Дали ќе има безусловна основна плата за цела ЕУ?

евра
Евра / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Како би било кога никој не би морал да се грижи за своите приходи? Тоа во изминатиот период често се прашувала и Марва Фатафта: „Мислам дека на тој начин едноставно би исчезнале многу стравови и стрес.“ Таа во Германија дошла како палестинска мигрантка и денес живее и работи во Берлин. Вработена е во организацијата „Пристап сега“ (Access Now) која се занимава со дигитални лични права.

„Рано ми стана јасно дека за мене слобода значи и да сум финансиски независна“, вели Фатафта. „Порано сакав да живеам од уметност, но брзо ми стана јасно дека од тоа нема да имам редовни приходи, па се откажав од тој сон.“

Марва Фатафта е една од околу два милиони жители на Германија кои покажаа интерес за учество во истражувачкиот проект – основна плата. За разлика од Финска, каде своевремено сличен проект покрена тамошниот државен Завод за вработување, германските државни институции не се заинтересирани за такви експерименти. Зад проектот стои Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) и фондацијата на здружението „Моја основна плата“. Парите пристигнуваат од донации и засега има доволно средства за 122-ца учесници.

Од тоа може да се живее

Тие од почетокот на наредната година, па во следните три години, би требало да добиваат по 1200 евра месечно, без какви било услови. На тој начин треба да се види какви последици таквиот приход би имал за учесниците и нивната положба во општеството.

Како е можно газдата да земе плата 50 илјади евра, а работникот 5 денари? УЈП ни објасни

„Оваа студија е огромна шанса за во социјалната реалност да се спроведат сите теоретски расправи за безусловна основна плата, кои и кај нас траат веќе со години“, вели раководителот на истражувањето Јирген Шуп. „Сакаме да утврдиме дали исплатата на таква безусловна плата во подолг период ќе доведе и до статистички значајна промена во начинот на однесување и чувствата.“

Начелото е едноставно: секој добива месечна плата, без оглед што работи. За разлика од системот на социјална помош, износот секогаш останува ист и за примателите нема никакви услови. Тоа значи дека може да заработуваат и на друг начин.

Во Штип фирма дала плата 2 денари, во Валандово исплаќала по пола минималец

Колкава би требало да биде платата? Истражувачите во Германија се одлучија за износ кој е значително повисок од оној што се добиваше во Финска и кој сам по себе веќе би можел да овозможи живот во којшто ништо не би недостигало. Тоа, значи, е некаде околу 1200 евра, предвидено е со истражувањето.

Голема е дебатата околу тоа од каде државата би нашла пари со коишто на сите би можела да им обезбеди такви основи плати. Во суштина, социјалните давачки се и онака една од највисоките ставки во државните буџети, а тука се и не баш малите трошоци за институциите кои се занимаваат со тоа – значи дел од тие пари завршуваат во џеповите на службениците, а не кај тие што би требало. Во секој случај, сето тоа би било тешко изводливо без зголемување на даноците, сеедно дали данок на наследство, данок на финансиски трансакции и шпекулации, или даноци на приход на оние кои работат. А, тоа е причината што расправата за тоа кај многумина во Германија предизвикува згрозеност.

Узунов: На газдите не може да им се каже колкава плата да земаат, но може да им се стави поголем данок

Словенија би била прва

Сепак, за идејата за основна плата се расправа во многу држави на ЕУ. Формирана е и граѓанска иницијатива која сака со тоа прашање да се позанимава и Европската комисија, односно таа да предложи проект за основна плата за цела Европска Унија. Заговорниците на иницијативата веруваат дека со тоа би се намалиле разликите меѓу регионите и истовремено би се зајакнало економското и социјалното единство на ЕУ.

Иницијативата ќе се најде на маса на ЕК само ако во рок од една година се соберат потписи на милион граѓани на ЕУ со право на глас и истовремено во најмалку седум земји членки се собере одреден минимум потписи.

Луѓе шетаат во центарот на Љубљана, Словенија/ Фото: EPA-EFE/IGOR KUPLJENIK

Два месеца по покренувањето на иницијативата, целта се’ уште е многу далеку: до крајот на овој месец се собрани околу 72.000 потписи, а одзивот е многу различен. Прва земја која собра неопходен минимум потписи е Словенија. Нејзе, со оглед на бројот на жители, и’ беа неопходни 5640 потписи.

„Таму со работа се зафати млада, динамична група, која преку социјалните мрежи допре до голем број млади луѓе“, објаснува Роналд Блашке, кој ја координира кампањата во Германија.

Наспроти тоа, во Полска или на Малта, за основната плата воопшо нема јавна расправа. „Таму нема граѓански иницијативи, ниту големи здруженија, како што во Германија е на пример католичкото работничко движење, кои се занимаваат со оваа тема на некој начин“, вели Блашке.

Во Франција, пак, има приврзаници за ваквиот облик на грижа, и тоа од најразлични кругови: „Од еколошки движења, преку социјални иницијативи, па до либерални мислители“, вели германсккот координатор. Тука не може да се смета на поддршка од страна на актуелниот претседател Емануел Макрон, „но може да се види дека расправата во Франција е многу поширока отколку во други држави“.

Швајцарците веќе рекоа „не“

Швајцарија е прва земја која отиде чекор подалеку. Таму е одржан референдум за базусловна основна плата за сите граѓани, кој пропадна. Речиси 77 проценти од Швајцарците ја отфрлија идејата дека секој би требало да добива плата, работел или не работел.

Швајцарија веќе рече не/ Фото: ЕПА

 

И експериментот во Финска во суштина не даде недвосмислени резултати. Тој е завршен, но не е продолжен, а заклучокот беше дека таква основа плата практично воопшто нема влијание врз намалувањето на стапката на невработеност.

Но, истражувањето покажа нешто друго: лицата кои биле дел од експериментот, живееле многу полесно и биле во значително подобра психичка состојба. Многумина се впуштиле во работи кои инаку не би им биле исплатливи. И, всушност, работеле дури и повеќе од оние во контролната група – во просек шест денови во годината повеќе.

Марва Фатафта продолжува да сонува за основна плата. Но, вели дека дури и ако биде избрана, нема да престане да работи. „Ја сакам својата работа, тука нема дилема.“ Но, таков приход би и’ пружил материјална сигурност. „Би било убаво кога луѓето своите одлуки за работа би ги носеле од позитивно чувство, а не од страв за пари, кога би правеле работи кои би значеле нешто за општеството и за сите нас, а не затоа што тие имаат некаква пазарна вредност.“

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот