои требаше да известуваат од средбата за оваа регионална тема од висок интерес за јавноста во нашата земја. Бевме принудени да ја информираме повикувајќи се на разни коминикеа и на изјави од учесниците на самитот добиени од странски медиуми, а бевме земја домаќин!

Имено, нашата редакција на 9 март преку електронска пошта уредно се обиде да се акредитира на сајтот на Европската комисија, EEAS (организатор на средбата Србија-Косово), со цел да добие дозвола да известува за настанот во Охрид. Иако, на прв момент, тоа изгледаше успешно изведена постапка за акредитација, бидејќи добивме повратен одговор од кабинетот на портпаролот за надворешната политика на Европската комисија Петер Стано дека ја ценат нашата заинтересираност како медиум да известуваме за дијалогот Белград-Приштина, во имејлот ни беше посочено дека дополнително ќе нè контактираат во деновите што следуваат, сè со цел да се заврши процедурата на акредитација.

Сепак, повеќе од десетина дена од првичниот имејл до редакцијата на „Слободен печат“ не дојде официјално известување од ЕУ дали на нашиот медиум му е дадена дозвола професионално да присуствува и да известува од Охрид. Во меѓувреме, нашето барање беше повторено во телефонски разговор со надлежните во EEAS (организатор на средбата Србија-Косово) во Брисел; резултатот е познат.

Деновиве „Слободен печат“ дојде до информации кои говорат дека организаторот на настанот, ЕУ, на истата имејл адреса на која нашата редакција испрати порака на 9 март – потврдно им одговориле на новинарските редакции од соседна Србија и од Косово. Зошто тоа не бил случај и со нашата редакција, за сега немаме одговор.

Со цел да се разјасни настанатата состојба, поради која на нашата редакција ѝ беше ускратено да информира од охридската средба, побаравме одговор и од кабинетот на амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија Дејвид Гир, но и од портпаролот за надворешна политика на Европската комисија, Петер Стано. Од канцеларијата на ЕУ во Скопје кратко ни одговорија дека не станува збор за никакво игнорирање на „Слободен печат“ во однос на тоа зошто нашата редакција не доби акредитација за настанот во Охрид, туку кратко објаснување дека можеби станува збор за пропуст во координацијата на Брисел со медиумите.

Не сакаме да веруваме дека станува збор за дозирање информации, или за избирање подобни и неподобни медиуми. Доколку станува збор за бирократска грешка, тоа објаснување како медиум можеме да го „проголтаме“. Во време кога поддршката на нацијата кон нашите стратешки стремежи земјата да стане полноправна членка на ЕУ – бледнеат, сметаме дека гафот на ЕУ-бирократијата (не само кон нас) оди на рака на евроскептиците, дежурните продавачи на магла и опсценари, ретроградните сили и генератори на лажни вести, односно оди во прилог на сите против кои нашата куќа се спротивставува со својот вкупен медиумски потенцијал, а во служба на јавноста.

„Слободен печат“е лидер во својата категорија во медиумската индустрија во земјава, медиум од кредибилитет и доверба, граден врз основа на општопознатите постулати и узанси на современото новинарство. Бескомпромисен, константен критичар и буден набљудувач на сите девијантни појави и процеси во општеството и во нашата стварност. Да се биде на висина на задачата е ѓаволски тешка работа; нашиот читател заслужува навремена, проверена информација, пренесена од кредибилен медиум. Сè друго е поигрување со вистината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот