Двајца повредени граѓани со сопствени возила денеска околу 13 часот биле донесени во Градската болница во Скопје, откако претходно се пресметувле со огнено оружје. Благодарение на брзата интервенција на полицијата спречено било семејствата на повредените кои исто така дошле пред болницата, да влезат внатре и да ескалираат тензиите. Информацијата за „Слободен печат“ ја потврди директорот на болницата доктор Љубен Арсенков, субспецијалист по абдоменална хирургија.
-Благодарение на брзата, енергична и ефикасна акција на Алфите и другите специјални единици кои дојдоа пред болницата, брзо и енергично спречија инцидентот да не продолжи внатре во болницата и за ова сакам да изразам јавна благодарност. Двајцата пациенти ги примивме во тешка состојба, со комплексни повреди со масивно внатрешно крварење и интервенцијата траеше три часа. Едниот е во животозагрозувачка состојба на интензивна нега. Установата реагираше со сите свои расположливи кадри и дијагностички процедури. Полицијата спречи две големи групи присутни од фамилиите на повредените да влезат внатре. Се расправаа пред болницата, сакаа да влезат со повредените, но полицијата ги спречи и ги раздвои. Ова се случи околу 13 часот. Се создаде голем метеж, почна вербална пресметка надвор и сакаа да влезат внатре. Освен благодарноста сакам да ја искористам оваа прилика да напоменам дека можеби и постојано треба да има припадници на МВР пред Градската болница, за да ги заштити вработените и да не се дозволува ескалација, ни изјави доктор Арсенков.
ФОТО | Хаос пред Градска: Ранет во вооружена престрелка, барајќи помош, со голф влета во болницата