Дали и на кој пат ќе излеземе од пата-пата ситуацијата?

стево пендаровски
Стево Пендаровски, претседател на Македонија, Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ / POOL

Да видиме дали ќе се формира ново или ќе се зголеми досегашното мнозинство, за лидерска средба треба согласност и од власта и од опозицијата, а за предвремени избори мора пратениците со 61 глас „за“ да го распуштат Собранието, изјави шефот на државата.

Нема сигурно мнозинство, нема лидерска средба, нема брзи избори, ама има големи надежи дека неделава пред нас ќе се најде или барем дека ќе се види излезот од актуелната политичка криза, откако претходнава пропадна обидот на опозициските здружени сили да состават парламентарно мнозинство и да ја урнат Владата.

– Јасно е дека состојбата сега е пата-пата. Да видиме дали од понеделник ќе се формира ново, ќе се обнови постојното или ќе се зголеми ова мнозинство што е досега. За одржување лидерска средба треба взаемна согласност и од власта и од опозицијата, а постои само еден начин за распишување предвремени парламентарни избори – пратениците со 61 глас „за“ да го распуштат Собранието – изјави шефот на државата Стево Пендаровски.

Владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ викендов си разменија барања за оставка на партиските лидери. Пратеникот Дарко Каевски порача дека „по сите лаги за наводно ново парламентарно мнозинство“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски треба да си поднесе оставка.

– Поради желбата за власт Мицкоски седна на иста маса со политичари кои се против НАТО и ЕУ, против Договорот од Преспа, против Охридскиот рамковен договор, против концептот едно општество за сите. Дури и парламентарното мнозинство го кроеше преку лаги и измами кон луѓето со кои седеше на иста маса – рече Каевски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, барањето оставка од премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, го образложи со исходот од локалните избори.

– Заев и СДСМ се најголеми губитници на овие избори. Дали сега или понатака, одговорност мора да има. Што побрзо ја даде ветената оставка за изгубените избори, толку побрзо ќе ја ослободи државата од неговите криминални пориви – порача Арсовски.

Разврска се очекува и во партиите на Албанците. Владејачката ДУИ оцени дека наводното опозициско мнозинство од 61 пратеник составено од Левица, Алијанса, Беса, ВМРО и Алтернатива ги загрижи граѓаните, регионот и нашите сојузници во Брисел и Вашингтон.

„Оваа група егзекутори на евроатлантската перспектива сериозно го наруши имиџот на нашата земја. Стимулирањето на кризата и предвремените избори директно го загрозуваат отворањето на преговорите со Европската унија во декември годинава“, соопшти ДУИ.

Од следните потези на опозициската Алтернатива во многу нешта ќе влијаат на излезот од кризата. Лидерот Африм Гаши, вели дека ако најдат заеднички точки за перспективата на земјата, тогаш ќе останат во опозиција со ВМРО-ДПМНЕ и со Алијанса за Албанците. „Пред избори во Бугарија, пред датум за почнување на преговорите со ЕУ, по  локалните избори, ставот на Алтернатива е дека не е добро сега да се оди на избори“, изјави Гаши, кој беше дециден дека неговата партија нема да отстапи од евроатланскиот пат на земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот