Дали крајот вака мириса?

Марин Гавриловски

Извесно е дека тенденцијата на осипување на гласачкото тело што би гласало за СДСМ ќе продолжи и во иднина. Исто така е извесно дека СДСМ нема да биде фактор (барем не одлучувачки) во формирањето на новата влада по изборите во 2024 година.

Како ној со главата забиена во земја, раководството на владејачката СДСМ како да нема реална претстава како живеат граѓаните на најнесреќната држава во Европа. Приказните од типот – илјада и триста километри изградени патишта, пазарењето на премиерот по маркетите и држењето говор на отворањето на дел од реновирана клиника со средства обезбедени од американските даночни обврзници, во кој тој наведува како владата се грижи за здравјето на граѓаните, ѓаволски многу потсетува на „Потемкиновите села“ на Груевски, кога тој нè убедуваше како сме биле први во ова или втори во она во светот и пошироко. Еден популистички режим во поновата наша историја ни е навистина доволен.

Па, зар министерот за транспорт и премиерот мислат дека тие изградиле илјада и триста километри патишта, како да не се движат по сувоземен пат кога одат да ја промовираат нивната политика низ државава. Или, пак, навистина премиерот и министерот за економија сметаат дека ако одат во маркетите да проверат дали лебот чинел триесет и три денари и дали е таа цена замрзната, граѓаните ќе мислат дека тие работат пожртвувано за да им го олеснат животот, додека во меѓувреме даваат тендери за надзор на градење автопати на фирми регистрирани за текстил?

Навистина, има ли некој што смета дека во 21 век големо e достигнувањето граѓаните да можат да купуваат леб и млеко по повластени цени? Велат дека политичарите се оперирани од срам. Доказ за тоа е и говорот на премиерот на отворањето на еден дел од реновираната Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија во која тој, во присуство на американската амбасадорка Агелер, истакна дека „здравството е врвен приоритет на владата“. Ако  беше здравството врвен приоритет на македонската влада, зошто тогаш средствата за реновирање на клиниката се обезбедени од американската влада?

Како може да се објасни оваа деградација на кадровските потенцијали на СДСМ, која почна непосредно по завршувањето на Шарената револуција, кога тогашниот премиер поставуваше на раководни позиции низ државава „земјаци и мили комшии“, чија што некомпетентност и коруптивност како камен (кој од блиску доаѓа) му се удри од главата и ја запечати неговата политичка кариера. Еден истакнат поранешен министер и актуелен амбасадор во една пригода има изјавено дека „единствената политика што СДСМ ја води и тоа главно неуспешно е кадровската политика“. Иако оваа изјава беше дадена многу пред да почне вистинската ерозија на квалитетни кадри изнедрени од пазувите на Бихаќка, деновиве гледаме колку визионерски таа звучела.

И, навистина, ако се погледне составот на првите неколку влади на чие чело бил СДСМ, во чиј состав биле повеќе од половина универзитетски професори и бизнисмени, потврдени во своите релевантни области и ако тие состави се споредат со оние од Шарената револуција до денес, единствено што може да се констатира е отсуството на речиси какви било критериуми за избор на членовите на владите на Заев и на Ковачевски (освен можеби, лични и приватни). Се разбира, исклучоците кои постојат се тука само за да го потврдат правилото дека поголемиот број актуелни министри не се на нивото на сериозната и високопрофесионална задача, која се нафатиле да ја извршуваат. Чест на исклучоците. И не е ни чудо што резултатите од нивното работење се такви какви што се, никакви. Тука, секако, спаѓаат и членовите на владата кои доаѓаат и од сите политички чинители на актуелната владина коалиција.

Фијаското со неуспешното зголемување на парламентарното мнозинство, насочено кон обезбедување доволно мнозинство за усвојување на уставните измени со кои би се вклучиле Бугарите (како конститутивен народ?) во Преамбулата, само покажува колку неуспешни се обидите на владата да испорача какво било резултат што би ѝ дал поголем кредибилитет. Напротив, од ден на ден тој (кредибилитетот) сè повеќе и повеќе паѓа. Па, дури и ако се земе со резерва последното испитување на јавното мнение нарачано и изведено од структури блиски на опозицијата и доколку резултатите се стават во некои разумни, реални рамки извадени од розовата обланда која му е сервирана на Мицкоски, слободно може да се констатира дека резултатите на следните парламентарни избори  ќе бидат поразителни за владејачката СДСМ.

Но, за да се констатира тоа, не се потребни анкети, доволно е само да се следат „резултатите“ на владите на Заев и на Ковачевски, нивниот однос кон способните партиски кадри и ангажирањето на оние другите неспособните, кои не се во можност да испорачаат видливи резултати. Најеклатантен пример што го илустрира односот на раководството на СДСМ кон своето членство е резултатот од локалните избори во Куманово. Таму, дистанцирањето на партијата од својот кандидат Максим Димитриевски, долгогодишен член на раководството на партијата поради личните анимозитети што тој ги имаше со членови на централното раководство, резултираше со катастрофален резултат на СДСМ кој во Куманово ја имаше најголемата општинска организација во земјата. Победата на локалните избори на Димитриевски испрати порака до раководството на партијата дека квалитетните кадри и се потребни на СДСМ, а не дворските игри во кои суетата и личната нетрпеливост се над партиските и државни интереси.

Таа грешка можеше да биде исправена доколку новото раководство на СДСМ, по заминувањето на Заев од кормилото на партијата, беше во можност да ја согледа реалната состојба на губење на сигурните партиски гласови. Но, тоа не се случи. Со позната сдсмовска ароганција и новото раководство продолжи со политиката на незаинтересираност и игнорирање на укажувањата на голем број проверени и верни членови на СДСМ дека партијата не оди во вистинска насока, ниту во односот кон членството, ниту пак во односот кон државата. Тие, добронамерните партиски членови и активисти што повеќе децении „ги оставија коските“ за социјалдемократијата во Македонија, во познатиот манир на самобендисаност беа етикетирани како вмровци и дистанцирани како најголеми еретици.

Извесно е дека тенденцијата на осипување на гласачкото тело кое би гласало за СДСМ ќе продолжи и во иднина. Исто така е извесно дека СДСМ нема да биде фактор (барем не одлучувачки) во формирањето на новата влада по изборите во 2024 година. Ми одѕвонува во ушите рефренот на познатата мелодија „Помисли на тоа што се можевме, можеби е доцна, а можеби не, дали крајот вака мириса?“ Помислува ли некој од раководствата на СДСМ што сè можеше да се направи по Шарената револуција, а не се направи по падот на режимот на Груевски?

За тоа дека е доцна Македонија да се врати во некои нормални демократски рамки веќе му е јасно на секој. А за тоа во која насока ќе се движи државава по 2024 година, веќе ми е страв и да помислам. Она што е поизвесно е дека некои нови „клинци“, искрено се надевам, кои ќе и мислат добро на партијата и на државата во периодот од 2024 до 2028 година ќе се обидат да ја вратат СДСМ во оној капацитет кој ќе биде потребен некогаш оваа државотворна партија повторно да застане на своите нозе и да се бори за евроатланските вредности, подривани на секој чекор и од секого. Или и за тоа е веќе доцна?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот