Д-р Петличковски: Засега нема потреба од нови рестриктивни мерки

Д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести/Фото: Слободен печат

Со моменталната ковид-ситуација нема потреба од нови рестриктивни мерки, последните препораки за задолжително носење на маски во болници, аптеки, јавен превоз и старечки домови засега се доволни, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Тој во вечерашното гостување во емисијата „Жешко столче” на Канал 5, беше дециден дека според моменталната ситуција со околу 170 хоспитализирани со Ковид-19 во болниците, од кои 20 во Инфективната клиника и ниту еден со тешка клиничка слика, рестриктивните мерки треба да се чуваат за кога ќе бидат потребни.

Сепак, бидејќи, како што истакна, вирусот изненадува и се враќа со нови верзии, сериозно ќе се размислува за отворање на прашањето за планирање на есента.

– Вирусот не изненади со појава на нова верзија која уште полесно се шири и има прилично ефикасен начин да го избегне веќе стекнатиот имунитет. Во моментот во Австралија е најсериозна ситуацијата бидејќи таму е дојдена есента и во овој бран истовремено со омикронот се појавува и грип. Ситуацијата е комплексна и има прилично голем притисок врз установите и затоа сметаме дека треба малку посериозно да го отвориме прашањето за планирање на нашата есен во прв ред заради грипот и недоволната вакцинација која можеби ќе ни прави проблем наесен, оцени Петличковски.

Не ја исклучи и можноста за враќање на маските во училиштата, доколку се појави потреба за тоа..

Според него, се чини дека се приближуваме до пикот на овој ковид-бран кој ќе трае неколку недели.

-Потоа се очекува бројот на инфицирани да се намалува. Ќе ги видиме и бројките од неделава, но се чини дека го достигнуваме плафонот, појасни Петличковски.

Во врска со колективниот имунитет, рече дека имаме остварено солидно ниво, како и во целиот свет. Но, порача дека тоа не значи гаранција за неинфицирање.

– Некои повеќепати прележале, 50 проценти од населението се вакцинирани. Лицата со хибриден-комбиниран имунитет се најзаштитени од нови инфекции и тежок тек на болеста и затоа нема голем притисок врз здравствените установи, информира Петличковски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот