Дајте образовни асистенти, дајте надеж

Познавајќи ги состојбите со образованието на децата со аутизам, тешко ми падна задачата да пишувам за пример кој нуди решенија за образовните проблеми на оваа маргинализирана група ученици, затоа што многу работи недостасуваат за успешна приказна.

Секое дете има право на образование – звучи лесно и едноставно, ама не за сите. Образованието не е нешто што природно и спонтано им се случува на децата што имаат аутизам. За нив и нивните семејства тој пат е малку потежок од вообичаените патеки што ги изгазиле илјадниците ученици и наставници со генерации наназад. Тие не газат по тие патеки, оти не им одговараат на чекорот, за нив се потребни други, соодветни и поинакви, кои на крајот сепак водат до истата цел.

Потребни се, ама ги нема, затоа што малкумина знаат како да ги градат. Или споро се градат, ама брзо се распаѓаат поради неквалитет. Познавајќи ги состојбите со образованието на децата со аутизам, тешко ми падна задачата да пишувам за пример кој нуди решенија за образовните проблеми на оваа маргинализирана група ученици, затоа што многу работи недостасуваат за успешна приказна. Нема соодветно обучен наставен кадар, нема соодветни простории, нема асистивна технологија за невербалните деца, нема воннаставни активности, нема доволно образовни и лични асистенти, нема што нема… Но, ако барем малку има љубов кон децата, исто е како да има се!

Таа љубов, засилена со волја и посветеност, ја најдов во основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково, кое важи за пионер во инклузијата, затоа што неговиот кадар веќе 15 години самоиницијативно посетува разновидни обуки за работа со тие деца. Таму со примерот на асистентката Катерина Матевска успеав колку-толку да доловам колкава е важноста за секое дете со посебни потреби да има свој асистент. Матевска успешно ги разгазува новите патеки со својата креативност и посветеност, а ученикот напредува и постигнува реален одличен успех, затоа што во асистентката гледа сигурност и потпора да се обиде повеќе и да постигне повеќе. Поттикот на овие деца го дополнува и самото училиште, каде наставниците не чекаат државата да им ги обезбеди потребните обуки и средства за работа, туку сами си ги создаваат, затоа што децата немаат време да чекаат. Тие не ги одбиваат посебните деца како што се случува во друдите училишта туку инсистираат дека секое дете има право да учи во училиште и дури и им одат по дома на семејствата со такви деца, за да ги одоброволат да ги пуштат во нивното училиште.

Кога сите би размислувале и би делувале така немаше да има фрапантни податоци во извештајот на Народниот правобранител дека во некои скопски училишта децата со посебни потреби не се добредојдени и дека со нив нема кој да работи. Ако барем половината од училиштата го прифатат начинот на работа на училиштето во Волково, инклузијата на децата ќе се стави на добра патека, патека со цел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот