Црногорците избираат локална власт, а во Никшиќ се кршат копјата: Ќе падне ли Ѓукановиќ и во родниот град?

Црногорците денеска ја избираат својата локална власт. Од утрово во 7 часот се отворени гласачките места, а веќе во 9 во вториот по големина град, Никшиќ гласале 15 проценти од избирачите.

Во градот има 138 избирачки места кои денеска се отворени до 20 часот и можност за гласање ќе имаат 58.833 гласачи регистрирани во Избирачкиот список кои треба да изберат 41 пратеник во локалниот парламент.

Набљудувачките од невладината организација Центар за мониторинг (ЦЕМИ) соопштија на Твитер дека до 9 часот на гласање во Никшиќ излегле 15,6 отсто од запишаните гласачи.

Локалните избори во Никшиќ се сметаат за прасудни зошто на нив треба да се запечати падот на партијата ДПС на Мило Ѓукановиќ која, до пред поразот на парламентарните избори во август годинава, 30 години ја држеше власта во Црна Гора.

На локалните избори во овој град учестуваат шест листи, а власта во градот ќе се обиде да ја задржи коалицијата „Европски тим за Никшиќ“ предводена од ДПС и на тој начин да го спречи неминовниот пораз во родниот град на нивниот претседател Мило Ѓукановиќ и евентуалното заминување во политичката историја.

За власт на локално ниво се борат партиите од владејачката коалиција кои во Никшиќ настапуваат одделно. Листата „За иднината на Никшиќ“, чиј стожер е Демократскиот сојуз на Андрија Мандиќ, на своето лого ги има боите од претходното црногорско знаме, како и на сегашното српско знаме.

Покрај нив, на гласачкото ливче е и листата „Мирот е наша нација“ на демократите на Алекса Бечиќ, листата „Црно на бело“ која ја предводи партијата УРА на Дритан Абазовиќ, движењето наречено „Не го даваме Никшиќ“ предводено од Гордана Радовиќ која пак му е советничка на премиерот Здравко Кривокапиќ. Тој досега јавно не поддржа ниту една од листите на изборите во Никшиќ.

На листата е и Народното движење на бизнисменот Миодраг Дака Давидовиќ.

Гласањето во Никшиќ се одвива во напната атмосфера и ривалство меѓу партиите, меѓудругото дека тоа е родниот град на претседателот Мило Ѓукановиќ, па во кампањата се забележани и неколку инциденти меѓу поддржувачите на партиите кои учествуваат на овие локални избори.

Аналитичарите веќе ги оценија изборите во Никшиќ како пресудна пресметка меѓу власта и опозицијата во Црна Гора, па затоа и во медиумите им се дава големо значење.

Откако на парламентарните избори во август 2020 година загуби партијата на Мило Ѓукановиќ -ДПС, сегашните локални, се сметаат за уште еден тест на политичките сили во Никшиќ за да се покаже дали во меѓувреме успеале да се „засилат и да земат замав на политичката сцена“.

Според Владимир Павичевиќ, директор на подгоричкото Друштво за истражување политики и политички теории престои „тежок“ пораз за ДПС и таа состојба според него е последица на поразот на парламентарните избори, но и поради неспроведувањето реформи на неодамна одржаниот вонреден конгрес.

Анализирајќи ги анкетите, Павичевиќ вели дека фаворит со убедлива предност е коалицијата „За иднината на Никшиќ“, обединета околу Демократскиот фронт, која би можела да има многу повеќе гласови од листата на ДПС.

– Тоа е многу интересен податок и тоа би било првпат, од обновата на повеќепартизмот во Црна Гора, во Никшиќ некој изборна листа да има поединечно повеќе гласови од ДПС, вели политикологот Павичевиќ.

Од друга страна, лидерот на ДПС и претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ во предизборната кампања за локалните избори во Никшиќ настапи со иста реторика дека Србија се меша во изборниот процес во Црна Гора.

Ѓукановиќ ги плаши Црногорците со „Голема Србија“

Ѓукановиќ на трибина во Никшиќ излезе со обвинувања дека Белград работи на проект за „Голема Србија“ која би ја опфатила и Црна Гора и дека најновиот залет на тој концепт се видел во време на парламентарните избори минатата година.

Ѓукановиќ нагласи дека таквата кампања во изборите за освојување на власта во Никшиќ е уште „поагресивна и поотворена“.

Во претходниот мандат, власта во Никшиќ ја освои ДПС во коалиција со Социјалдемократите и во тој четиригодишен мандат управуваа без опозиција во локалниот парламент зошто опозициските партии ги бојкотираа изборите одржани во февруари 2017 година.

Денешните локални избори во Никшиќ освен во напната политичка атмосфера се одржуваат и во многу тешка епидемиолошка ситуација во која се најде градот поради порастот на новозаразени од коронавирусот. Од 10 март градот е во карантин, како и Подгорица, Будва, Тиват, Херцег Нови, Улцињ, Цетиње, Плужине, Бар, Котор, Плевља, со строго ограничување на движењето на населението само во рамките на својот град како и другите рестриктивни мерки на сила се седум дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот