Дали ќе мора да примиме и трета доза на вакцината против ковид-19?

Вакцинација во Србија/ Фото; МИА

Компаниите „Синофарм“ и „Фајзер/Бионтек“, чии вакцини против ковид-19 се даваат во две дози, започнаа истражување што вклучува давање и трета доза.

Главната причина е да се спречи каква било можност за заразување примарно на новите соеви на ковид-19.

Извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, за странските медиуми изјави дека се надева дека уште една, трета доза на вакцина, дополнително ќе го зајакне имунолошкиот одговор против коронавирусот и ќе помогне во борбата и против неговите нови варијанти.

„Веруваме дека третата доза ќе помогне во ефикасноста на спречувањето на заразата од 10 до 20 отсто“, рече Бурла.

Во ова истражување што го започна компанијата „Фајзер“, ќе учествуваат две возрасни групи.

Едната група ќе се состои од лица на возраст од 18 до 55 години, додека во другата ќе бидат граѓани на возраст од 65 до 85 години, истите испитаници кои учествувале во првото, почетното клиничко испитување на „Фајзер“.

Претставниците на „Фајзер“ сметаат дека коронавирусот, како и секој друг грип мутира, така што во склад со тоа и вакцините ќе се модифицираат и унапредуваат, и дека против коронавирусот ќе мора да се вакцинираме секоја година.

„Секоја година треба да се вакцинирате против грип, а така ќе биде и со ковид-19. За една година, ќе мора да одите да се вакцинирате против ковид, за да се заштитите на една година“, рече Бурла.
Целокупната постапка за давање на третата доза не е пропишана на национално ниво, и во моментот е во фаза на тестирање.

„Модерна“, исто така, најави испитување на можна трета доза, меѓутоа, нејзиниот план е нешто поразличен, и се состои од три опции: да се користат вакцини за специфичните варијанти на вирусот, да се прави комбинација на оригиналната вакцина со специфичната, и да се дава трета доза од оригиналната вакцина само во помала доза.

Повеќето од досега признаените вакцини против ковид-19 подразбираат вакцинација од „две тури“, односно две дози, освен вакцините на компанијата „Џонсон и Џонсон“, чија предност е тоа што се дава само една доза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот