Д-р Митов за „Слободен печат“: Kако и што да јадете за празниците без да се прејадете

Човековото тело се развива илјадници години и секогаш наоѓало начин како да се прилагоди на променетите услови, но никогаш не успеало да го совлада прекумерниот внес на храна, вели за „Слободен печат“ д-р Александар Митов, магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето. Традиционално, кај нас се слави со многу јадење и пиење, а храната е обично висококалорична. Така, за време на празниците и по нив, ургентните центри имаат повеќе работа и заради труења со алкохол, но и заради гастрити, воспаленија на жолчка и слични состојби кои се последица на конзумирање поголеми количини тешка храна во краток временски период.

– Да погледнеме 200 илјади години наназад: нашите тела развиле механизми за да се справуваат со недостатоци, но никогаш и со изобилие од храна. Тоа е маката. После долг еволутивен пат, ние сме соочени со проблем кој нашите тела го среќаваат првпат и не можат да го решат, а тоа е преголемиот внес на храна. Јас тоа го нарекувам „кризата на изобилието”. Ние можеме да го исфрлиме преку урината вишокот на вода, сосема лесно. Но, не можеме да ги исфрлиме вишокот масти и јаглехидрати. Единствениот пат е тоа да го согориме низ активности. И тука доаѓа вториот огромен проблем. Како за беља, ем премногу внесуваме калории, ем истовремено активноста ни е сведена на минимум. Таа комбинација се покажа како смртоносна за милиони луѓе. И тука е проблемот кој води до гојазност, гојазноста води до метаболен синдром, а тој пак е вовед во сите хронични болести од кои умираме – објаснува д-р Митов.

Тој потсетува дека нашата вистинска традиција за овој празник вели дека се пости се’ до денот на Божиќ, како организмот би се ослободил од дел од наталожените масни наслаги. За жал, сега тоа малку е напуштено.

– Но, дури и кога прославуваме со храна, паметно би ни било да пробаме малку да експериментираме со здрави опции. Пример, дури и во руската салата не мора да се стави салама. Не дека ќе биде здрава опција и без тоа, но сепак можно е со малку внимание да ја подобриме храната во правец на што помал негативен ефект по здравјето. Конечно, многу растителни, посни опции се и тоа како вкусни. Има неколку едноставни совети за празничната трпеза сепак да не биде значителен товар на здравјето и да не треба потоа да поминеме низ период на „опоравување“ од празниците. Првиот совет е да се стави акцент на салатите, свесно да се додадат и обавезно да се употребуваат како почетен дел или вовед кон празничните оброци. На тој начин го искористуваме фактот дека желудникот е ограничен со волумен, и нема да може да се прејаде со останатата храна. Второ, доколку го одбереме месото на трпезата, да се обидеме да замениме со “полесни” опции, како мисиркино или пилешко. И трето, да се обидеме да ги замениме класичните десерти со поздрави десерти. На тој начин сепак ќе го зачуваме празничниот карактер на оброкот, но нема да отидеме во крајност – вели нашиот соговорник.

Често кај нас, особено женскиот пол, знае да каже уште денеска да каснам, па од утре на диета ќе бидам. Д-р Митов вели дека кој и да ги измислил диетите, на човештвото му направил една голема негативна услуга.

– Диетите го шокираат нашето тело, влијаат негативно на нашата психа и за само неколку месеци откако ќе престанат, потполно ја промашуваат смислата зошто биле спроведени. Нема ништо корисно од диетите. Тие само не’ залажуваат и одвлекуваат од она што треба да го направиме: трајна промена на навиките за исхрана и физичка активност. Штом сме дошле во ситуација да ни треба диета, има ли подобар показател од тоа дека нешто мора да смениме? Но, не еден или три месеци, туку постојано, на долг рок. Затоа јас сум поборник за промена на начинот на исхрана, а не за држење диети – потенцира нашиот соговорник.

Како посебно опасни и штетни ги посочува диетите кои целосно отфрлаат одредени тип на храна, како хроно диетата, која покрај другото, не дозволува и внесување на овошје.

– Катастрофа и шок за организмот – ништо повеќе. Пак ќе се навратам на почетокот, на фактот дека нашите тела се стари барем 200 илјади години. Во цел тој период, ние сме јаделе овошје. И сега, некој напишал во некоја книга дека не треба да се јаде овошје и ние треба да се поведеме по тој памет? Овошјето е суштински дел од нашата исхрана, извор на толку важни супстанции неопходни за живот. Еве човек и воопшто да не знае медицина – земете во рака овошје, погледнете го, помирисајте го, вкусете го. И, што ви кажува телото? Се јаде ли?  Секако, човек може да се дресира и за нездрава храна да го добива истиот ефект, но тоа не е исто. Науката е кристално јасно – нејадењето овошје води кон значителни болести, меѓу нив и рак – објаснува д-р Митов.

Негов совет за одржување на витка линија и добро здравје пред и за време на пресотојните празници е да јадеме здраво пред се во остатокот од годината, за да можеме за време на празниците и малку да прославиме преку храната.

– Поважно е што јадеме во останатите 350 дена од годината, отколку во 15 празнични денови. Мојата порака е дека треба трајно да се навикнеме на здрава храна, трајно да се навикнеме да пешачиме и сето тоа да го правиме без никакви диети – вели д-р Митов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот