Да не им вртиме грб на децата со попреченост

Елена Даскалова
Елена Даскалова/Слободен печат

Цел живот познавам девојче со кое си игравме уште од мали, нашите мајки се другарки и сосетки од детство… Со тек на време јас пораснав повисока, зборував повеќе од неа (иако тоа не е нешто ново кога сум јас во прашање), ја гледав во школо, ја шетаа на исти места каде и мене, но ништо не ми беше поинакво од она што го правам и јас.

А еден ден, во учебник по биологија, во лекција за хромозомски нарушувања, видов слика.

„Мамо, види ова девојче личи на Надица”, ѝ реков, покажувајќи на фотографијата во лекцијата.

Всушност, тоа беше денот кога сфатив дека Надица, која ја знам откако паметам за себе, е девојче родено со Даунов синдром. Не се сеќавам колку години имав кога собрав 2 и 2. Тогаш веќе се имаше логика. И зошто беше лесно да се надзборува Надица, зошто за толку кратко време пораснав повисока од неа, зошто некогаш требаше да ја препрашам нешто и по двапати за само отсечно да ми одговори и потоа да продолжиме со играта.

За ова можам да им кажам само едно големо „благодарам” на членовите на моето семејство, што на никој начин не ми посочија дека е поразлична од мене, не ми забрануваа дружење, но и на нејзините блиски, што никогаш не ја изолираа, туку со сите напори се бореа (и сигурна сум дека уште се борат) за нејзиниот живот да не се разликува од она што сме го нарекле нормално.

Читам вчера, колешка од друг медиум употребила одредени термини зборувајќи за деца со попреченост и нивната вклученост во образовниот систем. Подоцна и се извинила, што е, признавам, доблесно и ретко кој досега на овој начин застанал зад тежината на кажаното и изразил искрено жалење.

Сакам да верувам дека ќе дојде и оној ден кога лицата со попреченост ќе добијат шанса да бидат вклучени во секој општествен процес, соодветно на нивните можности. Сигурна сум дека секој од нас има талент и потенцијал да придонесе, колку што може, во градење на свет во кој предрасудите и стереотипите скоро и да не постојат, без оглед на тоа дали имаме хромозом помалку или повеќе, физичка или интелектуална попреченост. Верувам во тоа дека ќе се изведува онаа категоризација која министерот ја спомнува во репликата до новинарката и дека со овие лица ќе работат стручни кадри. Тие деца заслужуваат да бидат вклучени во образовниот систем, а кога ќе пораснат треба да имаат шанса самите да заработуваат благодарение на наученото. Свесна сум и дека таа промена не може да се случи од денес за утре, но постоењето на иницијатива дава надеж, не само за децата и нивните семејства, туку и за општеството, човештвото, дека ќе не биде.

На ова општество му е потребно будење во врска со оваа тема и тоа најбрзо што може. Зошто да сме полни со омраза и предрасуди, кога од нив, од различните, можеме да научиме една многу важна лекција – да пристапиме кон светот со љубов и разбирање, нешто што тие го имаат во себе уште од раѓање.

Но, да почнеме сите од себе најпрво. Колку и да звучи тоа клише, вистина е дека ако сакаме да видиме некоја промена кон подобро во светот, треба да тргнеме од себе.

П.С. Ова важи и за сите вас што не штедевте навреди и за новинарката и ја линчувавте со коментари на социјалните мрежи. Иако несреќно избрани, нејзините зборови погодија точно во центарот на целокупниот проблем кој постои во образовниот процес кај лицата со попреченост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот