Дали на Европа ѝ се заканува нов бран на тероризам за празниците? Две европски земји се во особена опасност

Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Во петокот очите на целиот свет беа вперени во Лондон, каде во „сред бел ден“ се случи терористички напад, во кој беа убиени две лица. Британската полиција напаѓачот на Лондонскиот мост го идентификуваше како 28-годишниот Усман Кан, кој во 2012 година беше обвинет за тероризам, а минатата година беше пуштен на условна слобода.

Додека милиони граѓани ширум светот се подготвуваат за божиќните и новогодишните празници, од кои дел ќе ги поминат во земјите во западна Европа, се поставува прашањето колку е безбедно да се патува и празниците да се поминуваат на улиците на светските метрополи.

За овие стравувања да бидат уште поголеми допринесуваат и вестите дека во Холандија пред неколку дена се уапсени две лица, за кои се смета дека планирале терористички напад за крајот на годината, но и апсењето на уште еден човек во Лондон, за кој исто така има сомненија дека подготвувал терористички напад.

Усман Кан во петокот во британската престолнина со нож ги уби Саски Џоунс (23) и Џек Мерит (25), а рани и три други лица. Полицијата потоа го застрела напаѓачот. Кан од претходно им беше познат на властите, бидејќи беше обвинет за кривичното дело „тероризам“. Лондонски „Тајмс“ пренесе дека Кан бил пуштен на условна слобода во декември 2018 година, бидејќи прифатил да носи електронска направа за следење на затвореници.

Одговорноста за нападот ја презема терористичката организациј Исламска држава (ИД), која соопшти дека напаѓачот е еден од нивните борци. ИД наведе дека инцидентот е одговор на нејзините повици да се напаѓаат земјите кои се дел од коалицијата која се бори против нивната екстремистичка група.

Како што доаѓа времето на божиќните и новогодишните празници, се поставува прашањето колку е безбедно да се патува во европските земји и нивните големи метрополи.

– Опасноста никогаш не престана да постои, особено сега кога еден огоромен дел од тие џихадисти-војници од Сирија се враќаат и на просторите на Балканот, но најмногу во западна Европа. Не се во прашање само оние кои се враќаат, туку и генерациите кои во меѓувреме се родиле. Таа машина која „раѓа“ џихадисти никогаш не е демонтирана, без оглед на тоа што доживеаја пораз во Сирија. И понатаму продолжува регрутирањето преку интернет, и понатаму никој ништо нема направено за да ги сузбие државите – спонзори на тероризмот – вели за српски „Телеграф“ директорот на Институтот за национална и меѓународна безбедност во Србија, д-р Дарко Трифуновиќ.

Тој истакнува дека „не е направен ниту еден чекор кон тоа да се растурат традиционалните терористички организации на исламистички фундаменталисти, иако добиваат тешки удари“.

– Очигледно е дека убиствата на Осама Бин Ладен, Абу Бакр ал-Багдади, не значат ништо во таа хиреархија, дека тие хиреархии воопшто не се поставени ветикално, туку хоризонтално. Ниту еден во тој конголмерат на услови кои влијаат на мотивот еден млад човек, или во средни години, да ги преземе сите чекори за да изврши самоубиствен напад. Видовте со овој човек во Лондон, тој дури имал и лажен појас. Тргнал свесно, сакал да биде убиен. Тоа било неговата намера, сакал да го убијат. Тоа било неговата намера, желба, волја – објаснува д-р Трифуновиќ.

На прашањто на „Телеграф“ дали по убиството на лидерот на ИД ал-Багдади, новиот лидер ќе започне да се осветува и ќе ги искористи празниците, Трифифуновиќ смета дека тоа нема да биде случај.

– Нема да се осветуваат поради тоа убиство, тој само ќе продолжи понатаму. Суштината е во тоа што таа организација всушност нема лидер – смета експертот.

Според него, две земји ќе бидат први на удар на терористите, а тоа се Германија и Франција. Претходно во Европа, терористите на 31 декември нападнаа во Манчестер, каде беа повредени три лица, на 1 јануари 2017 година во Истанбул беа убиени 35 луѓе, а повредено десетина. Дополнително, на 19 декември 2016 година во Берлин камион усмрти 12 луѓе, додека речиси 50 беа повредени, додека во врз нападот на весникот „Шарли Ебдо“ во Франција на 7 јануари 2015 година загинаа 12 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот