д-р Татјана Гуржанова: Дали сме кандидати за инсеминација?

Инсеминацијата е безболна постапка и трае само неколку минути.

Инсеминацијата е наједноставната и најприменуваната техника за надминување на стерилитетот. На оваа тема разговараме со д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ специјалист, основачка на центарот за плодност „Њуборн клиник“.

Што е интраутеринарна инсеминација?

– Интраутеринарната инсеминација е прилично едноставен метод на биопотпомогнато оплодување, со која претходно подготвениот семен материјал од машкиот партнер се внесува внатре во матката во време на овулацијата, со што се зголемува веројатноста за оплодување и зачнување. Најчесто се користи кај парови со т.н. идиопатска неплодност или неплодност од непознато потекло, при проблеми со овулацијата (откако претходно медикаментозно сме ја довеле жената до овулација), а основен предуслов за примена на овој метод е обострана проодност на тубите (јајоводите).

Како отприлика изгледа оваа постапка за женскиот партнер?

– Инсеминација може да се прави во природен циклус, доколку жената има уредни овулации.

Доколку се прави во природен циклус, обработениот семен материјал се внесува во матката од 12-от до 15-от ден од циклусот (прв ден од циклус е секогаш оној ден кога започнало менструалното крварење). За да се одреди точно овулацијата, вашиот гинеколог ќе го следи растот на фоликулата и дебелината и изгледот на ендометриумот на ултразвук и може исто така да се следи и со хормонално испитување на крв за ЛХ-хормон и естрадиол.

Во текот на подготовката вашиот гинеколог може да се одлучи за стимулација на овулација со таблети или инјекции, со фоликулометрија ќе го следи растот на фоликулата во која созрева јајце-клетка и во одреден момент ќе се одлучи за ХЦГ-инјекција или популарно„стоп-инјекција“.

Подготвената сперма се внесува во матката 36-40 часа после стоп-инјекцијата.

Гинекологот специјалист по хумана репродукција го воведува спекулумот (инструмент кој служи за ширење на вагиналните ѕидови) во вагината и со мал тенок и еластичен катетер преку грлото на матката го внесува претходно обработениот материјал внатре во матката.

Со обработување на семениот материјал или спермата се одбираат најдобрите сперматозоиди со т.н, градиент метод и се отстранува течноста во која сперматозоидите природно пливаат.

Колку трае постапката и дали е болна?

– Целата постапка трае неколку минути и е безболна.

Како изгледа оваа постапка за машкиот партнер?

– Машкиот партнер на денот на инсеминацијата дава семен материјал или сперма, која се подготвув по градиент метод за постапката. За материјалот А биде што поквалитетен треба да се воздржи од ејакулација 2-3 дена пред инсеминацијата.

profimedia

Колкав е процентот на успешност?

– Успешноста на овој метод е 15% на поединечен циклус со користење на терапија за стимулација на овулација, а поголема е кај помлади жени. Тест за бременост се прави 15 до 21 дена после инсеминацијата.

Се смета дека нема смисла да се повторува постапката повеќе од четири пати доколку се задоволени сите претходно споменати критериуми. Ако процедурата не успее, вашиот гинеколог специјалист по хумана репродукција ќе ви предложи некој друг третман или можеби ин витро.

(комерцијален текст)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот