Д-р Јованка Сурлакова Коровешовска: Егоизмот е голем, со ковид-19 одат на работа и кријат симптоми

Околу 700 пациенти со ковид-19 се лекуваат во болниците низ Македонија, а од нив 234 се на кислородна поддршка и 14 на респиратор. Здравствениот систем е оптоварен и мака мачи да ги смести новите заразени на кои им е потребна хоспитализација. Сите интерни клиники во склоп на Клиничкиот центар ќе примаат ковид пациенти и истовремено ќе ги примаат и оние што немаат ковид дијагноза, како дел од стратегијата за проширување на болничките капацитети на Министерството за здравство.

На ваков начин уште 150 кревети ќе бидат обезбедени на Клиничкиот центар за третман на оние на кои им е потребно болничко лекување а имаат компликации од коронавирусот. Овие пациенти ќе бидат одделени во посебни зони, за да не се наруши нормалното функционирање на одделите што примаат пациенти за редовни интервенции или рутински контроли.

Министерството за здравство соопшти и дека 180 специјализанти од другите градови и од Скопје ќе се вратат во матичните клиники, по што ќе се реорганизираат и ќе можат да ја добијат соодветната грижа. Пандемијата во Македонија секојдневно се засилува. Новите мерки за задолжително носење маска и за забрана за работа на кафеаните после 21 часот, како и забраната за групирање после 21 часот се очекува да дадат резултат до крајот на месецов. Во меѓувреме болниците во Скопје, Штип, Тетово, Битола, Прилеп, Куманово, Струга, Гостивар, Кичево, Дебар, Струмица како и приватните клиники во Скопје се пополнуваат забрзано.

Епидемиологот доктор Јованка Сурлакова Коровешовска од Центарот за јавно здравје Охрид, за ,,Слободен печат” тврди дека егиоизмот кај граѓаните е огромен и дека тие болни и со симптоми кои ги кријат воопшто не се изолираат и така заразата се шири.

-Најголем проблем е што болните одат на работа, се шетаат и кријат дека се болни. Одат по кафеани, се дружат, а со симптоми и болни. Не научија дека изолацијата е најдобра превентивна мерка да се спречи ширењето на епидемијата. Владее некој егоизам од видот ,,мене кој ме разболе?”. Или, ако јас сум болен тогаш сите нека бидат болни. Сите болни одат на работа, ја шират заразата. Најтешко им паѓа што ако се изолираат нема да имаат контакт со семејството и не даваат вистинити информации за контактите. Буквално ги кријат контактите. Тоа е голема грешка и причина за вжештувањето на пандемијата, ни рече доктор Коровешовска коментирајќи ја секојдневната пракса со која се соочува како епидемиолог во ЦЈЗ Охрид.

Таа додаде дека во охридската болница има ,,тепачка” за хоспитализации.

-Сите сакаат да се хоспитализираат, зашто мислат дека е подбро да имаат надзор од лекар. Се тепаат да бидат хоспиталзирани. А дел од нив сметам дека воопшто не треба да се хоспитализирани зашто им го зафаќаат местото на тие со потешка форма на болеста. Оние со многу тешка клиничка слика се испраќаат во Скопје, на Инфективната клиника, додаде докторката.

Директорот на ЦЈЗ Скопје, доктор Александар Стојанов вели дека на државно ниво капацитетот е 1.000 легла за хоспитализација и дека се надева дека новите мерки ќе дадат резултат и ќе се намали трансмисијата на вирусот. Сепак, најмногу надеж здравствените власти полагаат во граѓаните односно нивната совесност, додека да пристигне вакцината која се очекува на почетокот на 2021 година. Во однос на капацитетите за тестирањето за коронавирусот, во Центарот за јавно здравје Скопје се прават околу 200 тестови а резултатот е готов или истиот ден или следниот. ЦЈЗ Скопје ги обработува резултатите од четири пунктови во Скопје но и од граѓани кои што не можат да излезат од дома зашто се во изолација.

Изминатата недела, регистрирани се дури 5.800 нови пациенти со Ковид 19 што претставува зголемување од 70 проценти споредено со минатата недела. Најголем дел од нив, речиси половината, се од Скопје. Најголемиот број од новите случаи од минатата недела се на возраст од 30 до 39 години, вкупно 1283 лица. Над 1000 новозаразени има и во возрасните групи над 40, 50 и 60 години. Најзастапени симптоми и понатаму се температура, малаксаност, кашлица, главоболка, болка во грлото, треска, болка во мускулите, губење на чувството за мирис и вкус и отежнато дишење. Вкупно активни случаи во земјава моментално се 11.194 лица а од почетокот на пандемијата до денеска, животот како последица од компликации од Ковид 19 го загубија 1049 граѓани. Со 13.000 брзи тестови кои за 15 минути утврдуваат дали кај тестираниот е присутен коронавирусот властите ќе се обидат да ги детектираат случате на ковид-19 во земјава. Овие тестови се бесплатни и се донација. Дел од нив се распоредени низ 13 болници во државата и ќе се користат пред интервенции.

Доктор Коровешовска: Охридските журки ќе ни се удрат од глава за две недели кога ќе врие заразени од Ковид 19

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот