Да му „умре“ Собранието на комшијата!

Собрание на РС Македонија / Фото: СП. архива

И во овој собраниски состав почнаа познатите парламентарни драми со блокирани закони, илјадници „креативни“ амандмани, навреди и обвинувања наместо работење во корист на граѓаните – најново е што опозицијата ја спречува власта да овозможи заразените и изолираните пратеници со коронавирус да работат онлајн без да се направат уставни измени, а тоа го прави со над 3.000 амандмани на предлогот за измена на собранискиот Деловник, во кои има и бесмислени барања, како на пример едно од Левица, изолираните пратеници за Велигден пред камерата да ставеле бојадисано јајце!

Од друга страна, владејачката СДСМ најави дека ќе го смени Деловникот и ќе обезбеди онлајн Собрание „со или без согласност на опозицијата“, на што од ВМРО-ДПМНЕ навестија дека сите одлуки на таквото Собрание ќе ги сметаат за неуставни и ќе ги оспорат на Уставен суд.

На владејачкото мнозинство оваа измена му е потребна затоа што со 62 пратеника тешко обезбедува кворум за работа и за гласање на законите во услови кога по неколку пратеници редовно се на лекување или изолација заради коронавирусот. Засега „висат“ многу важни одлуки за граѓаните, меѓу кои ваучерите од последниот пакет-мерки на Владата, продолжувањето на кризната состојба, Буџетот за 2021 година итн.

Арсовски: За промена на Уставот требаат 100 дена

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека формално Деловникот може да се смени со 61 глас и без учество на опозицијата, но подобро е кога партиите соработуваат. Тој мисли дека самата пандемија, а не тенкото мнозинство, ја наметнува потребата од онлајн учество на седниците.

– Да беше поголемо парламентарното мнозинство немаше да има толку акутна потреба да се овозможи пратениците да работат онлајн, но во ек на пандемија тоа секако ќе беше неизбежно. Имаше заболени од сите пратенички групи и очекувано е дека и натаму ќе има и заболени и изолирани пратеници и затоа е потребно онлајн учество на седница. Така што и со 70 пратеници во мнозинството потребата ќе се наметнеше. Прашањето сега, во овие здравствени услови веќе не е дали Собранието ќе работи и одлучува во живо или онлајн, туку дали воопшто ќе работи – вели Арсовски за „Слободен печат“. 

Според него, оваа блокада на Собранието е резултат на тоа што политичките партии кај нас традиционално не се поставени како меѓусебни опоненти, туку како непријатели, при што конструктивноста се разбира како слабост, а добрите предлози и решенија се одбиваат само затоа што доаѓаат од спротивниот табор.

– Жално е што партиите не наоѓаат начин да се договорат и да соработуваат. Веројатно би можеле да се усогласат за Деловникот сега за да се обезбеди да функционира непречено Собранието и истовремено да отворат дебата за негова целосна ревизија што ќе ја направат веднаш штом се надмине пандемијата. Оти, за промена на Уставот, како што бара опозицијата,  според процедурата се потребни најмалку 100 дена – вели Арсовски.

СДСМ: Онлајн седници ќе има

Минатата седмица сите пратеници од мнозинството што претходно беа во изолација се вратија на работа и Собранието ја почна постапката за измени на Деловникот во скратена процедура, на што опозицијата жестоко се спротивстави со над 3.000 амандмани, во обид да ја блокира измената. Дел од тие амандмани, кои се преведуваат и се архивираат во собраниските служби се бесмислени, а содржината ја објавија пратениците од СДСМ.

– Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, но и целокупната опозиција не сакаат функционално Собрание и продолжуваат со својата деструктивност. Колегите поднеле амандман во кој се вели дека „за време на велигденските празници, пратениците кои ќе учествуваат во работата на Собранието од далечина, да имаат бојадисано јајце пред камера“. Во дел од амандманите се вели пратениците што ќе работат на далечина да не смеат да носат облека со обележја на автомеханичарски салони и месарници, да не смеат да носат џемпери затоа што, замислете, тоа било навреда за Собранието. Замислете до каде оди оваа дрскост. Пратениците што се борат со вирусот, пратениците кои се во изолација поради позитивни членови на нивните семејства, кои не знаат дали ќе го победат вирусот, кога ќе бидат приклучени онлајн да покажат бојадисано јајце – рече вчера координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески и додаде дека амандманот со јајцето е поигрување со чувствата на верниците, а оној со облеката е навреда на луѓето кои чесно го заработуваат својот леб и девалвирање на целото Собрание.

Според Митрески, голем број од амандманите се однесуваат на тоа кога измените ќе стапат на сила.

– И тука опозициските пратеници се препуштиле на дрскоста и безобразноста, па се поднесени амандмани кои велат стапува на сила 40-тиот ден по влезот во ЕУ, па 41-виот, 42-риот и така натаму. Ова е понижување на Собранието и погазување на интересите на граѓаните. Ова јавноста го гледа и ќе го цени. Деструктивноста, антидржавното и антинародно однесување на опозицијата може да ја забави, но нема да ја спречи функционалноста на институциите. Со и или без нив, граѓаните ќе добијат функционално Собрание посветено на реформите важни за државата и граѓаните – рече Митрески.

Пратеникот од Левица Димитар Апасиев на Фејсбук потсети дека затрупувањето со амандмани не е ново и дека и порано го правеле пратениците.

– Според логиката на спикерот Талат Џафери, правото на амандмански филибастеринг во Собрание е вродено и загарантирано само за ДУИ. Оти, нели, само тие смеат да поднесат 15.500 амандмани против Законот за бранители и 5.500 против Изборниот законик. Ама кога Левица ќе поднесе 1.400 амандмани против неуставниот Деловник, тогаш тоа е деструктивност!? Бре, мајката – порача Апасиев.

Според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, тие очекувале да разговараат заеднички со СДСМ за идејата за онлајн седници, но тоа изостанало.

– Собранието е функционално, имаме минимум 115 пратеници кои се секогаш присутни на седница, кои што може да разговараат и дискутираат за сè. Единствената причина поради која што се бара ова онлајн Собрание е малиот број на пратеници од владејачкото мнозинство. Да не заборавиме дека 58 пратеници од опозицијата претставуваат повеќе од половина милион граѓани на оваа држава и тие пола милион граѓани кои што го дале гласот за опозицијата очекуваат нешто од таа опозиција и се на ставовите заедно со опозиционите партии. За жал, немаше слух од страна на владејачкото мнозинство, се поднесе овој предлог Деловник без консензус – рече Мицевски.

Според него, целта е да се протуркаат одредени законски решенија што немаат допирна точка со проблемите со ковид-кризата.

Заев за амандманите на Левица: Ова е срамна непочит кон македонските граѓани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот