Д-р Газменд Амзаи: Ова е борба на човештвото против ковид-19 и сите сме потребни!

Искуството од лекувањето во ковид центарот за доктор Газменд Амзаи од Клиниката за хематологија, е нешто кое нема да го заборави. Иако самиот е хематолошки стручњак, кога било најпотребно, на крајот од ноември бил префрлен на Инфективната клиника во модуларната болница каде што се грижел за пациентите. Со него поразговаравме за лекувањето во ковид центрите но и за другите состојби во здравството.

-Откако се запишав да студирам медицина, бев свесен дека секоја здравствена криза што би се случила во државата, ќе ме изложи и мене на удар. Бев спремен психички и сериозно сфатив дека ова е натпревар на човештвото против ковид 19. Во модуларната болница научив дека инфекцијата САРС- Ков- 2 не е обична настинка и не е наивна работа. Корона цунамито ни го промени начинот на живот, ликот на светот, не затвори дома, ни ги скрати задоволствата и дружбите, ни го зеде секојдневието но на некои им ги зеде најсаканите. Во ковид центарот се соочив со моето главно правило во животот, а тоа е да си мотивиран во секој момент од животот и без разлика за колку тежок пациент да се работи и без разлика колку лоша прогноза има, да се бориш до крај. Бројките на новозаразени во тој период толку многу пораснаа, вирусот се ширеше брзо, го преплави нашиот здравствен систем. Имаше и по 30 до 40 смртни случаи дневно, се сеќава Амзаи.

доктор Газменд Амзаи од Клиниката за хематологија

Во тој период низ прозорецот гледал пред вратата на болницата редици возила на итната медицинска помош.

– Опасноста од коронавирусот стана наша реална опасност за што немавме одговор. Модуларната болница и Инфективната клиника во еден момент немаа место за нови пациенти. Во модуларната болница се водеше битка во првите борбени редови, со голем дел од колегите се познававме од порано, но таму запознав и нови колеги. Сите имавме заедничка цел и ентузијазам и се трудевме максимално. Едноставно бевме решени до крај да ја водиме битката. Координаторот на модуларната болница доктор Иван Видиниќ секогаш беше спремен да донесе одговорни и соодветни одлуки, неговата посветеност, флексибилност создаваше атмосфера на доверба, поддршка и сигурност. Секое утро ги делевме работните задачи а тоа го дуплираше постигнатиот успех. Тимската работа на лекарите, сестрите, болничарите, транспортерите, хигиеничарите, придонесе да сме вистински херои во овие денови. Не бараме аплауз за нашата работа, мотивирани сме да помогнеме бидејќи ја сакаме нашата професија, вели тој.

Да се работи на хематологија и во ковид центарот е различно но сепак, заедничко е тоа што и во двете области сконцентрираноста е на здравјето на човекот. Доктор Газменд Амзаи е еден од најмладите субспецијалисти во државата, доктор на медицински науки и доцент, студент на генерацијата. И покрај сите титули, вели дека за него најголемата сатисфакција е кога ќе го излекува пациентот. Неговата работа на клиниката за хематологија е напорна, но излекуваните пациенти се единствената цел.

доктор Газменд Амзаи работеше во модуларната ковид болница со пациентите заразени од коронавирус

-Самиот збор хематологија предизвикува страв кај народот. Тоа е гранка на медицината што се занимава со болести на крвта и е комплексно подрачје на медицината. Хематолошките малигни болести се крајно каприциозни болести, нивниот развој не може да се предвиди. Борбата со малигна хематолошка болеста е е еден од најтешките предизвици со кои пациентот и неговото семејство треба да се соочат во животот. Тоа е секојдневна 24 часовна посветеност, која го исцрпува умот и телото. Здравјето на пациентот е погодено на повеќе начини, самата болест, агресивниот третман како и несаканите ефекти од третманот. Работата на хематологија е една фонтана на емоции на луѓе што си успеал да ги спасиш и луѓе кои не си успеал да ги спасиш. Смртта е дел од нашата секојдневна работа. Многу животи и човечки судбини згаснувале пред моите очи а тоа остава траги во мозокот и во душата и засекогаш остануват во мемориската лента, објаснува доктор Амзаи.

Тој додава дека лекарите во секојдневната пракса и на различните клиники каде долго време работат, се поставени пред задачи кои ниедна медицинска дисциплина не ги предвидувала, пред ситуации кои ги нема во книгите.

„Здравството треба да го водат професионалци“ вели д-р Газменд Амзаи

– Одличните лекари се мајстори за снаоѓање во различни ситуации и кризи. Кога се зборува за медицинската практика се зборува за арс медицинае, тоа значи уметност, а не само медицинска вештина. Важен услов за успешниот клиничар е да има внатрешно шесто сетило за постапките кои ќе ги презема при сложени и комплицирани заболувања за да дојде брзо до точната дијагноза. Имам силна професионална меморија, се сеќавам на имињата на пациентите кои сум ги лекувал, терапиите што сум ги напишал и тоа со години наназад. Пациентите очекуваат нивниот лекар да ги препознае по долго време бидејќи тоа е гаранција за помнење на нивната здравствена состојба. Секогаш знаев дека медицината ќе биде важен дел од мојот живот. Должен сум да им заблагодарам на двата фенери кои ми го осветлуваа патот до лекарската професија. Професорот Александар Стојановиќ, легендата на хематологијата, професор кој импресионира со неговата неуморност, посебна енергија и професионализам, кој ме насочил да чекорам по правиот професионален пат. Секогаш за секого од колегите е тука да помогне, за сите нас хематолози, тој е една големина во сенка. Потоа, професорот Оливер Каранфилски, титанот на хематологијата, мојот учител, професионален татко во хематологијата, кој со долгите разговори и дебати околу пациентите, секојдневни практични совети, конструктивни сугестии и насоки, помогна да се кристализираат моите ставови кон различните хематолошки заболувања.

Запрашан што му недостасува на македонското здравство, тој вели дека како медицински персонал не се борат само со ковид инфекцијата, туку и со пропаѓањето на болниците и ниските плати.

-Нашето здравство е на добар пат да заврши во инвалидска количка заради најслаби и најнеорганизирани директори поставени по здравствените институции последните 20 години. Здравството треба да го водат професионалци. Лекарот кој има повеќе неработни од работни денови, кој не ставил рака на пациентите да направи еден обичен физикален преглед, не може да води здравствена институција. Тренерот кој никогаш во животот не шутнал топка, не може да биде успешен тренер во некој фудбалски клуб. Потребно е реставрирање на довербата во македонското здравство, радикален пресврт а тоа значи поинаква здравствена политика со луѓе без фрустрации и почитувани, истакнува тој.

Потребно е враќање на довербата во македонското здравство, смета д-р Газменд Амзаи од Клиниката за хематологија

На младите доктори сака да им порача дека во Македонија е тешко и мачно да се постигне успех само со работа.

-Македонија е земја на парадокси и апсурди. Менаџерите и одговорните луѓе на здравствените институции знаат често да постават бариери на способните, обиди да ви го нарушат достоинството, интегритетот и угледот. Некогаш твојата желба ти излгеда дека е со километри оддалечена од тебе. Најважно е да се прескокнат пречките на патот кон успехот. Треба да се мисли за вредностите и за целите што треба да се постигнат, бидејќи нема корист од страв и песимизам. И јас сум бил и уште сум деградиран по сите основи и линии. Спротивно на закон и на сите пишани и непишани демократски правила и принципи, сум бил избришан од списоци за едукации, избришан од предавач на професионални секции, за да одам на конгрес надвор од државата и тоа со грант добиен од организаторот на конгресот. Требаше да дарувам крв за да добијам два неработни дена, единствениот доцент на медицински факултет, субспецијалист, доктор на медицински науки кој што надвор од секоја логика е само собен лекар и не е раководител на ниеден работен процес, отсек, одделение. Што е небото потемно, тоа се ѕвездите посјајни, тоа нека е лекција од мене за младиот амбициозен лекар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот