Д-р Ирена Гошева, гинеколог: Дали сите гинеколошки инфекции се сексуално преносливи?

Ирена гошева фото приватна архива на Слободен печат

Кога се јавуваат инфекциите?

– Инфекциите од гинеколошка природа може да се јават во која било возрасна доба, но најчесто е во репродуктивното доба. Се карактеризираат со зголемен вагинален исцедок, кој се карактеризира со интензитет, боја и специфичен мирис, но може да е проследено и со нарушување на општата состојба, како болки во стомакот, зголемена телесна температура, малаксаност итн.

Дали секогаш вагиналниот исцедок значи и инфекција?

– Не, зголемен вагинален исцедок може да се јави при физиолошки, односно при нормални промени во телото. Така, на пример, зголемен вагинален исцедок може да е поврзан со нивото на естроген во крвта како при: пубертет, бременост и употреба на контрацептивни таблети.

Патолошки, но од неинфективна природа, вагиналниот исцедок може да е зголемен и во состојби како, на пример, присуство на туѓо тело во вагината (тампон, кондоми итн.), може да е симптом на некаков тип на карцином на гениталните органи. Имено, може исто така да биде и придружен симптом на постоење на генитална фистула, како и да биде резултат на други бенигни промени, па дури и на алергиски реакции.

Дали сите инфекции во гинекологијата се сексуално преносливи?

– Не, има и одреден дел на инфекции кои не се сексуално преносливи и настануваат кога се нарушува балансот на нормалните микроорганизми во вагината или уште познат како „нарушување на локалниот имунитет“. Kога се нарушува тој баланс, одредени микроби може да се намножат и да предизвикаат патолошка состојба која влијае на репродуктивното здравје на жената. Една од тие состојби е т.н. бактериска вагиноза, при што всушност се третира само жената, не и нејзиниот партнер, за разлика од сексуално преносливите инфекции.

Како се лекуваат инфекциите во гинекологијата?

– Секоја состојба на зголемен вагинален исцедок треба адекватно да се евалуира и по правилно поставена дијагноза, задолжително да се лекува.Третманот зависи од причината, а кај сексуално преносливите инфекции третманот е секогаш со одреден антибиотик и секогаш се лекуваат и жената и нејзиниот партнер.

Кои се последиците од инфекциите?

– Широк е спектарот на последиците, од локална инфекција, па сè до пелвична инфламаторна болест, која може да го засегне целиот репродуктивен тракт, па сè до засегање на целиот организам или т.н. диеминирана болест.

Компликациите може да се јават и кај жените, но и кај мажите. На пример, една од компликациите на сексуално преносливата хламидија е синдромот Реитер (Reiter’s syndrome), кој почесто се јавува кај мажите, а се карактеризира со воспаление на зглобовите, уретрата и коњуктивит.

Инфертилитетот треба да се нагласи како последица, како и последователниот зголемен ризик за ектопична бременост.

Во бременоста последиците од инфекциите може да бидат со многу сериозен исход и затоа нивна навремена дијагноза и третман е една од есенцијалните дејности на гинекологот.

Како да се заштитиме?

– Правилната едукација за сексуалното здравје, која може да ја добиете од гинеколог, е еден од најважните начини за превенција на сексуално преносливите болести, односно употребата на презервативи, едуцирање за последиците од промискуитетноста итн.

Д-р Ирена Гошева, гинеколог 
„One Hospital“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот