Д-р Бајрактаров: Зголемен бројот на граѓани кои бараат стручна помош на Психијатрија, состојбата со ковид-19 една од причините

Значително се зголеми бројот на граѓани кои бараат помош во нашите амбуланти. Дел од граѓаните имаат потреба од психолошка поддршка поради нивната зголемена вознемиреност, страв, загриженост, напнатост, несигурност и нарушен сон поврзани со семеен член заболен од Ковид-19 или пак непредвидливоста на актуелната ситуација. Главно се работи за различни манифестации на анксиозност или влошување на состојби со кои претходно се соочувале. Родителите, пак, најчесто се загрижени за зголемена вознемиреност кај нивните деца, проблеми во нивното однесување и имаат потреба од совет за тоа како подобро би можеле да пристапат кон нив.

Ова го вели директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров во интервју за МИА. За да си го олесниме овој период, посочува доктор Бајрактаров, ние често препорачуваме да се следат и да се споделуваат информации од релевантни извори, да се ограничи пристапот до социјалните медиуми кои може да ја зголемат вознемиреноста, да се споделуваат проблемите со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите.

– Особено важно е одржувањето на позитивноста, рутината и креативноста во услови на ограничен личен контакт за да си дадеме можност да изнајдеме различни пристапи за нашите проблеми, потенцира д-р Бајрактаров.

Колку граѓани досега побарале помош на телефоните за психолошка поддршка на Клиниката за психијатрија?

Телефонските линии за психолошка поддршка кои ги отвори Универзитетската клиника за психијатрија беа многу зафатени во почетокот на пандемијата, како и во текот на есенскиот бран. Во последниот период е намален бројот на јавувања, но значително се зголеми бројот на лицата кои бараат помош во нашите амбуланти. Вкупно досега имаше околу 5000 јавувања на овие линии.

На која возраст се граѓаните кои имаат потреба од помош, со каква состојба се соочуваат и најчесто каков вид психолошка помош бараат од докторите на Клиниката?

Универзитетската клиника за психијатрија нуди психолошка поддршка за родители на деца и млади, мајки и жени во бременост, како и возрасни лица во самоизолација или оние загрижени за себе и некој близок. Граѓаните имаат потреба од поддршка поради зголемена вознемиреност, страв, загриженост, напнатост, несигурност и нарушен сон поврзани со заболен семеен член или пак непредвидливоста на актуелната ситуација. Главно се работи за различни манифестации на анксиозност или влошување на состојби со кои претходно се соочувале. Родителите, пак, најчесто се загрижени за зголемена вознемиреност кај нивните деца, проблеми во нивното однесување и имаат потреба од совет за како подобро би можеле да пристапат кон нивните деца. Пристапот на стручните лица е индивидуален за секој поединец и семејство, но обично се темели на споделување информирање за нивните реакции и поттикнување на нивната сила за справување со доживеаниот стрес.

Дали се јавуваат граѓани кои бараат совет во врска со претстојната вакцинација против Ковид-19?

Добиваме повици од голем број граѓани кои имаат потреба од информации за различен тип услуги од здравствена, социјална и правна дејност. Засега се ретки повиците поврзани со претстојната вакцинација, но секако сме тука доколку некој граѓанин чувствува вознемиреност за периодот што следува. Сепак, доколку не се работи за потреба од поддршка поврзана со влошено ментално здравје, нашиот пристап е да ги упатиме граѓаните до соодветните институции кои би можеле да им бидат од помош.

Колку прегледи дневно се вршат на закажани пациенти преку системот „МојТермин” со примена на принципите на телепсихијатрија со користење на апликациите Вибер или Ватсап?

Со примена на принципите на телепсихијатрија ние се осигуруваме дека закажаните прегледи на нашите пациенти се одвиваат непречено кога имаат потреба. На овој начин, лицата кои чувствуваат некоја несигурност околу физичко присуство, се заболени од вирусот или специјалистот одлучува дека некои од контролните прегледи може да се одвиваат телефонски, пациентите дури и во овие посебни околности може да пристапат до потребната услуга. Претходно имаше прегледи на 500 пациенти со примена на принципите на телепсихијатрија. Месечно сега се вршат прегледи на 300 пациенти со примена на принципите на телепсихијатрија од кои најголем број се пациенти од ризични групи, пациенти во изолација и со Ковид-19.

Колку е влошено менталното здравје на граѓаните, имајќи го предвид долгото траење на пандемијата, починатите од Ковид-19 членови на семејства, пријатели…, како и неможноста за контакти, дружење со пријатели, патувања, извршување разни активности, задолжителното носење маски,…и што вие им советувате?

Помина подолг период од кога ситуацијата со Ковид-19 го промени секојдневието на повеќето од нас. Во зависност од претходните животни искуства и комплексноста на ситуацијата во која се наоѓаат одредени поединци и нивните семејства, луѓето може имаа различни реакции во месеците кои изминаа. Некои успеваат да се потпрат на нивната сила и да се соочат со промените со полесни потешкотии, но сепак, некои имаат потреба од дополнителна поддршка за да се приспособат со одредени искуства. За да си го олесниме овој период, ние често препорачуваме да се следат и да се споделуваат информации од релевантни извори, да се ограничи пристапот до социјалните медиуми кои може да ја зголемат вознемиреноста, да се споделуваат проблемите со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите. Особено важно е одржувањето на позитивноста, рутината и креативноста во услови на ограничен личен контакт за да си дадеме можност да изнајдеме различни пристапи за нашите проблеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот