Д-р Предраг Серафимовски: Медицинска сестра со средно и хигиеничарка имаат 1.000 денари разлика во плата

Фото: Драган Митрески

„Медицинска сестра со средно со 10 години стаж и хигиеничарка со 10 години стаж имаат разлика од илјада денари во платата поради неусогласеност на коефициентите и политички пазар од сите партии. Револтот е голем, имаме најави дека конечно ќе се регулираат платите бидејќи нашите барања од Клинички центар поминале пред Фондот за здравство и усогласувањето на коефициентите било одобрено. Затоа ќе чекаме до среда, ако тоа не се реализира, не чекаме повеќе, свикуваме совет на Синдикатот и почнуваме радикален штрајк. За две илјади денари и за три илјади денари да се молиме веќе е дегутантно“, вели за „Слободен печат“ доктор Предраг Серафимовски од Синдикатот на Клинички центар.

За доктор Серафимовски е несфатливо како може доктор специјалист и хигиеничар да имаат разлика во платата во сооднос 3 спрема 1, кога во Југославија истиот бил 7 спрема 1.

Тој вели дека Синдикатот на клинички центар има 4.900 доктори, сестри и техничари и друг кадар и дека има незадоволство што ветувањата дека ќе добијат усогласување на платите не е исполнето и само се купува време.

И другиот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита најави протест пред Министерството за здравство за четврток поради тоа што уште не бил потпишан анексот на Колективниот договор за корекција на коефициентите на вработените. Во овој синдикат членуваат дел од вработените во Градска болница и ГОБ 8 Септември, но и лекари од Битола, фармацевти, административци во болниците.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски побара Министерството за здравство и ФЗОМ да презентираат најдоцна до среда што договориле околу корекцијата за покачувањето на платите, а ако тоа не се случи, веќе во четврток сите членови масовно да протестираат.

-Очекуваме најдоцна до среда да ни се презентира што договориле, доколку тоа не се случи, во четврток во 11 и 55 часот ги повикуваме сите членови на Синдикатот и сите вработени во здравството кои нема да бидат вклучени во работниот процес на тој ден, да бидат присутни на протестот за да го искажеме нашето незадоволство за несериозниот пристап кон сериозно прашање, рече Каранфиловски.

Платите не се единствениот проблем во државното здравство. Нема нови вработувања, фалат специјалисти од сите гранки, пациентите чекаат за базични прегледи преку Мој термин со месеци, а одделенијата се реновираат со странски донации од амбасади. Голем дел од прегледите и услугите се добиваат во приватното здравство кое печали на сите овие пропусти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот