Дали чествувањето на роденденот на Гоце Делчев станува настан од висок ризик?

Гоце Делчев делегација 119 години од смртта (7)
Слободен печат - Драган Митрески

Станува ли чествувањето на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во Скопје кое треба да се одржи на 4 февруари следниот месец настан од висок ризик за државата. Оваа дилема се наметнува во домашната јавност по случувањата со Бугарија и минатонеделните инциденти најпрво со собирот и провокациите со Мара Бунева во Скопје а подоцна и со физичкото насилие врз охриѓанецот Христијан Пендиков.

Домашните познавачи на состојбите велат дека сепак постои безбедносен ризик по државата кога станува збор за најновите провокации од страна на Бугарија преку нејзините испостави во земјава.  Експертите советуваат дека доколку земјава се стреми кон европските интеграции, најважно е во моментов да се реагира смирено со помалку емоции а институциите да ги превенираат ситуациите преку евентуално санкционирање на поединците од двете страни кои имаат наративи да ги нарушат односите меѓу двете земји.

Поранешниот амбасадор во НАТО и дипломат Нано Ружин за „Слободен печат“ вели дека балканските наративи продолжиубаат да го обликуваат овој регион. Според Ружин реални се нови провокации од страна на поединци во соседна Бугарија кои би можеле да допринесат за евентуално зголемување на тензиите и некакво безбедносно нарушување на јавниот поредок.

Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО / Утрински брифинг

– Наместо историските симболи да станат симболи на соработка тие под притисок на националистиччко забегување стануваат спор меѓу државите. Тоа е случај и за Косово, БиХ, така беше и во Хрватака. Во еден таков вид на вакви надмудрувања кои ги гледаме од двете страни нема победник. Секогаш треба да сме спремни на солуцијата и за победа но и пораз. Нема солуција само за победа секогаш. Затоа треба да се продолжи со соработката меѓу двете земји. Тоа е така бидејќи ние не сме од позиција на земја која е членка на ЕУ и од таа перспектива да ги диктираме работите. Потребно е да се учиме од нашите лекции од минатото, изгубивме толку време во спорот со името дали и сега треба да губиме време заради емоции и некои и дневно политички провокации кои го одолговлекуваат нашиот пат кон ЕУ – посочува Ружин.

Тој додава дека институциите треба да внимаваат во иднина да не се организираат антидржавни кампањи од други земји кои ги спроведуваат политички партии и поединци. Според поранешниот амбасадор, државата треба да биде претпазлива а интелектуалите и граѓаните паметни во избегнувањето на провокациите.

– Ние сме цело време во една линија на провокации од Бугарија. Дали тоа беше со случајот со чествувањето на Бунева или подоцна со судирот на луѓе кои некои од нив можеби биле и дел од подземјето е неспорен факт. Но, факт е и дека беше претепан и секретар на бугарски клуб во земјава. Исто така имаме и човек како Џамбаски кој во Скопје промовираше големобугарска политика. Кога сето ова ќе се собере говори дека ваквите настани ја влошуваат нашата позиција. Треба да играме смирено иако очекувам да има и дополнително влошување на релациите и состојбите во двете земји. Затоа потенцирам мора да бидеме многу претпазливи но и паметни, бидејќи ако повторно непотребно губиме години и децении и не го решиме прашањето со Софија тоа ќе се рефлектира на идните генерации во земјава – посочи Ружин.

Безбедносниот аналитичар Милан Стефановски советува дека треба да се спроведат сите заклучоци донесени од Советот за безбедност во претседателската вила Водно.

Милан Стефановски – Политиколог / ”Слободен печат” – Драган Митрески

– Повеќе од јасно е дека стнува збор за организирани активности од страна на структури од Бугарија кои се активирани по усвојувањето на европската преговарачка рамка во јули минатата година. Впрочем како што и посочи претседателот Стево Пендаровски овие структури се веќе мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организираното доаѓање на повеќе лица во Скопје на 4 февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Затоа неопходно е безбедносните структури превентивно да делуваат се со цел да не дојде до некакви безбедносни потреси, за кои апсолутно не ни се потребни во моментов – вели Стефановски.

Стефановски подвлекува дека сепак останува висок безбедносен ризик чествувањето на роденденот Гоце Делчев и поради тоа надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува.

Во меѓувреме вчера три часа зад затворени врати заседаваше Советот за безбедност во претседателската вила Водно. Главната тема на вчерашната 18 седница на Советот беше безбедносната ситуација околу чествување на 151 годишница од раѓањето револуционерот Гоце Делчев во Скопје на 4 февруари, за што македонскот претседател Стево Пендаровски изјави дека тоа е настан од висок безбедносен ризик.

По седницата на Советот, Пендаровски изјави дека посебен фокус на седницата бил ставен на најновиот развој на настаните во односите со Бугарија, а како што тој истакна поводот не бил само немилиот настан во Охрид. Според Пендаровски за таа тема пред членовите на Советот, реферирале директорите на безбедносните служби и тие најавиле дека се очекува организирана група да пристигне во Македонија на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Од друга страна вчера американската амбасадорка во Скопје Анџела Прајс Агелер при гостување во емисија во домашните медиуми истакна дека од круцијално значење е да се смират страстите меѓу Скопје и Софија и лидерите од двете страни смирено и рационално да дискитураат.

„Луѓето во државата секој ден можат да ги видат тие конфликти, и ескалацијата кај дел од дијалогот што ја сведочиме помеѓу оние во Софија и овие овде. Мислам дека е од критична важност тие разговори да се смират, лидерите од двете страни на границата да можат да дискутираат смирено и рационално, за тоа кој е патот напред, во врска со некои од овие проблеми кои ги видовме помеѓу различни индивидуи и заедници. Тоа е од критична важност. Но, дали тоа треба да го запре, или дури и да го одложи напредокот кон ЕУ? Не мислам дека треба, истакна амбасадорката на САД во интервју за ТВ „Телма“.

Инаку заедничката историска комисија на Македонија и Бугарија која е формирана во 2018 година, согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година меѓу двете земји четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на роденденот на Делчев. Заедничкото чествување од страна на политичарите на двете земји сепак имаше на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Делчев иако комисијата засега нема постигнато договор. Делчев е само еден дел низата на историски личности од Македонија кои соседна Бугарија тврди дека тој сепак е личност од нивната историја.

Видео на денот