ЦИВИЛ: Избори на 5 јули, државата веќе не може да си дозволи одложување

Одложувањето на изборите од 21 јуни на 5 јули веќе е неприфатливо големо поместување на датумот за избори, наведуваат од ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да донесат решение за конечно одржување на предвремените парламентарни избори во Република Северна Македонија. По бројните одложувања на нешто што требаше да бидат брзи предвремени парламентарни избори, нашата земја веќе нема ниту еден ден за чекање. На земјата итно ѝ се потребни функционални институции, парламент и влада со целосен капацитет, наведуваат во соопштение од Здружението на граѓани Цивил.

-Претседателот Пендаровски јасно и недвосмислено ги образложи своите одлуки за воведување на вонредната состојба во изминатиот период: Вонредната состојба нема врска со статистиките од ширењето на коронавирусот, туку со потребата да се овозможи носење одлуки во општествено-економските и здравствените сфери. Одложувањето на изборите од 21 јуни на 5 јули веќе е неприфатливо големо поместување на датумот за избори. Нашата држава веќе не може да си дозволи техничка влада што е составена за да организира парламентарни избори, а не да се бори со тешка закана за здравјето и животот на луѓето. Оваа држава веќе не може да си дозволи ни целосно отсуство на парламент- стои во соопштението.

Ако нема парламент, нема ни демократија, велат оттаму.

-Не постои ниту еден правен, политички, здравствен, па ни морален аргумент со кој изборниот процес може да се сопре или да се одложува за подоцна од 5 јули, освен за да се задоволат политичките амбиции на поединечни политички структури- наведуваат оттаму.

ЦИВИЛ ги повикува релевантните институции час поскоро да ги започнат подготовките за одржување на изборите, да изработат здравствени протоколи за безбедно спроведување на изборниот процес.

ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да придонесат кон подобрување на политичката клима во земјата со јавни изјави и осуда на лажните вести и говорот на омразата. Тие се најодговорни за спроведување на фер, демократски и слободни избори, во кои гласачите можат да направат информиран избор, слободно и без страв.

-Изборниот процес ќе биде толку безбеден за здравјето колку што граѓанките и граѓаните ќе се придржуваат кон мерките за заштита и колку што институциите ќе покажат високо ниво на одговорност, што важи и за секој друг ден во животот на луѓето- посочуваат од Цивил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот