Глигор Мојсов: Ризик од настинки и смрзнатини на милениците

Пред претстојната зима однесете го Вашиот миленик на редовен преглед кај ветеринарот, зашто некои состојби кај домашните миленици се влошуваат за време на студените денови.

1. Дозирајте го шетањето на миленикот или неговото оставање надвор според расните и индивидуални карактеристики на миленикот. Толеранцијата на студено е различна и зависи од многу фактори на организмот и затоа внимателно!

2. Обезбедете топло место за миленикот надвор, заштитено од студ и ветар, доколку не можете да го чувате внатре. При екстремни температури не го оставајте надвор. Чувањето на миленикот во домашни услови е најдобра опција и превенција од ризиците на појава на настинки, заболувања и смрзнатини.

3. Секогаш проверувајте ги перничињата на нозете – не дозволувајте задршка на снег, мраз или нечистотија. Проверувајте ги краевите на ушите и носето и секогаш чистете ги после прошетка. Проверувајте ги нозете и крајните делови на телото на миленикот дали се многу студени или ја менуваат бојата.

4. Доколку се работи за миленик со малку крзно или компромитирано здравје користете прекривки или заштитна облека.

5. Секогаш добро избришете го и исушете го миленикот доколку се наводени или ако останал на влажно место подолг временски период.

6. Проверувајте ја телесната температура поради опасност од хипотермија.

7. При секоја промена или сомнеж, однесете го вашиот миленик кај ветеринарот и не преземајте мерки на своја рака.

8. Избегнувајте мраз. И бидете секогаш подготвени за студот.

9. Водата и храната секогаш чувајте ги на собна температура.

10 .Хранете го добро, квалитетно, со соодветни суплементи. Храната треба да биде свежа, богата со претеини и масти во студениот период.

Би било убаво секој во рамките на своите можности, да обезбеди малку храна или засолниште за оние животни кои се препуштени сами на себе и на студот. Користете слама, ќебиња, привремени засолништа од стиропор и слично за животни кои се чуваат надвор за да бидат засолнети. Внимавајте на поставен отров (разредувачи, антифриз и сл.) и секогаш тропнете по хаубата или направете бука ако мислите дека е можно некое настинато животно да се скрило во вашиот автомобил.

Пишува – д-р Глигор Мојсов, ДВМ, унив. маг. хир. Ветеринарна амбуланта МОГЛИВЕТ – Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот