Д-р Гагачовска од Клиничка болница – Битола: Вирусот е подмолен, во моментов имаме 33 хоспитализирани пациенти (ВИДЕО)

Од 7 април Клиничка болница – Битола е регионален КОВИД центар. Во моментов имаме 33 хоспитализирани пациенти. Морам да кажам дека добро се справуваме, но персоналот е изморен, постојано е на работа, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, д-р Билјана Гагачовска.

-Испративме екипа од три медицински сестри по барање на Министерството за здравство за помош во ГОБ „8 септември“. Но морам да кажам дека персоналот три месеци без престан работи во првите борбени редови и се навистина изморени. Секојдневно сме во контакт со министерот и другите служби. За среќа сега за сега состојбата со заболен медицински кадар е стабилна. Имаме само неколку лица во изолација. Вирусот е подмолен. Ние мора да внимаваме постојано, но поради постоењето на асимптоматските случаи не можеме да знаеме кога се доаѓа во контакт со заразата. Затоа и мора да се почитуваат мерките. На работното место се почитуваат протоколите, вели Гагачовска.

Таа додава дека операциите и се што е итно и неодложно, се хоспитализира и се работи интензивно.

-Во нашата болница немаме услови за лекување со крвна плазма, имајќи предвид дека тука се згрижуваат средно тешки и тешки пациенти. Најтешките се испраќаат во Скопје. А по однос на тоа дали има донатори, не можам да ви одговорам, бидејќи тоа спаѓа под трансфузиологија која не е под надлежност на Клиничка болница – Битола, изјави д-р Гагачовска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот