„Да ја донесеме Европа“ дома, велат експертите

Европска унија /Фото: Миа

Откако  Бугарија стави вето и Советот на општи работи на ЕУ не донесе одлука за преговарачката рамка на Македонија, македонската експертска со сугестии како понатаму со кочничарот Бугарија“.

Според поранешниот амбасадор Благој Зашов, нашата држава има стратегија која ја спроведува, но посочува дека во битката со Бугарија која го користи членството во ЕУ за остварување на својата романтичарска агенда, треба да се вклучат и пријателски земји, добри познавачи на македонско-бугарските односи. Тој порачува дека треба да бидеме трпеливи и упорни бидејќи Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ.

-Македонското прашање не било решено со години и може уште малку да почека за да се дојде до резултат кој ќе го зацементира она што сме го изградиле од 1944 година, односно од НОБ наваму. Треба да бидеме упорни во докажувањето на правото за самоопределување, со свој јазик и држава. Имајќи ги овие принципи за кои сите Македонци се залагаме треба да ја оставиме Владата која веќе најави дека нема план „Б“ да продолжи да преговара. Македонија е во Европа и таму припаѓаме географски, културно и политички. Не можеме да правиме експерименти, да скокаме од Европа и да одиме во далечни региони како што се Русија или Кина. Мнозинството во Македонија се одлучи за ЕУ. Ние сме во НАТО и сега останува да го решиме уште ова прашање. Со помош на наши пријатели и земји кои ги разбираат работите, Бугарија треба да биде убедена да го промени својот став. Знаеме дека ќе биде тешко бидејќи Захариева и Каракачанов малку повеќе се „залетаа“ со своите ставови, но друго ништо не ни преостанува, вели Зашов.

Според Зашов властите мора да побрзаат со зајакнување на нашата дипломатија бидејќи како последица на внатрешни меѓупартиски недоразбирања многу дипломатски претставништва во светот останаа празни, вклучително и амбасадата во Софија.

И за политикологот и поранешен министер за екологија Тони Поповски, единствен стратешки пат за Македонија е членството во ЕУ. Тој вели дека „Владата треба да ја донесе Европа кај нас“ за кој патоказ треба да и биде последниот Извештај на ЕК за напредокот на Македонија.

– Иако блокирани од Бугарија во моментов, не смеме да се откажеме од тој пат. На Советот за општи работи на ЕУ, имавме поддршка од останатите 26 членки и од Европската комисија. Без оглед што ќе се случи и во декември, треба да го земеме Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија и сериозно да започнеме со реализација на процесот „носење на Европа кај нас“. Треба да ја користиме целата техничка помош и сите европски пари кои ни се на располагање. Тоа се финансии на нивни даночни обврзници и треба да бидат искористени за спроведување на реформите за подобрување на стандардот на македонските граѓани. Особено е важно да се искористат средствата од Инвестицискиот план за Западен Балкан. Ние имаме тешка здравствена криза предизвикана од коронавирусот. Претпоставка е дека оваа блокада од Бугарија ќе ги влоши внатрешно политичките односи и во услови на една таква повеќекратна, здравствена, економска и социјална криза треба да сме внимателни, односно да ги користиме сите финансиски можности кои ни се на располагање. Ние не смееме со едно реактивно однесување да се дестабилизираме самите себеси, вели Поповски.

Во меѓувреме вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на твитер твитна дека
„Секојпат кога некој молчи кога се во прашање европските принципи, ЕУ станува послаба и помалку привлечна. Нашата благодарност до сите оние кои говореа денес!“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот