Црна Гора планира измени на програмата за економско државјанство

Фото: Профимедиа

Црногорската Влада планира со измена на програмата за економско државјанство да му овозможи на висококвалификуваниот кадар, посебно во областите на науката и технологијата, да стекне црногорско државјанство, изјави министерот за економски развој Јаков Милатовиќ.

Тригодишната програма за добивање црногорско државјанство преку вложување во инвестиции, која ја започна владата на поранешниот премиер Душко Марковиќ, започна на 1 јануари 2019 година и би можеле да се доделат околу 2.000 пасоши.

Црногорски пасош може да се добие со вложување во некои од проектите од областа на туризмот, преработувачката индустрија и земјоделство, но досега немало заинтересирани кандидати да вложат во преработувачката индустрија и земјоделство, туку единствено во туризмот.

Претходната власт на листата на развојни проекти од областа на туризмот, за кои може да се добие „златен пасош”, досега ставила вкупно 15 проекти. Инвеститорите можат да бидат и домашни фирми, под одредени услови и за минимално вложување во северниот, централниот и јужниот дел на Црна Гора, како и во Подгорица.

– Премиерот Здравко Кривокапиќ ја изрази намерата на оваа Влада да ја измени програмата за економско државјанство во Програма за државјанство за висококвалификуван кадар. Во тој контекст ќе направиме анализа на постоечката програма за економско државјанство и ќе работиме на модифицирање на постоечкиот модел, со цел на соодветен начин да се валоризираат нашите ресурси и да се создадат претпоставки за одржлив развој, нагласи Милатовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот