Црна Гора пред банкрот, секој четврти Црногорец е без работа, јавниот долг поголем од БДП

Црна Гора/Фото: Savo PRELEVIC / AFP / Profimedia

Црногорската економија практично е опустошена од коронакризата. Јавниот долг во оваа земја ја надмина вкупната вредност на БДП, а без работа е речиси секој четврти Црногорец, додека падот на економијата е меѓу најголемите во светот. Ако на тоа се додаде и „кинескиот долг“ за кредитот кој Црна Гора уште во 2014 година го зеде за изградба на делници на автопатот, а чии први рати пристигнуваат за наплата кон средината на годината, перспективата воопшто не е розова.

Иако граѓаните и стопанството во текот на пандемијата добија некаква помош од државата преку низа мерки сепак ситуацијата драстично се влоши зошто Црна Гора како приморска земја главно се потпира на туризмот, а тој секаде во светот беше меѓу најпогодените од коронакризата. Месеци наназад бројките се песимистички, а најновиот биланс покажа дека јавниот долг изнесува 103 отсто од БДП и речиси 24 отсто од граѓаните се без работа, што може да дојде до „експлозија на сиромаштијата“, предупредуваат експертите.

Исто така, само во последниот квартал во 2020 година бруто домашниот производ на Црна Гора е намален за 7,5 отсто, според податоците на Монстат. Една консултантска куќа, врз основа на кварталните извештаи, пресмета дека црногорската економија загубила 15,3 отсто и дека за опоравување ќе и бидат потребни најмалку 5 години.

Сепак, најновите проценки од Светската банка се дека Црна Гора оваа година може да забележи раст од 3 отсто.

Поради обврзниците порасна јавниот долг

Колку за споредба, Црна Гора во 2020 година влезе со рекордно високо ниво на вработеност и просечен раст на БДП од 4 проценти во последните пет години. Јавниот долг во 2019 година изнесувал 77 отсто.

Година дена подоцна, на крајот на декември 2020, вкупниот јавен долг на Црна Гора, без депозити изнесуваше 4,33 милијарди евра или 103,28 отсто од БДП, покажуваат последните податоци на Министерството за финансии и социјални грижи на Црна Гора. Вкупниот државен долг со депозитите изнесуваше 3,46 милијарди или 82,48 отсто од БДП.

Депозитите на крајот на 2020 изнесувале 872,43 милиони евра, вклучувајќи и 38,45 илјади унци злато, или 20,81 отсто од БДП.

Според економските експерти до зголемувањето на државниот долг во четвртиот квартал од минатата година дојде, пред се поради емитувањето на обврзници. Имено, на меѓународниот пазар се емитувани обврзници во износ од 750 милиони евра, со рок на доспевање од 7 години каматна стапка од 2,875 отсто годишно.

Долгот порасна и поради повлекувањето на кредитни средства за потребите за реализација на инфраструктуни проекти, првенство изградбата на приоритетната делница Смоковац – Увач – Маташево. За реализацијата на проекти во комуналните дејности, енергетска ефикасност, земјоделие, реформи во даночната администрација, унапредување на патната инфраструктура и набавка на воена опрема повлечени се околу 15,29 милиони евра.

Короната го уништи туризмот

Падот на туризмот сериозно ја разори црногорската економија во 2020 година зошто оваа земја има значително помал сектор индустрија кој излезе како поотпорен во здравствената криза, во однос на секторите услуги и туризам.

Слично поминаа и други земји кои главно се потпираа на туризмот, авиосообраќајот и некои услужни дејности. Короната се смета за најголем виновник за драстичниот пад на црногорската економија и за растот на јавниот долг.

Одредени аналитичари сметаат дека Црна Гора ја плаќа цената за лошата година и веруваат дека, штом ќе успеат да го опорават стопанството, ќе ги стабилизираат и останатите економски показатели.

Повеќе од 55.000 луѓе без работа

Стапката на невработеност во Црна Гора достигна кон крајот на март 23,83 проценти, според тамошниот Завод за вработување. Тоа е за 1,2 проценти повеќе во однос на крајот на февруари и се толкува како продолжување на трендот на стапката на пораст на невработеноста во државата.
Вкупниот број невработени во Црна Гора изнесуваше во март 55.283 лица. Тоа е за 5,4 отсто повеќе од претходниот месец.

Стапката на невработеност во Црна Гора кон крајот на март 2020 година, кога почна корона пандемијата изнесуваше 15,3 проценти.

Подгорица ја повикува ЕУ напомош за една милијарда долари кинески кредит

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот