Д-р Фанка Гилевска, специјалист офталмолог: Професионалниот раст доаѓа преку истражување и многу работа

Сите методи што се користат во светот ги има и кај нас. Ласерската корекција на диоптрија изминативе години се покажа и се потврди како успешен метод за брзо, безболно, безбедно и трајно да се ослободите од очилата.

Фанка Гилевска е специјалист офталмолог. Важи за докторка која е секогаш достапна за пациентите, и со секој пациент гради личен однос втемелен на доверба, стручност и посветеност.  Најмногу ја мотивира истражувачката работа, а кога има потреба за нови практични вештини и примена на нови методи на работа, болницата ѝ дава поддршка за напредување и учење, со цел на крај новото знаење да се примени на пациентите.  Вели дека успехот и напредувањето во животот се резултат на многу учење, работа и соработка со луѓе без разлика на полот. Квалитетното образование, родителите без предрасуди и вистинските пријатели ѝ помогнале да биде тоа што е. За неа животот е баланс меѓу навиките, а здрави навики се оние што може да ни донесат психолошки мир. Нејзино превозно средство е велосипедот, а се чувствува „совршено“ дотерана во своите патики.

Дискриминацијата против жените е реален, присутен и слоевит проблем во земјава.

Припаѓате на генерацијата доктори кои се во чекор со светските трендови и технологијата на полето на офталмологијата. Во Загреб за научен труд добивте награда за најдобар млад офталмолог, а редовно сте предавач на конгресите што се однесуваат на новитетите во офталмологијата, во нашата земја и во Хрватска. Може ли накратко да ни кажете на што најмногу се однесуваат тие новитети?

– „Новитети во офталмологијата“ е настан кој во нашата држава првпат беше организиран во 2015 година и секоја година понатаму. Цел на настанот е да се собереме сите офталмолози од нашата држава и меѓусебно да поразговараме за сѐ што се случува во нашата област во светот и како да ги примениме искуствата овде. Презентираме нови методи на дијагностика и лекување, технолошки новости, нови лекови и сѐ останато што се случува во светската офталмологија. Медицината е наука во која морате постојано да сте во тек со светот и преку еден ваков настан на сите офталмолози им овозможуваме да ги чујат најважните и најинтересните новости како да биле на светски конгрес.

За разлика од порано, сега има брзи, безболни и трајни начини со кои пациентите може да се ослободат од очилата или од леќите и да гледаат одлично без нив. Кои се методите што се достапни, проверени и потврдени кај нас?

– Сите методи што се користат во светот ги има и кај нас. Ласерската корекција на диоптрија изминативе години се покажа и се потврди како успешен метод за брзо, безболно, безбедно и трајно да се ослободите од очилата. Наменета е за млади, над 18 години и со стабилна диоптрија. Во случаите каде што диоптријата е превисока, а рожницата претенка за ласерска корекција на диоптријата, вградуваме факични интраокуларни леќи. Со нив пациентите постигнуваат подобра видна острина отколку со кое било друго помагало, очила и контактни леќи. Кај повозрасните кои веќе имаат и очила за читање, вградуваме мултифокални интраокуларни леќи, со што овозможуваме  еднакво добро да гледаат и на далеку и близу, и на средно растојание. Нашите искуства споредбено со искуствата во светот се одлични, ние веруваме во тие оперативните методи што ги работиме.

Често слушаме дека треба да се навикнеме на новото нормално, а веројатно и треба да се промениме и да создадеме ново нормално. Во таа насока, почнавме многу да размислува како да обезбедиме пристап за оние на кои тоа им е потребно, дури и во услови на криза. Започнавме со онлајн-консултации со закажани термини, кои во краток период наидоа на позитивен одзив кај пациентите.

Деновиве активно работите на вашиот докторат од областа на рефрактивната хирургија на Универзитетот во Загреб. Колку на вашиот професионален раст и развој влијае системската, техничката  и научната рамка што ви ја овозможува болницата во која работите?

– Болницата во која работам не работи во рамка. Тоа е многу важно за мене како лекар и истражувач. Ако имате желба за новости било да се тоа практични вештини, истражување, примена на нови методи на работа, имате слобода, поддршка за напредување и учење, и тука и во странство, со цел новото знаење успешно да се примени во работата со пациентите. Мојата идеја за темата за докторатот произлезе од секојдневната работа со пациентите со кератоконус и потребата да го предвидиме подобрувањето на видот кај нив, а со тоа и да влијаеме на него. По консултација со колегите во Хрватска и со колегите во Лондон, почнав да работам на создавање нов математички модел за предвидување на резултатот по интервенцијата „крос линкинг“. Истражувачката работа ме мотивира, многу ми е интересно и се надевам дека она што ќе го откриеме ќе биде корисно за секој офталмолог.

Има ли Македонија доволно стручни кадри од оваа област? Се инвестира ли доволно во младите доктори, кои треба да бидат идна медицинска сила во вашата област?

– Сопствениот интерес и желбата за знаење се пресудни во учењето и  стручноста.  Ние даваме можност за стручно усовршување на младите да научат повеќе за офталмологија овде или да заминат да научат во странство, па да се вратат да лекуваат во нашата земја. Секој што се јавил кај нас, со силна желба и интерес да учи и да работи, ја добил таа можност. Технологијата која сега ни е достапна и поврзаноста со светот преку неа, на секој млад човек му дава дополнителна можност и пристап кон речиси целото знаење на светот. Со приближувањето кон Европската Унија најмногу се радувам на европските фондови во практикувањето на науката.

Ја создавате и живеете филозофијата на PX (Patient Experience), каков е вашиот однос кон пациентите?

– Нè води искуството на пациентите, за секој пациент одвојуваме доволно време за да создадеме личен однос втемелен на доверба, стручност и посветеност. Пациентот кога излегува од нашата болница е детално информиран за својата болест, со чувство дека учествува во планирањето на своето лекување и со можност да нè контактира секогаш кога му е потребно. Чувството на посебност и личен однос со секој од нив не се заборава.

Начинот на живеење и работење денес многу често е поврзан со постојано или хронично изложување на стресни ситуации, кои имаат последици врз целокупното здравје на човекот. Како хроничниот стрес најчесто се одразува на видот?

– Очите се многу издржливи и за среќа, добро го поднесуваат стресот. Се менува начинот на живот на луѓето, начинот на работа, хобито се менува. Луѓето еволуираат, без разлика дали е таа еволуција кон подобро или полошо, но има промени. Најчест проблем се „Компјутер вижн синдрома“ (Computer vision syndroma) и лоша позиција на вратот. Исто така, почести се системски болести кои предизвикуваат оштетување и на очите. Дијабетот е во пораст и тоа загрижува, зашто во нашата земја сè уште пациентите се јавуваат по појавата на симптоми, а подобро би било да се откријат промените на очното дно пред да се појават симптомите. Тргнувајќи од превенцијата и раната дијагностика, како клуч за успешно лекување од пред три години многу активно водиме проекти за едукација на офталмолози, матични лекари и на широката популација за различни очни болести. На тие работилници се обидуваме да ги приближиме пациентите до лекарите, да го избришеме стереотипот дека се оди на лекар само кога си болен. Многу успешно ја завршивме кампањата за дијабетичка ретинопатија, со што во нашата установа за 30 отсто се зголеми бројот на пациенти со почетна форма на дијабетичка ретинопатија, а лекувањето е полесно и поуспешно.

Хероина е мајка ми зашто успева да разбере, да прифати и да поддржи апсолутно сè што сме побарале од неа јас и брат ми низ годиниве. Хероини ми се другарките, затоа што и покрај сите влијанија на околината, работна и животна, не престанаа еднакво гласно да се смеат.

Со промените во начинот на живеење поради појавата на коронавирусот се промени и реалноста и начинот на комуникација со пациентите, се развија нови и иновативни методи на комуникација и обезбедување грижа за нив. Водите проект за дигитална трансформација и искуство на пациенти. Кажете ни повеќе за тоа?

– Во април кога Министерот за здравство повикуваше да останеме дома и истовремено имавме долги карантински викенди и полициски часови, имавме огромен број телефонски повици од нашите пациенти и нивните пријатели, соседи и секој кој можел да добие број од нашата болница или од некој од докторите. Често слушаме дека треба да се навикнеме на новото нормално, а веројатно и треба да се промениме и да создадеме ново нормално. Во таа насока, почнавме многу да размислуваме како да обезбедиме пристап за оние на кои тоа им е потребно, дури и во услови на криза. Започнавме со онлајн-консултации со закажани термини, кои, на мое изненадување, во краток период наидоа на позитивен одзив кај нашите пациенти. Тековно во болницата воведуваме и други дигитални канали на комуникација со нашите пациенти, за да обезбедиме континуитет и квалитетна нега за нивните очи. Но офталмологијата е област која во најголем дел од случаите мора да се види, да се направи преглед за да се дијагностицира болест. Ние ставаме и капки за ширење на зениците со цел преглед на очното дно. Нашата предност е во тоа што пациентите кои биле на преглед и имаат поставено дијагноза, поминале низ едно предавање, заедно со своето семејство, околу тоа што претставува таа болест, кои се симптомите на болеста, кои се знаците за влошување, а кои на подобрување, кои се нашите очекувања и во кој временски период. Исто така, ги тренираме пациентите за користење онлајн-алатки, за проверка на симптомите на болеста. На тој начин ги подготвуваме за еден тип самоконтрола, која е под надзор на лекар, и е онлајн. Друг дел од пациентите имаат потреба од консултација, која без проблем може да се изврши онлајн. Трет дел се пациенти кои на определени интервали примаат терапија, и кај нив можеме да го направиме само протоколот на апликации и договорот за апликација на лекот. Со тоа, пациентите кои не е неопходно да дојдат на преглед, нема да дојдат. Од друга страна, во чекалните строго се придржуваме на препорачаните дистанци меѓу пациентите кои морале да дојдат на преглед.

Многу се зборува за тоа дека треба да се води здрав живот, да се создаваат здрави навики и да се намали ризикот по здравјето.  Помалку или повеќе сите знаеме што значи тоа, но малкумина од нас тоа го спроведуваат во пракса. Вие сте од оној тип жени на кои здравиот начин им е стил на живеење.  Како го спроведувате ваквиот концепт на живеење?

– Секој од нас има и здрави и нездрави навики. Го гледам животот како баланс меѓу двете. Имам чувство дека кога имаме повеќе години, имаме и повеќе здрави навики, како да чувствуваме дека организмот може помалку да компензира. Мене велосипедот ми е превозно средство до работа и назад. Тоа беше така и кога одев во средно училиште, и на факултет, и во Загреб на специјализација. Мојот син почнав да го возам на велосипед веднаш штом почна да седи. Здрава навика кон која тежнеам денес е сѐ што може да ми донесе психички мир.

Успесите и напредувањето во кариерата сметам дека се резултат на многу учење, работа и соработка со луѓе слични на вас, без разлика на полот.

Се облекувате младешки и лежерно, не им робувате на трендовите и на брендовите, речиси никогаш не носите високи потпетици и неудобни тоалети за да бидете „совршено“ дотерани. Што е за вас жена со стил?

– Во недостаток на сопствени вредности, луѓето се кријат зад туѓите. Брендовите се визуелната форма зад која може да се скрие празнината. Стилот е содржина и препознатливост на личноста. Јас се чувствувам совршено дотерана во моите патики, а гледам и дека сѐ почесто ги носат, изгледа станаа тренд.

Здрава навика кон која тежнеам денес е сѐ што може да ми донесе психички мир.

Со оглед на тоа дека вашата професија е доста сложена и бара голем ангажман, дали Ви помага партнерот во извршувањето на домашните обврски?

– Нема такво нешто како женска работа – им вели Биби на Џиновите.

Постојано се зборува за еманципација на жените. Какво значење има таа за Вас, колку и дали жените кај нас се еманципирани?

– На тема еманципација можам да зборувам од позиција на привилегија. Без разлика на сопствениот вложен труд, свесна сум колку ми помогнало тоа што сум имала квалитетно образование, родители без предрасуди, вистински пријатели. Тоа ме штити од евентуална дискриминација заради тоа што сум жена. Не секоја жена ги има горенаведениве привилегии. Дискриминацијата против жените е реален, присутен и слоевит проблем во земјава.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот