Дали може да се има држава без корупција во институциите?

Ако треба да платиш на црно за да можеш да работиш, ако треба да крадеш од државата или од фирмата за да се збогатиш, ако не треба да работиш квалитетно за да победиш, туку едноставно да бидеш компанија која знае кому да му даде пари на црно, се поставува прашањето – зошто служи овој систем, кој го создал и кој го пресоздава?

За добро да го изразам моето мислење за корупцијата, прво морам да дадам некои информации за тоа што е корупција и што таа одредува во општеството. Сакам да раскажам една од многуте епизоди што ги доживеав, но е значајна. Пред неколку години произведувавме чевли за италијанска компанија во една од нашите фабрики овде во Северна Македонија. Од големата и позната италијанска компанија за која произведувавме многу квалитетни чевли ни испратија кожа за производство. Веднаш ме повикаа моите работници да ми го покажат квалитетот – беше груба, полна со фелери поради што беше невозможно да се искрои.

Се налутив и наредив веднаш да им се врати назад. Штом нашиот возач ја растовари во нивниот магацин, добив повик од менаџерот за набавка во таа позната компанија. Беше толку лут на мене што ми упати секакви навреди: ништо ти не можеш да враќаш, прво требаше да се јавиш, требаше да ме прашаш за сета кожа што ти недостига, но не смееш ништо да вратиш итн. Беше јасно: тој, менаџерот за набавка, зел мито од кожарата што ја доставува кожата по цена наведена во фактура, значи тој не можел да бара рекламација… кожарата била толку заштитена што може да испрати кожа и од најлош квалитет, а никој да не може да контролира и да се жали. Значи, корупцијата што ја практикува менаџерот ја натера фирмата што ја купила кожата да плати повисоки цени и, уште полошо, ја натера да обработува производи од понизок квалитет.

Сега уште една епизода: пред повеќе години се дружев со еден господин кој имаше фирма за изградба на патишта, мостови и сл. Ми се довери како функционира неговата работа. За да може да преземе работа од јавните органи, тој мораше да е во „близина“, да ги познава луѓето од комисиите за набавки и пред сè да биде добро спријателен со дежурниот политичар што одлучуваше кои работи ќе бидат отворени. Тогаш мораше да биде во кругот на фирмите што ќе ги добијат тендерите. Тендерот? Сето тоа беше лажно – пред да ги отвориш пликовите, се знаеше кој ќе победи, се знаеше на кои луѓе ќе треба да дадат мито итн.

Го прашувам – извини, но ако треба да дадеш мито, што правиш за да не си во загуба? Каква загуба – ми вели – мојата компанија секогаш имаше високи профити и на бело и на црно. Ако се планираше, на пример, да се постави осум сантиметри асфалт, ние ќе ставевме четири, толку колку за да не ме оспори никој, тие беа првите што се согласија да крадат од државата. Значи најниската цена беше лажна… работата можеше да се заврши заштедувајќи на сè, ставајќи помалку од она што се бара во спецификациите. Можевме да завршиме кога сакавме, навистина колку повеќе одложувавме толку повеќе можеше да бараме и да добиеме зголемувања во текот на работата со фиктивни причини, така што никој немаше да се противи.

Најголемите штети од корупцијата ги сноси целото општество, особено младите. Ако треба да платиш неколку луѓе на црно за да можеш да работиш, ако треба да крадеш од државата или од фирмата за да се збогатиш, ако не треба да работиш добро и квалитетно за да победиш, туку едноставно да бидеш компанија која знае кому да му даде пари на црно, се поставува прашањето – зошто служи овој систем, кој го создал и кој го пресоздава? Која е корумпираната компанија што дава мито или кој е тој што зема мито?

Во таква ситуација јасно е дека сите компании и сите луѓе се приспособуваат, па резултатот не може да биде поинаков – нивото на квалитет и ефикасност на компаниите ќе паѓа сè подолу. Тешко ним ако треба да излезат на поголем пазар, ако треба да се натпреваруваат со компании кои секогаш морале да стекнуваат искуство со заслуги, со квалитет, со конкурентни цени.

Да се вратам на прашањето: Дали може да се има држава без корупција во јавните институции? Секако дека може! И е едноставно да се оствари. Би било доволно да ги направите овие работи: 1. Потребно е да има Влада и парламент што сакаат држава без корупција; 2. Никој тендер направен од државните институции не смее да биде со најголемо снижување, туку со најмал пораст; 3. Пред да се распише каков било тендер, кој и да ги купи или да ги договори работите, мора да има комплетен проект со сите спецификации во кој е прецизирано како треба да биде тоа што треба да се договори, со какви материјали ќе треба да се изгради, со колкава количина и квалитет, која е цената на она што треба да се направи. Сите ги знаат пазарните цени на материјалите, доволно добро за да се пресмета; 4. Компаниите што ќе ги добијат тендерите мора да бидат специјализирани за овие работи, тие нема да можат да договорат повеќе од 30% од работите на трети лица; 5. За секоја работа мора да има контролна комисија, која ќе биде обврзана – под казна затвор за членовите – да проверува секој ден дали работата се врши според планираното, со предвидениот квалитет и квантитет на материјалите; 6. Секој договор мора да има рок за завршување на работата со високи казни за оние кои нема да го испорачаат предвидениот датум.

Автор: Џино Гвацини, бизнисмен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот