Дали Американците се одговорни за саботирање на Северен поток?
Саботажата е најверојатната причина за оштетувањето на цевките на гасоводите Северен поток 1 и 2. Некои тврдат дека зад тоа стојат САД, а како „доказ“ наведуваат дека нападот го извршил американски хеликоптер. За да дознае која е конечната вистина, германскиот ДВ реши да ги провери сите факти.
Руски гас истекува од четири дупки на цевките на гасоводот Северен тек во Балтичкото Море. „Северен поток 1“ и „Северен поток 2“ се оштетени, а експертите и политичарите со денови велат дека постои само една вистинска причина за тоа: саботажа.
„Сите достапни информации укажуваат дека дупките се резултат на намерна акција“, изјави претставникот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, во име на 27-те земји-членки на Унијата. Затоа, се поставува прашањето: ако била саботажа, тогаш кој ги саботирал гасоводите?
И додека многу експерти помалку или повеќе јасно го вперуваат прстот кон Русија како можен иницијатор на можната саботажа, многумина на социјалните мрежи тврдат дека за можната саботажа се одговорни Соединетите Американски Држави. Во исто време, често се наведува дека американски воени бродови се стационирани во балтичкиот регион – тоа меѓу другото го тврдат и политичарите на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD). Некои од тие тврдења станаа вирални во последните денови.
Тврдење базирано на наводно сведоштво
„Каква случајност“, напиша еден корисник на социјалната мрежа Телеграм со саркастичен тон, додавајќи дека „американски хеликоптер со ознака FFAB123“ полетал наводно „по трасата на гасоводот Северен тек 2 или дури и помеѓу местата на несреќата“ на 2 септември.
Оригиналниот автор на тврдењето поврзано со американскиот хеликоптер е рускиот тинк-тенк Ватфор и има 1,7 милиони прегледи до моментот на пишување. Тој наратив се прошири и на Твитер. Дали американскиот хеликоптер навистина е одговорен за можната саботажа?
Погрешни тврдења
Се уште е целосно нејасно кој стои зад евентуалната саботажа на гасоводот. Според сознанијата на ДВ, споменатиот хеликоптер не доаѓа во предвид како можен „сторител“, пред се од географски причини: ДВ најпрвин ја побарала точната локација на дупките на гасоводот, а ги нашла во Данската шпедиција. Меѓу наутичките информации и различните предупредувања, можно е да се открие каде се трите (од четирите досега) откриени дупки, вклучувајќи ги и нивните координати. Четвртата локација, откриена од шведската крајбрежна стража, сè уште не е јавно и прецизно лоцирана.
Во вториот чекор, DW ја истражуваше рутата по која се движеше споменатиот хеликоптер FFAB123, користејќи го софтверот „Flightaware“. „Flight Tracker“ за 2 септември ни понуди лет во близина на островот Борнхолм, што навистина одговара на илустрациите кои се шират на социјалните мрежи. Патеката на летот на FFAB123 прави неколку „свиткувања“ над Балтичкото Море, малку источно од островот Борнхолм. А кога на истата мапа ќе се споредат координатите на дупките во гасоводот и прецизната траса на хеликоптерот, тогаш ќе добиете сосема поинаква слика од онаа што стана вирална на социјалните мрежи.
Хеликоптерот не летал по гасоводот, не се ни приближил до позициите каде што биле откриени дупките на цевките . Особено, северната локација на оштетувањето на гасоводот е доста далеку од забележаната патека на летот на FFAB123. Според мерењата на ДВ, патеката на летот на FFAB123 била оддалечена девет или 30 километри од локациите на дупките во цевководите.
Заклучок
Виралното тврдење на руски тинк-тенк на Телеграм дека еден американски хеликоптер со ознака FFAB123 е одговорен за оштетувањето на гасоводот не е одржливо и е – погрешно. Хеликоптерот не се приближил до позициите каде гасот истекува во Балтичкото море, наведува овој германски медиум.
Кој е одговорен за евентуална саботажа? И како е таа изведена ?
Тоа се уште е нејасно. Воздушната саботажа изгледа помалку веројатна. Германскиот капетан на фрегата и експерт за поморска безбедност Геран Свистек е убеден дека на гасоводот со помош на подводни возила бил „монтиран“ посебен вид експлозив.
„Знам од моето истражување дека Русија изгради многу моќна програма за истражување на подводниот свет во последниве години“, рече Свистек во интервју за јавниот сервис ЗДФ. Русија неодамна тестираше токму такви подводни беспилотни дронови, меѓу другото, во Северното Море и Северниот Атлантик – и во близина на важни комуникациски кабелски врски.