Дали на светот му се заканува нова опасност? Етиопија може да стане новиот Авганистан

Кризата во Етиопија
Протести на луѓето во Етиопија поради воената криза во државата/ Фото EPA-EFE/STR

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска и утре ќе престојува во Африка, каде ќе ја посети Кенија за да разговара за конфликтите во соседна Етиопија.

На американските и британските граѓани им беше кажано да ја напуштат Етиопија додека сè уште можат да летаат со комерцијални летови.

Овој алармантен совет, во светло на она што се случува во Кабул, беше издаден затоа што се чини дека бунтовничките сили од северниот регион Тиграј можат да се преселат во главниот град Адис Абеба.

Една година по граѓанската војна, која остави хуманитарна криза зад себе, загриженоста расте надвор од границите на земјата.

Дипломатскиот притисок од Африка и САД се зголемува, бидејќи она што се случува во Етиопија има огромни импликации за остатокот од регионот и поширокиот свет, јавува Би-Би-Си.

Блинкен пристигна во Африка
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен пристигна во Африка/ Фото EPA-EFE/Daniel Irungu

Зошто е тоа важно?

Самите бројки се шокантни.

Најмалку 400.000 луѓе на северот се соочуваат со глад, 80 отсто од основните лекови не се достапни, а повеќе од два милиони луѓе се протерани од своите домови, пишува Би-Би-Си.

Федералната влада е обвинета дека намерно спречува помошта да стигне до Тиграј, што таа го негира.

Покрај тоа, постојат докази за незаконски убиства, тортура и сексуално насилство извршени од двете страни.

Но, има и стратешки интереси.

Етиопија, со население од 110 милиони – втора по големина на континентот, беше клучен, стабилен западен сојузник во тој нестабилен регион.

Постои загриженост дека сегашните борби би можеле да предизвикаат пошироко насилство во оваа мултиетничка нација, што дури може да доведе до нејзино распаѓање. Доколку милиони луѓе ја напуштат земјата погодена од конфликтот, соседните земји тешко би се справиле.

Етиопија која нема излез на море се граничи со шест земји, од кои две веќе се во конфликт – Јужен Судан и Сомалија, а неодамна имаше воен удар и во Судан.

Пред да замине на својата посета на Африка, Блинкен предупреди дека ненадејните конфликти ќе бидат „погубни за народот на Етиопија, но и за другите во регионот“.

Војниците од Еритреја веќе се борат во Етиопија, а продолжената криза може да ги повлече и другите соседи.

Но, наводно, другите земји веќе се вовлечени во конфликт.

Етиописка војска
Војници на Етиопија/ Фото EPA-EFE/STR

Дали е загрозен главниот град?

По серијата напредувања на борците на Ослободителниот фронт на народот Тигреј (TPLF) долж главниот автопат што води од север кон Адис Абеба, тензиите се зголемија.

Соединетите Држави испратија повик за евакуација на своите граѓани, а етиопскиот премиер Аби Ахмед прогласи вонредна состојба и побара повеќе воени регрути.

Абиј Ахмед премиер на Етиопија
Премиер на Етиопија Абиј Ахмед/ Фото EPA-EFE/STR

Властите во Адис Абеба ги повикаа луѓето да го регистрираат своето оружје.

Друга група бунтовници поврзана со ТПЛФ велат дека исто така се приближуваат кон главниот град.

Мултиетничката природа на градот дополнително ги зголемива тензиите.

Но, тигрските сили се уште се на повеќе од 300 километри од градот – околу градот Комболц.

„Тоа не се талибани кои маршираат низ Авганистан и земаат град по град без да испукаат куршум“, изјави за Би-Би-Си Тибор Наги, поранешен помошник државен секретар на САД за Африка.

„Онаму каде што сега дејствува ТПЛФ, има огромен отпор… и тоа би била ужасно крвава битка за Адис Абеба“, додаде тој.

Тој верува дека заземањето на главниот град се користи како закана на ист начин на кој нуклеарната сила би можела да ја искористи можноста за лансирање на своето оружје.

ТПЛФ рече дека она што навистина го сака е да овозможи залихите со помош да стигнат до Тиграј.

Војска на Етиопија
Марш на етиописката војска/ Фото EPA-EFE/STR

Има ли простор за мировни преговори?

Сега постои загриженост дека конфликтот влегува во нова фаза и дека ќе биде сè потешко за која било страна да се повлече.

Исто така, постојат стравувања дека борбите би можеле да се прошират низ целата земја.

ТПЛФ ги здружи силите со голем број групи кои исто така се противат на владата во новата коалиција која бара крај на мандатот на Абиј.

Претставникот на Африканската унија во регионот, поранешниот нигериски претседател Олусегун Обасанџо, зборуваше за многу ограничените можности.

„Има малку време за каква било интервенција“, рече тој пред Советот за безбедност на ОН по разговорот со двете страни за време на неодамнешната посета на Етиопија.

Тој повикува на дијалог и политичко решение, но се уште не опиша како тоа би можело да се постигне.

Одговорот на етиопскиот амбасадор во ОН, Таје Атик Селасие ги вклучи тешкотиите со кои ќе се соочат посредниците. Тој рече дека го почитува повикот за дијалог, но потоа го опиша ТПЛФ како „криминална група“.

Во меѓувреме, портпаролот на ТПЛФ, Редот Гете, напиша на Твитер дека „повеќето „мировни иницијативи“ се главно за спасување (премиерот) Аби, а не за решавање на најкритичните политички предизвици во земјата“.

Марш во Етиопија
Кризата во Етиопија/ Фото EPA-EFE/STR

Зошто избувна војната?

Во основата на конфликтот е несогласувањето меѓу премиерот Абиј и ТПЛФ, која доминира со целата земја речиси 27 години, а не само со Тигреј.

Абиј дојде на власт во 2018 година по бранот протести на припадниците на етничката група Оромо.

Ороми – најголемата група во Етиопија – долго време се чувствувале маргинализирани. Абиј, воедно член на оромите и дел од владејачката коалиција, се смета за човек кој може да го реши проблемот.

Во пикот на реформите, во кои тој ја либерализираше политиката и склучи мир со својот долгогодишен непријател Еритреја, ТПЛФ беше на маргините.

Тлеечкиот спор помеѓу ТПЛФ и Абиј потоа избувна во војна пред 12 месеци кога силите на Тигреј беа обвинети за напад на воени бази поради кражба на оружје, а федералната влада одговори на нападот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот