Д-р Бубало: За совет јавете се на Ало докторе, а не во Итна помош, ја оптеретувате линијата

Возила на Итна медицинска помош / Фото: Архива на „Слободен печат“

Натпросечно високите температури ќе продолжат и следната недела. Според најавите на синоптичарите до шести август во одредени делови од земјава температурата ќе го надмине и 42-от степен, а вредноста на УВ индексот ќе достигне до 10.

Високите температури го активираа портокалово ниво на опасност од високи температури. Итната медицинска помош работи со пет екипи, но доктор Марина Сотировска, одговорна на смена во ИМП вели дека успеваат да излезат во пресрет на граѓаните на кои проценуваат дека им е неопходна интервенција.

– Дневно имаме по околу 80 повици, оваа бројка за време на пандемијата секогаш беше надмината, кога имавме и над сто повици на ден. Работиме со пет екипи, но излегуваме со пресрет на сите граѓани. По добиена анамнеза за состојбата на пациентот, или даваме совети или веднаш излегуваме на терен. Веднаш даваме терапија и доколку е потребно вршиме и транспорт до некоја од клиниките. Најчесто повици добиваме поради колапси на јавни места, а најчесто во автобуси, но често интервенираме периодов и поради сообраќајни несреќи. Топлото време ја намалува концентрацијата на возачите и на пешаците, се појавува нетрпеливост, се брза да се стигне до саканата дестинација, а во тоа брзање се занемаруваат сообраќајните прописи, вели д-р Марина Сотировска.

Таа нагласува дека посебно треба да се внимава на храната која се конзумира во текот на летниот период, а посебно за време на екстремно високите температури.

– Голем број од повиците кои ги добиваме се поради дехидрираност предизвикана од дијареа и повраќање. Тоа е последица на конзумирање на термични недоволно обработена храна. Затоа апелирам задолжително пред употреба миење на  земјоделско-градинарските производи, термичка да се подготви храната и истата да се конзумира во многу кус рок по подготовката и да се избегнуваат производи кои термички не се обработени, вели д-р Сотировска.

Раководителката на Итната медицинска помош, д-р Милица Бубало апелира до граѓаните, повиците за добивање совети да ги упатат на телефонската линија Ало докторе, за да не ја оптеретуваат телефонската линија на ИМП.

-Значаен дел од граѓаните кои се јавуваат во Итната медицинска помош се за да добијат совет. Не би сакале поради оптеретеноста на линијата да не излеземе во пресрет на некој кому му е нашата помош навистина од животно значење. Затоа ги потсетувам граѓаните дека линијата Ало докторе е се уште функционална, и сите на кои им треба совет од доктор да се јават на 15 123, или кај матичните доктори, а хроничните болни редовно да ја земаат терапијата бидејќи нормално е да чувствуваат потешкотии при промена на временските услови, вели д-р Бубало.

Денеска до 12 часот немало јавување за ниту еден колапс, имало потреба од интервенција за еден мозочен удар и еден пад во автобус.

Министерството за здравство даде препорака да се ослободат од работни обврски бремените жени и лицата на возраст над 60 години.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот