Дали Радев уценува или пријателски предупредува?

Фото: МИА

Владата и Министерството за надворешни работи директно не ја коментираат вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев во која тој предупредува дека ако нема договор за Гоце Делчев и учебниците Бугарија ќе го блокира приемот на земјава во ЕУ. Поранешниот амбасадор Ѓорги Спасов пак вели дека ова не е уцена. Според најавите следниот месец треба да има нов состанок на историчарите кој може да биде и последна шанса за наоѓање решение за отворените прашања.

Од владата го повторуваат ставот дека земјава има заслужена одлука за старт на пристапни преговори во октомври.

– Во однос на нашата европска интеграција Република Бугарија ја гледаме како еден од најблиските партнери и сојузници, кои активно и многу посветено се ангажираат за интеграцијата на целиот Западен Балкан како во минатото така и денес. Бугарската држава тоа најдобро го докажа за време на претседавањето со Советот на Европската унија, со кое нашиот регион повторно го врати во фокусот на европската агенда. Фактот што Бугарија и Северна Македонија ќе ко-претседаваат со Берлинскиот процес во 2020 година зборува за нашата блиска соработка и партнерски односи – велат од Владата.

Сепак, состаноците на преговарачките тимови не се забрзуваат. За инсистурањето на Радев, не сакаше да одговори ниту МНР, од каде нè упатија на одговор во Владата. Претседателот на македонската историска Комисија, професорот Драги Георгиев, кој претходо имаше изјава дека ако бугарската страна притиска дека ќе пропаднат преговорите, денеска не сака да коментира.

-Не би сакал да коментирам изјави на политичари, ниту да дадам изјави во овој момент за процесот – кусо одговори.

Поранешниот амбасадор во Бугарија, Ѓорги Спасов, во изјавата на Радев не препознава уцена, туку корист на македонската страна, бидејќи ако има прашања кои не се надминати, тогаш ќе се решаваат во бугарскиот парламент.

– Мислам дека претседателот Радев дал релативно коректна изјава во врска со работата на Заедничката комисија за историскии образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Тој рекол дека добро би било да се надминат преостанатите недоразбирања ако се уште постојат, во некој разумен рок. Не е добро со влезот на Македонија во ЕУ да се внесуваат нерешени прашања меѓу соседите. И ако останат некои нерешени прашања ќе треба Парламентот на Бугарија да оцени како ќе ги надминува тие проблеми со својот сосед Северна Македонија. Тоа според мене не е уцена, туку тоа е и наша цел и политика. И ние сакаме да се најде заеднички прифатливо решение за некои оценки во учебниците во разумен рок и нашата земја да влезе во ЕУ без спорови со соседите. Работа на дипломатијата и на политичарите е да најдат излез и од состојби кои на прв поглед изгледаат безизилезни. На тој план е веќе направен голем исчекор во односите со Грција и со Бугарија и таа политика на добра соработка и покажувањето добра волја па и трпеливост од двете страни треба да продолжи во интерес на сите земји од регионот – изјави за „Слободен печат“ Ѓорги Спасов, поранешен амабасодор во Бугарија.

Радев во вчерашната изјавата ги предупреди македонските власти за последиците од непостигнување на договор.

-Ако вие почитувани господа можете да дадете гаранција дека во рамките на преостанатиот еден месец, вашата комисија ќе ги реши сите спорни прашања вклучително на настани, на личности, корекција на учебници,на натписи во музеи, споменици, на ставовите на јавните медиуми, тогаш бугарската влада ќе може да продолжи со политиката на поддршка на Република Северна Македонија во ЕУ. Ако не можете да дадете такви гаранции, треба власта да направи екстремни мерки за изработка на нова национална позиција – изјави бугарскиот претседател Румен Радев.

Бугарските историчари последниот состанок на заедничката комисија одржан минатата недела во Софија го оценија како најнеуспешен и најнеплоден до сега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот