Дали гласачите ќе ги измешаат картите?

петар арсовски
Петар Арсовски, политички аналитичар / Фото: Слободен печат

Ако сме мислеле дека потребата од уставни промени е најтешката задача пред нас на патот кон ЕУ, малку сме се зезнале. Тоа е само првиот симбол на нашата катарза.

Македонската демократија се движи кон својата суштинска адолесценција, не во смисла на години, туку во смисла на созревање: членка сме на НАТО, и почнавме преговори со ЕУ, барем формално. Во фаза сме во која нашето општество, на релативно брз, па со тоа и болен, начин, ќе мора да научи, слично на децата кои се одвојуваат од родителите, дека за сопствените проблеми сме самите виновни, и дека главната одговорност за домашните задачи кои се неопходни да ги промениме состојбите, сепак ќе биде само наша. За жал, нашето поведение досега индицира дека на овој чекор не сме суштински подготвени, па така, мислам дека овој тип траума (како и секое созревање), може да прерасне во класичен синдром на бегство од слободата, со сите свои непријатни карактеристики.

Оваа патологија, иако е вообичаена, не значи дека поради тоа е помалку опасна. Нејзините симптоми се очигледни околу нас, во политичкиот дискурс, во односот кон општеството и државата, на крајот, најмногу во преземањето сопственост и одговорност за нашата судбината. Девастирани од сопствените фрустрации, од тапкањето во место, од жабарникот во кој се наоѓаме повеќе децении, не сум сигурен дека сме подготвени за вистински премин кон психолошка интеграција на колективното несвесно, и се плашам дека брзината, па со тоа и траумата под која тоа созревање мора да се случи (од геополитички причини), може да не поттурне кон општествен атавизам, наместо кон еволуција на еманципацијата.

Фром идентификува најмалку три елементи на негативните тенденции кај овој синдром: конформизам, авторитарност и деструктивност. Мислам дека за сите има доволно показатели во сегашната фаза на нашата општествена еволуција. Авторитарноста е толку евидентна што е најлесна за идентификација, а се огледа кај без малку сите идеолошки групи, во бегство од одговорноста. Погледнете го само начинот на кој ја дочекуваме новата американска амбасадорка – секој нејзин збор се толкува како најава за некаков план, преземање контрола врз процесите и состојбите, на сметка на сопствената одговорност. Сега Американците ќе го средат ова, ќе го поправат она. Никој не ја констатира едноставната вистина – меѓународната заедница има одговорност да не молчи пред проблемите, но нема бегање од тоа дека ние самите мораме да одлучиме во какво општество ќе живееме, и за тоа да се избориме, а не да чекаме некој од страна тоа да ни го среди. Кај конзервативниот дел од политичкиот спектар, ваквиот синдром се манифестира како мистика околу постојани завери и хиперболизација на сопствената вредност, (сакаат да ни го земат гробот на Александар, или алшарот) но истиот постои и кај либералнатта јавност, во овој случај манифестиран како предавање на одговорноста кон процесот на пристапување кон ЕУ, како магично стапче кое треба, без наше учество, на автопилот, да не донесе во подобра иднина. Забораваме дека всушност, сите ние сме во авионот, и ние треба да го пилотираме, но и дека ако не ја земеме палката, дестинацијата е предодредена – кон принудно слетување.

Сега едно мини такво слетување ќе доживееме со потребата од уставни промени. Најнапред, да бидеме на јасно – ако сме мислеле дека тоа е најтешката задача пред нас на патот кон ЕУ, малку сме се зезнале. Тоа е само првиот симбол на нашата катарза, на целосна сопственост над процесот, и никој, освен нас, нема таа работа да ја заврши. И не само тоа – и откако ќе ја завршиме, никој (замислете, скандалозно) повторно нема ништо да ни должи: ние мораме да одлучиме дека тоа треба да го направиме заради самите себеси, наместо за реформите, кои на крај имаат за цел нас да ни го направат животот подобар, постојано да испорачуваме емотивна или политичка фактура кон посозреаните општества.

Вториот синдром, деструкцијата, е исто така многу очигледен. Се наоѓаме во состојба на светска геополитичка и економска криза, со која (1) одбиваме да се соочиме и (2) од која бегаме создавајќи поголема криза. Овој синдром е потежок за опишување, зашто е конгломерат на повеќе психолошки состојби, но наједноставно: уморни и разочарани сме од статус кво ситуацијата, и од релативно статичната политичка понуда во последните две децении. Со други зборови, очајни сме за промени. Толку многу ги посакуваме, бидејќи реално немаме вентил да ги искажеме нашите фрустрации, што сме подготвени тоа да бидат и промени на полошо, само нешто да се смени. Значи, подготвени сме да избереме радикални, дури и екстремистички, антиестаблишмент политики, за кои цената би ја платиле високо, ако тоа значи брза сатисфакција во вид на промени на сметка на етаблираните политички елити.

Третиот дел од овој синдром – конформизмот – е манифестиран преку целосната доминација на популизмот во нашите политички наративи. Калабалакот од брзи пораки, симплификацијата на процесите и оние варијабли кои се потешки за објаснување, заедно со доминацијата на негативни, популистички и конфронтативни пинг понг прес конференции, раѓа еден уморен електорат, без трпение за анализа или длабинско или посеопфатно разбирање на општеството, кој ќе продолжи да демонстрира понатамошни атавистички тенденции.
Така, на пример, во последно време, се раѓа еден апстрактен албанофобичен модел, во кој незадоволството од клиентелизмот или корумпираноста на една албанска партија, лесно се претвора во антагонизам кон Албанците воопшто. Така, наративот „оваа албанска партија е корумпирана“, лесно се претвори во наратив „премногу им се даде на Албанците“. Таквите поедноставени црно/бели варијанти, ќе продолжат да доминираат низ политичкиот дискурс, и ќе стануваат се повеќе „мејнстрим“ пораки.

На крајот, вкупниот емотивен, најмногу негативен, потенцијал, ќе продолжи да доминира на политичката сцена и во наредниот период. Етаблираните партии се потешко ќе успеваат да го задржат вниманието на гласачите, кои, очајни за промена, ќе се вртат се повеќе кон маргинални, екстремни и радикални партии, не можејќи потребата за промена да ја остварат без деструкција. Паралелно, популизмот претворен во лесниот етнофобичен наратив, ќе остане доминантен. На сето тоа, сеуште ќе очекуваме „странците“ повеќе да ја сакаат нашата сопствена држава од нас самите, и секако, да имаат повеќе одговорност за нејзината судбина од нас, зашто, нели, тоа универзумот ни го должи, поради вечното страдање на „Маќедоња“.

Видео на денот