Д-р Чолакова Дервишова: Не е можна злоупотреба, само вакцинираните можат да добијат сертификат

EPA EFE
Фото: EPA-EFE/GIUSEPPE LAM

Сертификатите за примена вакцина кои матични лекари треба да им ги издаваат на вакцинираните пациенти им го отежнуваат работењето на матичните лекари, им трошат хартија и тонер, а им прават и дополнителен метеж на шалтерите и во ординациите, вели во изјава за „Слободен печат“ претседателката на Здружението на матични лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова.

-Вакцинираните пациенти треба да добиваат сертификат за примена вакцина уште на самиот пункт за вакцинација. Во секој пункт за вакцинација има мрежни принтери што овозможува да се издаде сертификатот. Нас ова не само што ни прави метеж во ординациите, туку ни претставува и дополнителен трошок. Капитацијата не е осмислена да покрива вакви енормни трошоци, ние едноставно како да сме административци на Фондот за здравство, вели д-р Чолакова Дервишова.

Прашана дали има можност за злоупотреба, односно дали може матичниот лекар да издаде сертификат за примена вакцина на невакцинирано лице, Чолакова одговара дека тоа не е можно, освен ако некој не направи хакерски напад на веб страницата на „Мој термин“.

-Веб страната „Мој термин“ ги објавува податоците за вакцинирани лица, ние тоа го следиме и врз основ на тие информации го „симнуваме“ сертификатот и го печатиме, објаснува Чолакова.

Сертификатите се двојазични, на македонски и на англиски јаизк, што овозможува поголема достапност на информации за граѓаните кои сакаат да патуваат.

Сертификатите како можност за заживување на туризмот

Европската комисија издаде препорака за проширување на списокот на земји чии граѓани можат да ја посетат Европската Унија од туристички причини, само доколку епидемилолошката состојба со ковид-19 во земјата се проценува како добра или ако лицата се вакцинирани.

ЕУ во моментов дозволува туристичко и несуштинско патување во 27 земји-членки на Унијата на граѓани на седум други земји. Комисијата се надева дека ќе ги намали ограничувањата за повеќе земји.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, напиша на Твитер дека е „време да се оживее [ЕУ] туристичката индустрија и прекуграничните пријателства да се обноват безбедно“.

Со предлогот е опфатен план „во согласност со развојот на епидемиолошката состојба во ЕУ, да се подигне прагот на нови случаи на ковид-19, според кој ќе се утврди списокот на земји на чии граѓани ќе им биде дозволено да патуваат“. Комисијата се надева дека системот за дигитални зелени сертификати за докажување на вакцинацијата ќе овозможи проверка на статусот на вакцинација, но дотогаш членовите треба да „прифаќаат сертификати од земји што не се членки на ЕУ, земајќи ја предвид можноста за проверка на автентичноста, валидноста и интегритетот на сертификатот и дали ги содржи сите релевантни податоци“.

Некои земји на ЕУ, како што се Грција и Шпанија, многу се потпираат на туризмот и видоа дека нивните економии страдаат како резултат на ограничувањето на патувањата.

Режими на движење и правила за транзит на државјани на Македонија во други земји, во контекст на пандемијата со Ковид 19

Од 15 јануари 2021 година мора да се изврши електронска регистрација пред влез во Австрија, а потврдата за испраќање да се приложи при влез во државата. Само доколку не била возможна електронска регистрација, може како исклучок регистрацијата да се изврши преку формулар за влез во државата (германска верзијаанглиска верзија), кој треба да се предаде при влез во Австрија. Сите тие што патуваат  во Австрија ќе треба прво да направат регистрација на ова адреса: https://entry.ptc.gv.at/ на германски јазик и https://entry.ptc.gv.at/en  на англиски јазик, без разлика за која цел патуват во Австрија. Обврската важи и за австриските државјани и за лицата кои имаат регулирано престој во Австрија.

Несуштинско патувања од и кон трети земји е забрането во Белгија освен за лица кои вршат суштинска функција. На граѓаните на Македонија, кои транзитират или пак се ученици и студенти кои често патуваат во / од Бугарија дозволен е влез без ПЦР тест на сите Гранични премини. За останатите, вклучително за дипломати и странски делегации, медицински и хуманитарни лица, културни и спортски работници, лица што се лекуваат и нивната придружба,  независно од возраста, за влез во Бугарија потребно е поседување на негативен ПЦР тест, и влезот е ограничен на Граничниот премин „Деве Баир – „Ѓуешево“.

Во моментот влезот во Сојузна Репубика Германија е возможен само од земји-членки на ЕУ и Шенген, како Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн, и поединечни трети земји кои според моменталната епидемиолошка состојба се класифицирани како безбедни (во моментот Австралија, Нов Зеланд, Сингапур, Јужна Кореа, Тајланд, Кина, САР Хонг Конг и Макао на Народна Република Кина), додека влегување од која било друга земја е можно само во исклучителни случаи и е условено од итна потреба.

Како и да е, од сите патници, (освен дефинирани исклучоци) се бара да извршат дигитална регистрација при влез, да презентираат доказ за негативен резултат на тест COVID-19 пред или по влезот во Германија во зависност од статусот на ризик на земјата на потекло и да ги почитуваат прописите за карантин на соодветните сојузни држави.

Во Грција се продолжуваат мерките за ограничување на копнените, воздушните и водните врски на со други држави и се продолжува забраната на влез во Грција на државјани на трети држави (вон ЕУ и Шенгенскиот договор), меѓу кои и за македонски државјани.

Секој што сака да влезе во Израел треба да поднесе изјава за влез на патници преку интернет со важност не повеќе од 24 часа пред закажаното патување.

Во Канада и понатаму е на сила забраната за влез за сите странски државјани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот