Д-р Елена Јовановска Јанева: Добро контролираната астма е најдобрата заштита од влошување на астмата предизвикана од ковид-19

приватна архива

Најдоброто нешто што може да го направи едно лице со астма е да ја задржи својата болест под контрола, со редовна употреба на препишана терапија од матичен пулмолог. Исто така, постојат докази дека егзацербациите на астмата се намалени за време на пандемијата со ковид-19 во светот, и кај нас, вели доктор Елена Јовановска Јанева, супспецијалист пулмо-алерголог.

Што преставува астмата?

– Астмата е светски проблем и едно од најчестите хронични заболувања од кое боледуваат повеќе од 339 милиони луѓе во светот. Во Македонија се проценува дека околу 5,4 отсто или 80.000-100.000 луѓе имаат астма.
Се работи за хронично инфламаторно заболување на дишните патишта во кое учествуваат многубројни клетки и клеточни елементи, кои лачат медијатори и маркери на инфламација. Инфламацијата е асоцирана со хиперреактивност на дишните патишта, која предизвикува симптоми како што се стегање и свирење во градите (wheezing), гушење, и/или кашлица, кои варираат со времето на појавување и интензитетот (се јавуваат особено во раните утрински часови и/или во текот на ноќта), придружени со варијабилна, најчесто реверзибилна опструкција на дишните патишта.

Бидејќи станува збор за лица со хронично заболување, во услови на пандемија со ковид-19, дали болните од астма имаат зголемен ризик да се заразат со ковид-19?

– На почетокот на пандемијата со ковид-19, според препораките на Центрите за контрола и превенција на болести во САД (Centers for Disease Control and Prevention – CDC) и Светската здравствена организација (СЗО), се пристапи со голема сериозност и претпазливост кон сите пациенти со хронична болест, меѓу кои беа и астматичарите.
Но, како што одминуваше времето, повеќето студии ги анализираа астматичарите и сугерираа дека пациентите со астма немаат поголем ризик да се заразат со ковид-19 отколку општата популација, доколку се добро контролирани.
Податоците објавени во најголемите студии од САД и Кина, од хоспитализираните пациенти со ковид-19, покажаа дека преваленцата на астма во популацијата со ковид-19 била под очекуваната општа распространетост на населението.
Важно е да се запамети дека имаме пандемија и секои нови информации може да ја променат ситуацијата во иднина…
Бидејќи тестирањето за ковид-19 е сè уште ограничено, невозможно е да се каже со сигурност дали некои групи имаат повеќе или помалку веројатност да се заразат со болеста.

Дали луѓето со астма имаат зголемен ризик од тешка форма од ковид-19?

– Американската академија за алергија, астма и имунологија – Тhe American Academy of Allergy, Asthma & Immunology (AАAAI) даде изјава на 12 март 2020 година дека: „Пациентите со тешка астма, имунодефициенција и други хронични состојби каде што имунолошкиот систем може да биде компромитиран, се изложени на зголемен морбидитет и морталитет од вирусни инфекции воопшто. Претпоставуваме дека кај овие лица треба да се препорачуваат мерките на претпазливост за коронавирус“.
Центрите за контрола и превенција на болести во САД (Centers for Disease Control and Prevention – CDC) последно ажурирани на 20 јануари 2021 година, предупредуваат дека лицата со средно-тешка форма на астма се група што може да има поголем ризик за сериозно заболување од ковид-19.
Исто така, неколку изолирани студии сугерираат дека пациентите со неалергиска астма можат да бидат изложени на поголем ризик за развој на тежок ковид-19, и ја нагласуваат потребата за точна фенотипска додиференцијација на астмата, истакнувајќи дека можеби се работи за пациенти со астма – ХОББ Overlap. Всушност, тоа се пациентите со повеќе слични карактеристики на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) и се претпоставува дека имаат зголемен ризик за развој на потешка болест доколку се инфицираат со SARS-CоV-2.
Една поголема студија направена во државата Њујорк вели дека и покрај предупредувањата дека астматичарите се изложени на поголем ризик од коронавирусот, астмата се појавува кај само околу 5 отсто од сите смртни случаи со ковид-19.
Астмата не е силен фактор на ризик за стекнување на ковид-19, но неконтролираната астма може да доведе до поголем ризик од тешка болест или смрт од ковид-19.

Дали SARS-CoV-2 (ковид-19) може да предизвика влошување на астмата?

– Респираторните вируси, вклучително и различните типови на коронавирус кои предизвикуваат настинка (непандемичните коронавируси), можат да предизвикаат влошување или егзацербации на астмата и веројатно е дека и SARS-CoV-2 може да го стори истото.
Исто така, постојат докази дека егзацербациите на астмата се намалени за време на пандемијата со ковид-19 во светот, и кај нас.
„Дури и да го немаме грипот оваа година, а најчестите респираторни вируси практично не постојат во моментов, благодарение на преземените мерки и препораки за заштита од ковид-19.“
Една неодамнешна студија од Детска болница во Бостон, покажала намален број на хоспитализации дури за 80 отсто во однос на хоспитализациите за време на раните месеци на пандемијата поради акутна егзацербација на астма.

Дали треба да се продолжи или прекине употребата на терапијата за астма во услови на пандемија со ковид-19?

– Нема докази дека употребата на инхалаторната терапија го зголемува ризикот од ковид-19 или дека ја зголемуваат сериозноста на инфекцијата.
Најважно е дека секојдневната употребата на инхалаторната терапија е клучна за одржување на контролата на болеста, бидејќи добро контролираната астма е веројатно најдобрата заштита од егзацербација на астмата предизвикана од вирусот SARS-CoV-2.
Прекинување на терапијата ќе го доведе лицето во ризик за развој на влошување или егзацербација на астмата, потреба од болничко лекување и многу поголем ризик да биде изложен на некој заболен со ковид-19.
Би сакала да нагласам дека пулмо-алерголозите заедно со матичните доктори, се клучен сегмент од едукацијата на пациентите за нивната болест, потребата од правилната и континуирана употреба на инхалаторната терапија…

Што треба да направат луѓето со астма ако имаат симптоми на покачена телесна температура, треска, кашлица, отежнато дишење и замор?

– Доколку имате некој од горенаведените симптомите, кои многу често се јавуваат и при влошување или егзацербација на астмата, а се заеднички и со ковид-19, треба веднаш да се самоизолирате и да контактирате со Вашиот матичен доктор и Вашиот матичен пулмолог за понатамошни совети.
И на крај, само би повторила дека најдоброто нешто што може да го направи едно лице со астма е да ја задржи својата болест под контрола со редовна употреба на препишана терапија од матичен пулмолог.
И секако социјалното растојание, носењето на маски, одржување на личната хигиена, одбегнување на метежи, самоизолација доколку почувствувате некој од симптомите на ковид-19, се најсилното оружје во борбата со овој непознат непријател.

Асс. д-р мед. науки Елена Јовановска Јанева,
супспецијалист пулмо-алерголог

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот