Да те „спаси“ деветнаеска

Ми кажува еден пријател пред некој ден: „Што е ова со паркингот кај тебе, го направиле двестапеес денара. Па да имавме нормален јавен транспорт, верувај дека немаше да ми пречи, ама вака се наоѓам во незавидна ситуација ако сакам да завршам нешто во центарот на градот.“ Му верувам на зборот, особено поради фактот дека тој живее во една развиена северна земја во која нема проблеми ниту со паркирањето ниту со јавниот транспорт. Всушност, живее во земја во која луѓето одамна избегнуваат да возат автомобили, затоа што не сакаат да ја загадуваат сопствената земја, па користат јавен транспорт или велосипеди.

Лично, морам да признаам дека мене многу ми се допаѓа одлуката на општинските власти со која се зголеми цената на паркирањето во нашето маало поради тоа што сега ние, станарите, имаме каде да ги паркираме своите возила на сметка на оние што досега, користејќи ја ниската цена, ни го окупираа просторот околу нашето живеалиште. И најсреќен би бил да останат паркирани што повеќе време и да ги користиме за викенд или одмор. И мене од повеќе причини ме иритира состојбата со градскиот превоз, но јас ќе ја наведам за мене најважната: градскиот превоз во Скопје загадува.

Јавниот превоз во главниот град е реликт од едно време кога Скопје имало двесте илјади жители и пристојно урбанизирани населби. Во тоа време и се создале „двојка“, „петка“ и „Деветнаеска“. Во меѓувреме, градот пораснал и се раширил, па само се продолжиле некои од линиите и се додале некои нови. Ама концептот останал ист, а богами исти се и автобуските постојки. Сите автобуси застануваат на сите станици како тоа да е некаков космички закон. Дали воопшто има потреба од тоа? Дали воопшто има потреба од станиците кај поранешен „Рекорд“, од кои едната ја преместија подолу за да не се прави турканица од тоа што се карши-карши? Всушност, автобусите ја прават гужвата во Центар, особено во утринските и попладневните часови, кога луѓето комутираат од своите домови до работа, училиште, болница. И, наместо да придонесат кон намалување на загадувањето и ерадикацијата на автомобилите од градот, тие дополнително ја влошуваат ситуацијата.

И не само што создаваат гужва во Центар, туку се организирани по концепт што наликува на средновековна фарса. Како да му објаснам на пријателот Британец што живее на Водно дека му е подобро и многу поевтино да фати такси со своето четиричлено семејство ако сака да го посети Градскиот парк или Зоолошката градина. Како да му објаснам дека за тоа треба да промени две автобуски линии и да потроши 280 денари во еден правец (две возења по 35 денари за 4 души) и пак да мора да пешачи од Симпо до Зоолошка. Воедно, ќе да мора да му објаснам дека мора да носи и мобилен телефон и да се регистрира претходно, затоа што автомати за билети немаме, а и тоа дека секое возење значи нов билет. Како да му објаснам дека на булеварот „Илинден“ сообраќаат само две линии на фреквенција од еден час и ниедна од тие не оди до Центар, а сите други автобуси одат. Како тоа да му го објаснам на човек што е дојден од земја во која јавниот транспорт е решен за да им олесни на граѓаните, а такси-превозот е елитен и скап. Всушност, и себеси се прашувам која е загадочната поврзаност на Автокоманда и Сарај, братската љубов на граѓаните од Шутка и Карпош 4, или космогонската нишка меѓу Кисела Вода и Долно Нерези. И зошто, побогу, да не може еден патник, штотуку пристигнат на железничката станица, директно да фати автобус до парк каде што резервирал хотел? А каде и да се завртиш фрштат автобуси, иако нема потреба ни да ги гледате, ќе ги препознаете по карактеристичното чкрипење на сопирачките и гласното бревтање на дизел-моторите. Факинг дизел-транспорт во град во 21 век, во време во кое јавниот превоз во „нормалните“ градови е или на струја или на гас.

Уште од времето на СФРЈ се зборува за воведување трамвај. Освен тоа што мене трамваите ми се допаѓаат како изгледаат, немам некој посебен став за тоа дали треба или не. Барем во тоа време, времето на еднопартиското едноумие како што некои милуваат да го викаат, граѓаните беа прашани дали сакаат трамвај. Имаше разработен предлог-план, имаше буџет и сето тоа беше убаво презентирано, на начин разбирлив за граѓаните, па потоа се одржа референдум по тоа прашање. Граѓаните го одбија предлогот, ем поради тоа што им се чинеше скап, ем што не сакаа да им се раскопуваат тогашните убави улици, булевари и многуте велосипедски патеки.

Не сакам да се чувствувам почестен ако градските власти ме прашаат мене и моите сограѓани за решавање на градскиот превоз и неговите импликации врз аерозагадувањето. Па во времето кога имаше само една партија, која можеше да прави како ѝ прдне, да се прашаат граѓаните за некоја крупна работа поврзана со нивното битисување на еден простор беше нормална појава. И сакам да мрчам за несоодветните субвенции за тротинети кои кога ќе залади и ќе се раскашави, ќе ги снема од улиците, а сопствениците ќе седнат во автомобил или такси, и гужвите и загадувањето ќе продолжат. И сакам да не ми ги пипаат дрворедите за да ги шират улиците. Ајде да се договориме дека улиците нема повеќе да ги шириме и дрворедите нема да ги сечеме. Ајде да се договориме дека ќе има велосипедски патеки покрај буквално секоја улица. И ајде потоа да направиме пристоен план за решавање на овој горлив проблем што ќе ги реши и нашите компјутерски маки, ама ќе го реши и загадувањето. Имаме и сообраќајни, и инженери по екологија, а имаме и едно чудо економисти и архитекти. На крајот од краиштата, ако не се најде соодветен тим, може да се обратиме до некој странски институт кој е специјализиран во областа на урбаниот развој и да си платиме за еден пристоен план за решавање на градскиот превоз и сообраќај. Тоа воопшто нема да бидат залудно потрошени пари ако еден убав ден навистина тој проект го реализираме и почнеме да го живееме. Ветувам дека ако некој градски авторитет ми претстави и објасни современо решение кое, попат, нема да загадува, ќе бидам првиот кој ќе навива и лобира до врескање за истото.

И така и само така ќе може да се натпреваруваме во културниот натпревар со другите, ќе се возиме за помалку време и поевтино, а ќе дишеме чист воздух и ќе бидеме здрави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот