Да се обели образот во мечот со Украина

EPA-EFE/Javier Cebollada

Македонија ги изгуби сите шанси во квалификациите за кошаркарскиот мундијал 2023 по петте порази, а на денешниот меч во Скопје против Украина, последен во групата, ќе се обиде да барем еднаш да израдува со победа

Македонија денеска во Скопје игра меч со Украина за да го обели образот колку-толку по катастрофалните квалификации за СП 2023 во кои во пет кола ниеднаш не дојдовме ни близу до победа.

Високиот пораз на црвено-жолтите од Шпанија во Сарагоса (80-44) комбиниран со победата на Украина над Грузија (79-66) во мечевите од петто коло, не закова на последното место во групата. Без разлика на резултатот од денешниот меч во “Борис Трајковски“ (18 ч. влез слободен) Македонија завршува последна во групата, нема пласман во вториот круг од квалификациите и уште подлабоко падна на кошаркарската мапа на Европа.

Сепак, победа против Украина би значело кревање на духот на оваа селекција, која во овие квалификации настапуваше главно некомплетна, со многу промени во составот, а единствена светла точка беше воведување во тимот на неколкумина помлади играчи. Селекторот Драган Бајиќ и кошаркарите велат дека постои поврзаност и тимски дух и покрај неуспесите што се редеа низ квалификациите.

Во групата „Г“ Шпанија има максимални осум бодови од четири натпревари, следува Грузија која исто така има осум бодови од пет мечеви, трета е Украина со шест бодови од четири натпревари и овие три репрезентации обезбедија настап во последната фаза од квалификациите за учество на следниот Мундобаскет. Македонија која има пет бодови од пет натпревари ќе остане на дното.

Тоа што не се пласиравме во втората фаза од квалификациите за СП 2023, покрај спортскиот неуспех носи и неповолности за нашиот тим во процесот на квалификации за ЕП 2025. Имено, сега е сигурно дека ќе мораме да играме претквалификации за ова натпреварување, за разлика од првите три тима во нашата група кои обезбедија место директно во калификациите за Евробаскетот 2025.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот