Дали и Дебарско Езеро e жртва на лажниот мазут?

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Дебарското Обвинителство утврдило дека на 20 март непознатата густа леплива црна течност која го загадила езерото и брегот на акумулацијата убивајќи птици и риби, не е мазут како што се претпоставуваше, туку моторно масло, што ја усложнило истрагата.

Два месеца по сериозниот инцидент на Дебарското Езеро, во кое беше излеано огромно количество непозната густа и мрсна течност и предизвика екоцид на живиот свет во водите и на брегот на оваа акумулација, сè уште не се обелоденети виновниците и нема изречени казни. Сепак, откако се чинеше дека истрагата подолго време тапка во место, деновиве работите почнаа да се расчистуваат, а информациите дека голем број приватни компании и државни институции набавувале енергенси од „Евротим ГДС“ од Кичево укажуваат на можноста дел од токсичниот „мазут“ да завршил и во водите на Дебарско Езеро.

Огромна црна мрска дамка на брегот и во самото езеро беше откриена уште на 20 март, по што екипи на Државниот инспекторат за животна средина и крим-техника при МВР излегоа на терен за да соберат мостри и тие да бидат дадени на анализа. Но, иако помина доволно време, ниту една институција не ги објави резултатите од анализите, а официјалниот статус на случајот е дека се уште трае истрагата.

Од Јавното обвинителство за „Слободен печат“ информираат дека Основното јавно обвинителство Дебар сè уште ги прибира материјалните докази во врска со земените мостри од Дебарското Езеро, но она што досега открила истрагата укажува дека се работи за нешто што наликува на мазут, но не е.

„По наредба на обвинителството е извршено вештачење, од кое согласно утврденото во доставениот извештај, произлегува дека течноста од која биле земени мострите е моторно масло“, се вели во дописот на ЈО.

Обвинителството има издадено и други наредби и насоки до Министерството за внатрешни работи во насока на проверка на факти и прибирање на податоци, по чие комплетирање се очекува да биде доставена информација до обвинителството.

Сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни за здравјето и животната средина, кои при увоз биле лажно декларирани како мазут и како што објави ИРЛ се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции и приватни фирми, ја натера Владата да покрене обемна истрага во која побара да се вклучат сите надлежни институции.

Токму отпадно моторно масло, познато уште и под имињата резидуално, погонско или поморско масло, кое од 2016 година е забрането за согорување во урбани средини во Европската Унија и дозволено да се користи како гориво за танкери доколку исполнува строго определени еколошки услови, е посочено во сторијата на ИРЛ како материја, која под лажен тарифен број на мазут, од ЕУ, преку Босна стигнувало во Македонија.

Според неофицијалните информации до кои дојде „Слободен печат“, причината зошто досега нема утврдено виновник е бидејќи анализите покажале дека не станува збор за мазут и дека намерно се испуштени големи количества на отпадно масло во една од шахтите во околината на Дебар, прво ги збунило надлежните, кои очекувале дека трагата на мазут ќе ги одведе на вистинската адреса. Целата постапка коинцидира со времето кога почнало да се одмотува клопчето околу аферата „лажен мазут“ во институциите и од страна на истражувачкиот тим на ИРЛ.

Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека со Јавниот обвинител во Дебар соработуваат со цел да го откријат изворот на материјата што наликуваше на мазут и којашто го загади Дебарско Езеро. Инспекторатот е вклучен во надзорите врз инсталациите што набавиле или набавуваат гориво што потенцијално не е мазут.

„Ќе се провери дали компаниите од Дебар што користат мазут набавувале или сè уште набавуваат гориво од добавувачите што беа спомнати во истражувачката сторија на ИРЛ и јавноста ќе биде благовремено известена, со внимание кон заштитата на лични податоци, истовремено спречувајќи компромитирање на истражните постапки“ – се вели во одговорот од Државниот Инспекторат за животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот