Д-р Драган Даниловски: Мудро е сите патници што се враќаат од земји со јужноафриканскиот сој, да се тестираат пред влез во Македонија

Фото: МИА

Откако двајца патници кои се вратија од Занзибар, Танзанија, развија симптоми на коронавирусот и беа хоспитализирани во Струга и Скопје, се проверува дали во земјава пристигна јужноафриканскиот сој на коронавирусот. Засега се знае дека едниот патник бил заразен со британскиот мутант на коронавирусот, а за другиот резултатите се чекаат.

Сите вируси па и оној кој го предизвикува Ковид 19, постојано мутираат во нови верзии или варијанти. Овие мали генетски промени се случуваат кога вирусот прави нови копии од самиот себе, да се шират и да напредуваат.

Повеќето се безначајни, а некои може да бидат и штетни за опстанокот на вирусот. Но, некои мутации може да го направат поинфективен. Сега кружат многу илјадници варијанти на пандемискиот вирус. Но, експертите се загрижени за јужноафриканската варијанта. Дали овој јужноафрикански сој на коронавирусот е поопасен?

Епидемиологот професор доктор Драган Даниловски за „Слободен печат“ вели дека нема докази оти варијантата од Јужна Африка предизвикува потешки симптоми. Како и со оригиналната верзија, ризикот е најголем кај луѓето кои се постари или имаат хронични заболувања.

-Но, тој полесно се шири и вакцините може да не се ефикасни против него. Прерано е да се каже со сигурност во која мера делуваат вакцините против оваа варијанта, додека не бидат завршени повеќе тестови, иако не е многу веројатно дека мутациите ќе ги направат вакцините сосема бескорисни. Научниците ја тестирале вакцината на Фајзер во лабораторија користејќи примероци на крв од вакцинирани лица. Се покажало дека вакцината делувала но била помалку ефикасна. Првите резултати за вакцината на Модерна сугерираат дека таа се уште е ефикасна против варијантата од Јужна Африка, иако имунолошкиот одговор не може да биде толку силен, изјави професор доктор Даниловски за „Слободен печат“.

Две нови вакцини против коронавирусот што можат да бидат одобрени наскоро, едната од Новакс а другата од Јансен, се чини дека нудат одредена зашита од јужноафриканската варијанта.

– Прелиминарните резултати сугерираат дека вакцината Оксфорд, Астра Зенека, нуди ,,ограничена” заштита од лесни симптоми од јужноафриканската варијанта, но експертите велат дека сепак треба да штити од тешки симптоми. Кинеската вакцина Синофарм, соопштено е дека има ефект врз јужноафриканецот, иако делумно редуциран. Дури и во најлошото сценарио, вакцините може да бидат редизајнирани и адаптирани на јужноафриканецот. Во прашање е период од недели или месеци, посочува Даниловски.

Во Јужна Африка вирусот е доминантна варијанта. Регистриран е во најмалку 20 други земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Австрија, Норвешка, Јапонија, Словенија и Хрватска.

-Сметам дека би било мудро сите патници од земјите во кои е регистриран овој мутант, да се тестираат на влез во земјата. Патување во странство, било каде, во моментов сметам дека претставува непотребен ризик по здравјето, предупредува професор Даниловски.

Маж хоспитализиран со ковид-19 во Струга, се вратил од патување во Занзибар, Африка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот