Д-р Никола Христов, специјалист по кардиоваскуларна хирургија: Комплетна артериска реваскуларизација при коронарна болест на срцето

Фото: Промо

Комплетната артериска реваскуларизација е стандардна оперативна процедура во Клиниката „Жан Митрев“.

Коронарната артериска болест е предизвикана од атеросклероза, која ги зафаќа коронарните артерии и доведува до стеснување на нивниот лумен или во потешки случаи доведува до ниво комплетно затнување. Во почетниот стадиум на болеста таа се манифестира со градни болки, стегање во градите, гушење, а при напредни фази на болеста, затнувањето доведува до инфаркт на срцето, кој се манифестира со јаки болки, а може да доведе и до опасни аритмии, па дури и фатален исход поради прекин на срцевата работа.

Фото: Промо

За артериска реваскуларизација при коронарна болест на срцето разговараме со д-р Никола Христов, специјалист по кардиоваскуларна хирургија во Клиниката „Жан Митрев“

Каков е третманот на коронарната артериска болест и кои се можните решенија?

– Третманот на коронарната артериска болест во најраните фази на болеста се состои од превентивни мерки и медикаментозен третман. Додека во понапредните фази на болеста, потребно е да се преземат поагресивни мерки за спречување на напредокот на болеста и нејзин третман, со цел спречување инфаркт на срцето и евентуален фатален исход. Во одредени околности и во поран стадиум на болеста, се применува стентирање на коронарните артерии, што претставува инвазивна процедура на поставување стент во коронарната артерија за да се отвори стеснувањето или затнувањето. Коронарното стентирање е особено важно при акутен миокарден инфаркт, со што се отвора затнатата коронарна артерија што довела до инфарктот и на тој начин да се превенираат потешки компликации од инфарктот.

Фото: Промо

Кога коронарната болест ќе зафати две и повеќе коронарни артерии, станува збор за дифузна коронарна болест. Во тој случај единствен избор на лекување е со помош на оперативен третман на коронарната болест, или таканаречена бајпас хирургија на срцето. Со бајпас хирургијата се врши премостување на заболениот дел од коронарната артерија – стеснет или затнат. При бајпас хирургијата се користат венски крвни садови од самиот пациент, од левата или десната нога, и истите се поставуваат на срцето, од аортата кон срцето, и затоа и се нарекува аорто-коронарно премостување. Овие венски крвни садови имаат ограничен животен век, по неколку години обично и тие се затнуваат и затоа мора да се прави реоперација за да се постават нови аорто-коронарни премостувања.

Фото: Промо

Во нашата болница (Клиника „Жан Митрев“), како стандардна процедура, за овие премостувања на коронарните артерии се користат артерии од самиот пациент, притоа се користи левата радијална артерија од левата подлактица, и две внатрешни торакални/мамарни артерии, лева и десна. Оваа бајпас операција се нарекува комплетна артериска реваскуларизација. Таа е технички потешка за изведување, меѓутоа предностите и се многукратни. Најголемата предност е фактот дека премостувањата направени со користење артерии од самиот пациент се многу подолготрајни/доживотни.

Фото: Промо

Научно е докажано дека при користење на левата и десната торакална/мамарна артерија, и по 15 години кај повеќе од 95% од пациентите артериите остануваат проодни, на тој начин се избегнува потребата за реоперација. Втора предност е тоа што се избегнува манипулација на асцедентна аорта кај пациентите, која исто така може да биде зафатена со атеросклероза, на тој начин избегнувајќи компликации од типот на мозочен удар. Како трето, се зачувуваат вените на нозете за евентуални премостувања кај заболувања на артерии на нозете, за бајпас хирургија на нозете. Се намалува и бројот на оперативни рани, се избегнува оперативниот рез на нозете, кој може да даде проблеми со заздравувањето и евентуални инфекции на тие рани.

Комплетната артериска реваскуларизација е стандардна оперативна процедура во Клиниката „Жан Митрев“. За подетални информации околу процедурата, може да се обратите на кардиоваскуларни хирурзи од Клиниката „Жан Митрев“ преку имејл или да закажете консултација на 02 3091 484.

 

Д-р Никола Христов
Специјалист по кардиоваскуларна хирургија

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот