„Црн петок“ во Македонија со бледо сива боја: Бомбастични попусти, но само за еден производ

фото: Слободен печат

Голем број продавници во нашата земја со денови ги подготвуваат потрошувачите за „Црниот петок“, кој во САД започна како симбол на евтин шопинг, но и кај нас привлекува се повеќе заинтересирани клиенти.

Дали овие намалувања се навистина големи или станува збор само за „маркетинг манипулација“ ни останува само да се увериме.

Во градовите и продавниците со денови се поставуваат реклами од 10-20 проценти па се до 70-80 проценти на многу производи, од книги до бела техника, а реклами се појавуваат во медиумите, во поштенските сандачиња, телефоните, социјалните мрежи ….

Екипата на „Слободен печат“ беше во обиколка во продавниците во „ГТЦ“ и „Рамстор мол“, каде што на речиси секој излог од продавниците беа залепени попустите за „Црниот петок“. Можевме да забележиме дека најчести попусти беа од 20 и 30 проценти на артиклите кои се продаваат, но имаше и такви каде што пишуваше „попуст до 70 – 80 посто“.

Како купувачите бевме заинтересирани кои производи се на 70 проценти попуст, при што од страна на вработената ни беше кажано дека само еден блузон е со таква акција. Потоа во друга продавница забележавме попуст до 80 проценти, а од целиот асортиман единствено еден вид чорапи можеа да се купат со толкаво намалување.

Во разговор со наши пријатели и познаници, но и според коментарите на социјалните медиуми, честопати може да се забележи нивното разочарување од попустите за „Црниот петок“, особено кога тие знаат колку чинел еден производ пред попустите.

– Каков попуст, каков „Црн петок“… ние не сме Американци. Тоа е нов трик на трговците да заработат на нас. Кога ќе ги видите попустите веднаш ве фаќа некоја еуфорија за да купувате, но според досегашната практика, многу од трговците ги зголемуваат цените пред „Црниот петок“ за потоа да ги намалат – вели еден скопјанец.

– Лани во една позната продавница за чевли забележав зимски чевли кои многу ми се допаднаа, нивната цена изнесуваше 4.000 денари, но цената ми беше висока, се сетив дека наскоро доаѓа „Црн петок“, па одлучив да почекам, со надеж дека тогаш ќе ги купам по поповолна цена. Едвај го дочекав „Црн петок“, отидов до продавницата но таму, наместо со намалување, се соочив со лага. На истите чевли беше ставена цена 5.600 која беше прешкртана (наводно оригиналната цена) и нова цена од 4.500 која всушност беше наведена како цената со попуст за „Црн петок“. Чевлите не беа намалени, всушност беа поскапени за 500 денари. Кога ги прашав продавачките зошто тоа е така, нормално, ги подигнаа рамениците без дополнителен коментар – вели една наша читателка.

Друга читателка посочува дека ваквите лажни попусти се промовираат и на социјалните мрежи.

– Пред некој ден видов објава од една продавница за чевли, „побрзајте попусти до 50 отсто“. Кога ги отворив фотографиите сфатив дека намалени за 50 отсто беа само еден пар детски чизми и еден пар детски топлинки. Чизмите како за мене беа намалени „цели“ 15 посто. Со такви намалувања, кај нас не може да стане збор за „црн петок’, туку за бледо сив петок – вели нашата читателка.

„Црниот петок“ стана синоним за попусти и во другите трговски центри и продавници, но за разлика од САД и ЕУ, попустите не се толку високи.

Во САД, „Black Friday“ е веднаш по денот на благодарноста. Со овој ден се означува почетокот на големата божиќна шопинг сезона и е најпрометен ден во малопродажбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот