Да нема ограничувања за протести, реагира Блупринт

Фото: Слободен печат

Блупринт групата за правосудство остро реагира на предложените измени и дополнувања на Законот за јавните собири, кои денеска беа повлечени од Владата. Измените и дополнувањата на законот беа најавени со цел нивно усогласување со новиот Закон за прекршоци во однос на предвидените глоби, меѓутоа финалниот текст на предлогот воедно предвидува скандалозни ограничувања на правото на протест, реагираат невладините.

„Иако Уставот на Република Северна Македонија предвидува право на мирно собирање и изразување на јавен протест, без претходно пријавување и дозвола, предлог измените и дополнувањата предвидуваа арбитрарни ограничувања во поглед на местата каде што јавниот собир може да биде организиран, предвидувајќи забрани за организирање јавен собир во седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, како и резиденцијалните и репрезентативните објекти и околниот простор што им припаѓа на органите на државната власт на Република Северна Македонија, во седиштата на странски дипломатско-конзуларни претставништва и нивни резиденции и во објекти и простори кои се од посебно значење и интерес за безбедноста на Република Северна Македонија. Ваквите ограничувања во отсуство на јасно предвидените услови во Уставот (воена и вонредна состојба) претставуваат цензура на правото на протест, излегувајќи надвор од ограничувањата предвидени во член 11 од Европската конвенција за човекови права и праксата на ЕСЧП. Сите ограничувања на правото на мирен собир и здружување мора да се во согласност со принципот на пропорционалност, поточно мора да постои рамнотежа помеѓу природата и опсегот на ограничувањето и целта која сака да се заштити со таа интервенција од страна на државата“, се вели во соопштението на Блупринт гурпата за правосудство.

Тие се загрижени за начинот на којшто овие предлог измени на законот имаа тенденција да бидат донесени. Напоменуваат дека праксата на објавување на нацрт и предлог закони на ЕНЕР, кои претрпуваат промени и кои подоцна значително се разликуваат во финалните текстови, претставува злоупотреба на, како што велат, навидум „отворениот“ процес за носење на законите.

Блупринт групата за правосудство се повикува на насокоте од Венецијанската комисија за слободата на мирни собири во кои се вели „забраната и ограничувањето на собирот секогаш треба да биде последна мерка и треба да се земе предвид само кога помалку ограничувачки одговор не е соодветен“.

– Иако Владата се предомисли и ги повлече предлог измените на Законот за јавните собири, Блупринт групата за правосудство предупредува дека надлежните институции не можат да си дозволат во едно демократско општество да посегнуваат и наметнуваат ограничувања на правото на протест без претходно да обезбедат пошироки консултации со граѓанското општество – се наведува во соопштението.

Потсетуваат дека праксата од земјите во регионот покажува дека не постои ограничување на просторот предвиден за протести освен во Хрватска, кое се однесува само на 10 метри од објектите каде што се наоѓаат Саборот и Владата и на 20 метри од Уставниот суд.

„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ДОЗНАВА: Владата го повлекува спорниот закон за протести

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот