Црна Гора: Мали електрани – големи проблеми

Малите хидроенергетски проекти предизвикуваат големи социјални проблеми, кои резултираат во конфликти, интриги, уцени, поделби, простори за корупција и криминални активности, ситни политички манипулации, понижување на нашето културно наследство и непресметлива економска и еколошка штета за сегашните и идните генерации

Денеска во Црна Гора постојат 31 активни договори за мали енергетски централи, односно овој број на електрани е сè уште во фаза на работа. Од 2010 до 2021 година беа раскинати вкупно 14 договори за слични концесии.

Сосема е јасно дека малите хидроенергетски проекти кои имаат мало, скоро невидливо влијание врз енергетската стабилност и независност, а потенцијално големи последици врз реките и околните екосистеми, особено кај „дивите“ реки со вода за пиење, како и за одржливиот развој на руралните области, ја ризикуваат стабилноста на локалните заедници и продолжуваат да го зголемуваат јазот помеѓу групата на пребогати и оние кои секојдневно се борат за гол опстанок.

Манипулации со податоците

Реките се од непроценлива вредност за граѓаните на Црна Гора и затоа е потребно, пред сè, да се процени нивната вредност во екосистемот и, соодветно, со активно учество на јавноста, да се донесе одлука за нивно вреднување, што значи многу повеќе отколку користење на хидропотенцијалот за производство на електрична енергија. Неприфатливо е во 21 век, кога ИКТ алатките се користат во значителна мерка за мониторинг на животната средина, надлежните институции во реално време да не ги следат податоците за квалитетот или протокот на вода, со што јавноста би се заштитила од манипулацијата со податоците за биолошкиот минимум во водотеците, кои им се даваат на концесионерите со децениска употреба.

Несфатливо е дека ниту самите инвеститори, имајќи ги предвид сите контроверзии што ги придружуваат малите хидроенергетски проекти, како ни оние кои им ги прават студиите за проценка на влијанието врз животната средина и надлежните институции кои им ги даваат потребните одобренија, не ги препознале сите ризици од нетранспарентната работа, наместо бизнисот да биде видлив за јавноста во секој дел во врска со влијанието врз животната средина.

 Да се преиспитаат концесиите

Затоа, сметаме дека е од јавен интерес да се преиспитаат сите дадени концесии за малите хидроцентрали, да се направи пресек на моментната состојба со сите еколошки и економски параметри и да се информира јавноста за тоа, со цел да се спречат последиците и да се направи обид да се поправи она што може да се поправи.

Конечно, треба да им се каже на сите кои го ставаат профитот над јавниот интерес и кои се обидуваат да профитираат со дискредитација на граѓанските организации во партиски кругови или се жртви на уцени и притисоци, дека за заштита на реките во Црна Гора вреди да се бориме и дека тие во еколошките организации секогаш ќе имаат искрени заштитници, бидејќи ја препознаваме целата нивна убавина и потенцијал, како и моќта на нивната „дивост“.

(Авторот е директор на движењето за животна средина „Озон“)

Преземено од „Вијести“ од Подгорица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот