Дали лизгачките Ангела и Деана Прилепчански се дискриминирани?

Македонските натпреварувачки Прилепчански во повеќе наврати се спречувани во развојот, од страна на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија (ФЛСМ). Ова го тврдат нивните родители, додека од федерацијата негираат дека тоа е така.

Дали натпреварувачките во уметничко лизгање Ангела (16) и Деана (14) Прилепчански веќе подолго време се дискриминирани од Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија (ФЛСМ) и спречувани во нивниот спортски развој?

Родителите на лизгачките, Елизабета и Александар, тврдат дека постои дискриминација кон нив. Но, во федерацијата велат дека тоа не е точно и дека одлуките во врска со сестрите Прилепчански, како впрочем и со сите други лизгачки, се од органите на организацијата, а базирани на нормативните акти на ФЛСМ.

Постојат неколку неодамнешни случки кои го илустрираат дискриминаторскиот однос на ФЛСМ кон сестрите Прилепчански. Тоа е нивното тенденциозно изоставување од списокот на учесници во тренинг камп во Бугарија што наскоро треба да се одржи, потоа одбивањето на федерацијата да даде потврда дека тие се претставнички на Македонија на тренинг камп во Сараево, по што тие не биле примени таму, иако отпатувале, и неиздавањето потврда од федерацијата за Ангела да добие меѓународен грант од 6.000 долари. Така велат родителите.

Прилепчански не се во списокот за камп во Бугарија

– Во Бугарија од 17 септември има подготовки на мраз за децата со потенцијал. На списокот се 10 деца. Практично на тој список се сите лизгачки што се натпреваруваат од Македонија, само не се нашите деца. Побаравме објаснување од федерацијата зошто е тоа така, но не добивме – вели мајката Елизабета.

– Во Сараево пред неколку недели Ангела и Деана требаше да учествуваат во ИСУ тренинг-камп. Децата беа таму, но не им беше дозволено да тренираат затоа што не беа пријавени од федерацијата. Таму немаше никој друг од Македонија, иако имаше покана до нашата федерација за учество на наши лизгачи. Нашата федерација не го проследи повикот до нашите клубови затоа што лизгачите им биле на камп во Бугарија. А во Бугарија беа само четири деца оттука. Што со останатите? – вели Александар.

– Од федерацијата не сакаа да испратат писмо до меѓународната лизгачка организација ИСУ за да добиеме грант од 6.000 долари, односно еднократна помош за спортскиот развој. Сите услови беа исполнети, само требаше уште нашата федерација да потврди. Но тоа не го сторија – вели Елизабета.

– Ова се само последните примери како нашата федерација намерно го спречува развојот на нашите ќерки за да фаворизира деца што се блиски до раководството на федерацијата – велат родителите.

ФЛСМ: Постојат одлуки во врска со секоја од забелешките

Претседателката на ФЛСМ, Цветанка Макаровски, ни даде изјава, како одговор на тврдењата на родителите.

Како федерација нема да коментираме ставови на родители, бидејќи сакаме пред сè да ги заштитиме спортистите и спортот. Постојат документирани одлуки по секоја од забелешките. Стоиме на располагање на сите органи коишто се надлежни да вршат надзор на нашата работа. Ние сме подготвени во секое време да ги презентираме пред истите – изјави Макаровски.

Според родителите, Ангела е двократен јуниорски шампион на Македонија, Деана е двократен младински шампион. Ангела е тркиратен учесника на меѓународните серијали „Јуниор гран при“, како најдобар натпреварувач од Македонија. Тоа биле натпреварите во Загреб 2017, Линц 2018 и Загреб 2019 година. „Јуниор гран при“ се натпревари со висок рејтинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот