Д-р Драгана Емел-Маркоска, педијатар: Кај децата многу се мали шансите за развивање на тешка клиничка слика од коронавирусот

Стапката на заболени и смртност предизвикана од коронавирус секојдневно се менува, но сепак, останува фактот дека смртноста кај децата е на многу ниско ниво. За деца до 9-годишна возраст не се забележува, за децата до 18-годишна возраст е 0,2 отсто.

И покрај пандемијата, д-р Драгана Емел-Маркоска секојдневно оди на работа. Таа е специјалист педијатар во ординацијата ПЗУ „Старс Медика“. Оние кои ја познаваат претпоставуваат што ѝ е најтешко – социјалната дистанца. Зашто таа, во нормални услови, кога децата ќе дојдат во ординација, прво ги гушка, потоа тие ѝ го раскажуваат денот, ѝ ги покажуваат играчките, па дури после прегледот може да започне.

– Е сега тоа ни е отежнато. За нив, оваа новонастаната ситуација е чудна, а јас заедно со родителите се обидуваме на наједноставен начин да им објасниме што се случува и зошто повеќе не се гушкаме и не играме како порано. Ама ќе издржиме, се надевам уште малку – вака го почнуваме разговорот со д-р Емел-Маркоска, која е инаку мајка на две мали машки дечиња, кои се научени секојдневно да одат надвор, да играат брканица, фудбал и на многу други активности кои вклучуваат трчање, трошење на енергија.

– Сега со седењето дома имаме голем проблем, немаме каде да ја трошиме таа енергија, па решивме дека сега станот ќе ни биде едно големо игралиште. Кога одиме надвор ги почитуваме препорачаните мерки за заштита. Едниот син, кој има четири години мисли дека е доктор, па има закажани операции и за нив е потребна соодветна подготовка, па така ги спроведуваме мерките на заштита, додека другиот син е многу мал, малку потешко ни оди, ама се трудиме, барем ништо да не допира, да не става раце в уста – додава таа, пред да преминеме на разговорот на актуелната тема за децата и коронавирусот.

Според тоа што го читаме од искуствата пренесени од Кина, децата се помалку склони кон инфекција со коронавирус и развиваат помалку сериозни симптоми. Дали е потврдено дека децата имаат помалку шанси да се заразат, во однос на возрасните?

– Според информациите и податоците кои секојдневнo ни стигнуваат, можеме да заклучиме дека децата се помалку склони кон инфицирање со коронавирусот и развивање на тешки симптоми во споредба со возрасните, што е доста невообичаено ако го земеме фактот дека најчесто респираторните вируси, како на пример, вирусот на инфлуенца, агресивно ги напаѓа и децата и повозрасните. За среќа, при инфицирање со овој вирус децата пројавуваат благи симптоми и многу се мали шансите за развивање на тешка клиничка слика и потреба за нивна хоспитализација.

Децата се помалку склони кон инфицирање со коронавирус.

Каква е еволуцијата на болеста кај децата, дали се симптомите исти како кај возрасните?

– Кај децата, како и кај возрасните, се забележуваат симтоми на покачена температура, малаксаност, вознемиреност, намален апетит, течни столици, грчеви во стомакот, кашлица, па дури и во некои случаи отежнато дишење, но овие симтоми се со многу послаб интензитет, односно, се поблаги во однос на оние кај возрасните. Според добиените податоци од досега објавените клинички испитувања, може да кажеме дека тоа се должи на повеќе фактори од кои како најзначаен се издвојува имунолошкиот одговор кај децата. Се смета дека кај децата немаме преназначена имунолошка реакција или таканаречена цитокинска бура, процес на прекумерно размножување на клетките на имунолошкиот систем што предизвикува преполнување на алвеолите во белите дробови и доведува до отежнато дишење кај возрасните. Не е исклучено настанување и на воспаление на белите дробови кај децата, но најчесто имаме полесна клиничка слика и помала потреба за хоспитализација.

Каков медицински протокол се предвидува за заболените деца од коронавирус, дали се третираат со иста терапија како возрасните?

– Медицинсиот протокол е секако прилагоден на детскиот организам, се прави во зависност на клиничката слика, симптомите, заедно со тимот на инфектолози.

Дали астматичните деца се со поголем ризик од другите?

– Да, тоа е секако најголемата закана периодов. Овие деца се буквално без никакви симтоми, тие се всушност здрави деца кои се носители на вирусот и може да го пренесат на други луѓе кај кои може да се појават симптоми и другото лице да заболи. Затоа е всушност потребна социјалната дистанца.

Имате ли податоци колкава е стапката на смртност од коронавирус кај деца во светот?

– Стапката на заболени\смртност секојдневно се менува, но сепак останува фактот дека смртноста кај децата е на многу ниско ниво. За деца до 9 годишна возраст не се забележува, за децата до 18 годишна возраст е 0,2%.

Со мерките за домашна изолација, децата минуваат премногу време во затворени простории, наместо под пролетните сончеви зраци, а секој нема соодветен балкон или двор. Со какви суплементи може да се надокнадат бенефитите на природната сончева светлина?

– Бенефитите од отворен простор се многубројни, но војната со непознатиот непријател сега е приоритет. Во овој период треба да се работи на имунитетот на децата првенствено со внес на здрава храна, зголемен внес на овошје и зеленчук, а од суплементи се додаваат витамин Д, Омега-3 масни киселини, витамин Ц, и доколку педијатарот на детето процени, може да се додаде и имуномодулатор/имуностимулатор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот