Дали блокадата на преговорите со Македонија, ќе ги доведе до судир Макрон и Меркел?

Германската канцеларка Ангела Меркел планира да продолжи да врши притисок врз францускиот претседател Емануел Макрон да попушти за почеток на преговори за членство во ЕУ со Македонија и Албанија, велат владини извори во Берлин за агенциите „Ројтерс“ и „ДПА“, пренесува „Дојче веле“.

Германските весници синоќа излегоа со речиси идентични наслови во извештаите од состанокот на министрите на ЕУ во Луксембург. „Агенцијата Ројтерс“ прогнозира судир меѓу Макрон и Меркел поради преговорите со Македонија. Германските медиуми речиси едногласно вината за неуспехот да се исполни ветувањето кон Македонија и Албанија, го лоцираа во Франција. Водечките „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (Париз го блокира проширувањето на ЕУ) и „Зидојче цајтунг“ (Кочничарски маневар на Париз) пишуваат дека непопустливоста на официјален Париз довела до блокада на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ.

– Франција продолжува да и се спротивставува на намерата на мнозинството ЕУ партнери за отворање на преговори за пристапување кон ЕУ со Северна Македонија. Француската министерка за европски прашања Амели де Моншалан остана изолирана на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург – пишува „ФАЦ“.

„Зидојче цајтунг“ пренесува оти сега се очекува „темата за проширувањето да биде отворена од канцеларката Ангела Меркел на француско-германската меѓувладина конференција во Тулуз во среда, како и на самитот на ЕУ лидерите во Брисел в четврток.“

– Таму многумина ќе можат да го критикуваат ставот на Макрон и од него да побараат да даде зелено светло – пишува „Зидојче цајтунг“. Онлајн изданието на магазинот „Шпигел“ оди и чекор понатаму и прогнозира „скандал“ на самитот на ЕУ на кој, францускиот претседател Макрон може да остане целосно изолиран.

-Се акумулира експлозив – предупредува за „Шпигел“ високо рангиран дипломат.

Агенцијата „Ројтерс“ во информацијата од Луксембург заклучува дека „Макрон е на пат да влезе во судир со Меркел, откако Париз остана изолиран во одбивањето да дозволи почеток на пристапни преговори со Северна Македонија“. „Ројтерс“ наведува дека Франција ја игнорирала широката поддршка меѓу членките на ЕУ да се даде зелено светло за земјите сместени во стратешки регион на прагот на Унијата.

-Со оглед на големата загриженост околу досието на Албанија за борба против корупцијата и широко споделената желба да се награди Северна Македонија за решавањето на спорот за името со Грција, на состанокот во Луксембург во еден момент беше предложено да се даде зелено светло само за Скопје. Франција го блокираше и тој обид – тврди агенцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот