Дали екоцидот врз Дебарското Езеро го предизвикал лажниот „мазут“ од сторијата на ИРЛ?

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Два месеца по сериозниот инцидент на Дебарското Езеро, во кое беше излеано огромно количество непозната густа и мрсна течност и предизвика екоцид на живиот свет во водите и на брегот на оваа акумулација, сѐ уште не се обелоденети виновниците и нема изречени казни. Сепак, откако се чинеше дека истрагата подолго време тапка во место, деновиве работите почнаа да се расчистуваат, а информациите дека голем број на приватни компании и на државни институции набавувале енергенси од Евротим ГДС од Кичево укажуваат на можноста дел од токсичниот „мазут“ да завршил и во водите на Дебарско езеро.

Огромна црна мрска дамка на брегот и во самото езеро беше откриена уште на 20 март, по што екипи на Државниот Инспекторат за животна средина и крим техника при МВР излегоа на терен за да соберат мостри и тие да бидат дадени на анализа. Но, иако помина доволно време, ниту една институција не ги објави резултатите од анализите, а званичниот статус на случајот е дека се уште трае истрагата.

Од Јавното Обвинителство за „Слободен печат“ информираат дека Основното јавно обвинителство Дебар сѐ уште ги прибира материјалните докази во врска со земените мостри од Дебарското езеро, но она што досега открила истрагата укажува дека се работи за нешто што наликува на мазут, но не е. „По наредба на обвинителството е извршено вештачење, од кое согласно утврденото во доставениот извештај, произлегува дека течноста од која биле земени мострите е моторно масло“, стои во дописот на ЈО. Обвинителството има издадено и други наредби и насоки до Министерството за внатрешни работи во насока на проверка на факти и прибирање на податоци, по чие комплетирање се очекува до обвинителството да биде доставена информација.

Сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и како што објави ИРЛ се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава ја натера Владата да покрене обемна истрага во која побара да се вклучат сите надлежни институции.

Токму отпадно моторно масло, познато уште и под имињата резидуално, погонско или поморско масло, кое од 2016 година е забрането за согорување во урбани средини во Европската Унија и дозволено да се користи како гориво за танкери доколку исполнува строго определени еколошки услови, е посочено во сторијата на ИРЛ како материја, која под лажен тарифен број на мазут, од ЕУ, преку Босна го наоѓала својот пат до Македонија. Според неофицијалните информации до кои дојде Слободен Печат, причината зошто досега нема утврдено виновник е бидејќи анализите покажале дека не се работи за мазут и дека не се работи за случајно туку намерно испуштање на големи количества на отпадно масло во една од шахтите во околината на Дебар, најпрвин ги збунило надлежните, кои очекувале дека трагата на мазут ќе ги одведе на вистинската адреса. Целата постапка коинцидира со времето кога почнало да се одмотува клопчето околу аферата „лажен мазут“ во институциите и од страна на истражувачкиот тим на ИРЛ.

Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека со Јавниот обвинител со Дебар соработуваат со цел откривање на изворот на материјата што наликуваше на мазут и којашто го загади Дебарско Езеро и дека Инспекторатот е вклучен во надзорите врз инсталациите што набавиле или набавуваат гориво што потенцијално не е мазут. “Ќе се провери дали компаниите од Дебар што користат мазут набавувале или сеуште набавуват гориво од добавувачите што беа спомнати во истражувачката сторија на ИРЛ и јавноста ќе биде благовремено известена, со внимание кон заштитата на лични податоци, истовремено спречувајќи компромитирање на истражните постапки“, стои во одговорот добиен од Државниот Инспекторат за животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот