ДАЛИ ШЕФИЦАТА НА СЈО Е ВМЕШАНА ВО РЕКЕТ? Падот на Јанева води во нова агонија

Фото: Слободен печат

Ако се докаже дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева сепак била ортак со неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски, во изнудувањето рекет од дел од обвинетите во предметот „Империја“ на СЈО, тогаш целата држава ќе ни падне во една страшна агонија кога станува збор за довербата на народот во правосудните органи. Ова го тврдат правните експерти кои објаснуваат дека потврдата за запливувањето на Јанева во криминалните води буквално ќе го изгасне и последното фенерче на патот што води кон правдата.

Со самото формирање на СЈО во 2015 година, велат експертите, кај народот се роди огромна надеж и еуфорија дека конечно ќе им се испише крајот на сите криминални приказни во земјава, но наместо тоа, додаваат правниците, по завчерашното конфискување на мобилниот телефон на Јанева и нејзината посебна блискост со веќе притворениот Јовановски, можно е на крајот да излезе дека една иста таква криминална приказна се ткаела и во самиот врв на Обвинителството, чија задача беше да се бори против такви криминалци. Во секој случај, објаснуваат правниците, каков и да биде исходот од истрагата, тоа не смее да значи стопирање или повлекување на другите предмети што ги води СЈО.

Огромно разочарување

Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, вели дека сите претпоставки дека Јанева би можела да биде инволвирана во рекетирањето, само дополнитело ја фрлаат во темнина довербата на граѓаните во правосудниот систем.

– Првата грешка беше тоа што воопшто Јанева беше избрана за прв човек на СЈО, затоа што на таква позиција требаше да се постави човек без никакви дамки, со огромно искуство и со желба за правдина, но и кој е отпорен на било какви искушенија. Жално ќе биде ако се докаже дека Јанева паднала на искушението и загризала од „отровното јаболко“. Како и да е, најголема психичка тортура сепак ќе претрпи народот, кој и покрај 11-годишното разочарување што го доживуваше во времето на минатата власт, тој овојпат во СЈО виде барем едно зрно светлина. За жал, со ова што се случи завчера и таа мала светлина исчезна и целата таа надеж испари. Во секој случај, сметам дека СЈО треба да продолжи со својата работа и да докаже дека е сериозна институција. Сакам да верувам дека неправдата нема да остане несанкционирана, но секако, сега треба да внимаваме и на тоа кој ќе го преземе местото на Јанева во СЈО, како и да се надеваме дека тој човек ќе биде имун на искушенија – објаснува Ивановски.

Претседателката на Институтот за човекови права и поранешна судијка во Европскиот суд во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека не сака ни да си помисли дека Јанева била вмешана во изнудувањето рекет, бидејќи, како што вели, тоа би било еднакво со катастрофа.

– Народот имаше голема доверба во СЈО, па ова наводно вмешување на Јанева во криминалните води практично ќе го удри од земја и ќе му ја одземе секоја ронка надеж. Јас мислам дека сите процеси на СЈО мора и натаму да се процесираат, без разлика на тоа што досега правела Јанева, секако ако се докаже дека правела. Секој ќе си сноси одговорност за сопствените постапки, но тоа апсолутно не значи дека предметите треба да се повлечат или да се стопираат. Само така ќе докажеме дека го почитуваме принципот владеење на правото и дека немаме селективен пристап – вели Николовска.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ само накратко искоментира дека евентуалната инволвираност на специјалната обвинителка Катица Јанева во целата оваа работа ќе претставува огромен срам за правосудниот систем во земјава, а додаде и дека сега дополнително ќе се зголеми недовербата на граѓаните во институциите.

– Правосудниот систем го допре дното. СЈО кое беше формирано поради нефункционирањето и политичката заробеност на редовното обвинителство, испадна навистина специјално и во делот на противзаконитоста. Ако сето ова се докаже како точно, тоа значи дека „чарлиевите ангели“ се претворија во ѓаволи и нанесоа огромен срам на сите оние кои веруваа во нив – вели Давидовиќ.

Војна со мафијата

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска порача дека на земјава не ѝ требаат реформи, туку длабок рез и војна со мафијата. Таа истакна дека таа борба може да ја води само некој што верува во правото, кој го спроведува правото и кој е подготвен да се спротивстави на искушението на неправото.
– Сè друго само ѝ оди на рака на мафијата која на крај ќе се извлече. Не ни треба помирување со мафијата. Ни треба војна со мафијата. Не ни требаат преговори со мафијата. Ни треба сосекување на мафијата до корен. Не ни требаат реформи. Ни треба длабок рез со кој ќе се исчисти гнојот насобран со години – порача Најчевска.

Од големи очекувања до големо разочарување

Иако се очекуваше да го засили темпото со промената на извршната власт и рекордната поддршка од 63 отсто да ја верификува со резултати, СЈО, предводено од Катица Јанева, западна во длабоки компромитации и голем пад на рејтингот, за пикот на сè да биде нејзината неочекувана оставка и евентуална поврзаност со рекетари. Таквиот, условно наречен крај е над посакуваните очекувања дури и за најголемите нејзини критичари.

Инаку, СЈО во досегашниот безмалку четиригодишен мандат на Јанева преслуша, анализираше и обработи околу 600.000 аудиофајлови, а за својата работа има финансиски буџет од околу три и пол милиони евра годишно. Доби пет осудителни предмети, а еден загуби пред Основниот суд. Мандатот на Јанева истекува на 15 септември годинава, односно за два месеци. Ако до тогаш не се избере нов обвинител или не се смени законот, нема кој да ги застапува предметите на СЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот