Дали Бугарија се подготвува за војна?

EPA-EFE/VASSIL DONEV

Зошто им е на бугарските деца воена обука? Денешните деца треба да знаат да напишат компјутерска програма, а не како да расклопат „калашников“. Што се случува во бугарското образование?

Министерството за образование на Бугарија објави нова програма за промовирање на патриотизам во бугарските училишта, за што се обезбедени 500.000 лева, објави весникот „Сега“, повикувајќи се на веб-страницата на Министерството за образование и наука.

На прв поглед: 500.000 лева не се којзнае колку пари, особено кога за патриотизмот во Бугарија се говори или добро или пак ништо – како за покојник. Па, зошто да не помогнеме малку со убав збор?

Темната страна на патриотизмот

Токму тука е проблемот. Министерството за образование и наука, всушност, ќе мора да одвои не 500.000 лева, туку 5 милиони лева за да се зборува за патриотизам во училиштата – но, не како за покојник. Важно е за патриотизмот во бугарските училишта да се зборува со сите противречности на овој модерен феномен. Да се зборува за неговиот потенцијал за обединување на луѓето, како и за неговите мрачни страни: крвопролевањето извршено во име на татковината, репресијата против неистомислениците, екцесите на националистите, за ксенофобијата – другата темна страна на патриотизмот.

Наместо тоа, образовните лица во Министерството се релаксираат во прегратката на познатата инерција и имаат намера да поттикнат проучување на бугарската воена храброст и да вклучат ученици од 8 до 10 одделение во воена обука.

И, за што точно служи оваа воена обука? Со кого има намера да се бори Бугарија, опкружена со сојузници и членка на НАТО, и дали ќе ѝ требаат 17-18-годишни донатори на „топовско месо“?

Денешните студенти треба да знаат да напишат компјутерска програма, а не како да расклопат „калашников“. И оние кои ќе решат да станат професионални војници и со тоа да учествуваат во заедничкиот безбедносен систем на НАТО – можат да ја совладаат професијата во соодветните специјализирани училишта или, едноставно, да се пријават во војска.

За денешните студенти, воената храброст нема да им помогне многу во светот во кој сакаат да живеат: мирен, отворен и високотехнолошки свет на знаење, а не на насилство. Да, убаво е да се зачуваат и почитуваат спомениците на луѓе кои загинаа во војните. Затоа што тие ве потсетуваат на стотиците илјади убиени, кои грабнале пушки во име на честопати измамнички политички каузи. Спомениците треба да се одржуваат, не за да нè потсетуваат какви „злосторници“ се Турците или Србите, туку за да знаат новите генерации дека нема ништо полошо од војната.

Мувлосан патриотизам

Во денешното бугарско општество недостасуваат многу витални елементи, но не недостасува патриотизам. Недостасува здравствена заштита, знаење, народна култура, политички и граѓански интегритет. Сепак, патриотизмот го има во изобилство. За жал, го има во изобилство токму патриотизмот што Министерството за образование и наука сака дополнително да го поттикне: едностран, несвесен, фиксиран само на славната бугарска историја, на бугарската храброст и нејзините безбројни непријатели. Патриотизам без надворешно гледиште и без коректив.

Со други зборови, мувлосаниот патриотизам од пред векови, што создава непријатели, а не пријатели. Патриотизам што копа ровови, а не мостови. Дали денешните бугарски деца го заслужуваат ова? 

 

Преземено од „Дојче веле“ 

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот